Бизнис

Авзиу: Со влегувањето на новиот инвеститор очекуваме комплетно зголемување на квалитетот на услугите во ски-центарот

Здружение на угостителството и туризмот

Адем Авзиу, управител на „ЕЛЕМ ТУРС“

Економија и бизнис, печатено издание, февруари 2023г.

Како ја оценувате тековната состојба во вашиот сектор? Каде е во тие рамки вашата компанија и што носи иднината?

Земјава е туристичка атракција самата по себе во целост. Природните ресурси со кои располага во делот на планинскиот, езерскиот, селскиот, гастрономскиот туризам може да нè постават на мапата на светски атрактивна туристичка дестинација. Но, сепак, се чини дека ни недостигаат ноу хау техниките, како и соодветно образуван и обучен кадар кој ќе знае како да го извлече максимумот од оваа нечепната убавина.
Морам да истакнам дека изминативе две години, особено во време на пандемијата, поточно во 2021 година, пред сѐ Ски-центарот „Попова Шапка“, но не помалку и Ски-центарот „Копанки“ (со кој исто така стопанисува „ЕЛЕМ ТУРС“) ја имаа една од најдобрите скијачки сезони веројатно тоа е заради промената и реорганизацијата во работата на ски-центарот (промоција, информираност и менаџирање), потоа затвореноста на границите и неможноста скијачите да заминат на други места за скијање, но и обемното количество снег.
Тукушто ја отворивме новата скијачка сезона (бидејќи сега паднаа и првите поголеми количини снег) и доколку правиме анализа, согласно првиот ден на скијање, со сигурност можам да кажам дека пред нас претстои прекрасен скијачки период.
За нашиот ски-центар иднината треба да носи забрзан развој и напредок на центарот. Во блиска иднина, согласно најавите за влез на нов инвеститор во ски-центарот, очекувам значително и нагласено подобрување на комплетната инфраструктура во ски-центарот, но и на сместувачките капацитети и конечно да си го добие заслуженото место на мапата на атрактивни светски ски- -центри, како еден од најстарите, но и најдобри ски-центри во регионот по структура на терените.
Со влегувањето на новиот инвеститор очекуваме комплетно зголемување на квалитетот на услугите во ски-центарот (инфраструктурата на ски-лифтови, нови сместувачки капацитети и жичници, но и паркинг-простор), а со тоа и зголемување на туристичкиот прилив што ќе придонесе за зголемување на прометот по основ на туристички доаѓања. Сето тоа ќе овозможи дополнителни инвестиции не само во развојните можности и туристички атракции туку и во интелектуалниот капитал на друштвото и вкупниот напредок на регионот, па и на државава.

ПРЕПОРАЧАНО