Економија
Концепти: Инвестициски мултипликатор
28.01.2023г.
Теоријата на мултипликаторот е еден од централните концепти на модерната макроекономија. Беше откриен од Р.Ф. Кан во 1931 година и понатаму развиен од Кејнз. Мултипликаторот даден од Кејнз е наречен инвестициски мултипликатор и го објаснува кумулативниот ефект на промените во инвестициите врз приходот преку ефектот на зголемената потрошувачка.
Мултипликаторот покажува дека крајниот пораст на приходот, аутпутот и вработеноста е многу повеќе од првичното зголемување на инвестициите. Тоа е однос преку кој се согледува/мери крајната промена на приходот како последица на почетната промена во инвестициите. Изразено преку формула тоа би изгледало вака: k=ΔY/ΔI, каде k е мултипликатор, ΔY е промената или зголемувањето на приходот, а ΔI е промената или зголемувањето на инвестицијата. На пример, ако има дополнителни 100 евра инвестиции во економијата, поради што националниот доход се зголемува на 400 евра, тогаш вредноста на мултипликаторот е 4. Ова покажува дека зголемувањето на приходот е повеќекратно од зголемувањето на инвестицијата.
Инвестицискиот мултипликатор на сличен начин се однесува кон концептот во кој секое зголемување на јавните или приватните инвестиции имаат повеќе од пропорционално позитивно влијание врз збирниот приход и општата економија. Мултипликаторот се обидува да ги квантифицира дополнителните ефекти на политиката надвор од оние кои се веднаш мерливи. Колку е поголем мултипликаторот на инвестицијата, толку таа е поефикасна во создавањето и дистрибуирањето на богатството низ економијата.
Кејнз првпат откри дека кога има зголемување на планираните инвестициски трошоци на пример за 1 милион евра годишно, националниот доход би се зголемил за повеќе од 1 милион евра. Ваквиот моментален и директен пораст на приходите би бил проследен со понатамошен индуциран пораст на потрошувачките расходи кои ќе се зголемат како резултат на зголемувањето на националниот приход. Но, процесот на создавање приходи не може да продолжи бесконечно. На крајот се поставува прашањето кое е последното зголемување на инвестициите кое не е доволно за да се генерира нов приход. Сепак, на крај, вкупниот пораст на инвестициите, а со тоа и порастот на националниот доход, ќе биде поголем од порастот на индуцираниот инвестициски трошок.
Да се навратиме на примерот, порастот од 1 милион евра планирана инвестиција на за нова изградбата на фабрика подразбира дополнителна годишен приход од 1 милион евра за некои други фабрики, а со тоа ќе се предизвика и секундарно зголемување на потрошувачката. Овие дополнителни пари ќе ги добијат индустриите кои ги снабдуваат потребните материјали за новата фабрика и оние кои всушност ја прават изградбата. Значи, почетниот и директен ефект од автономната инвестиција од 1 милион евра подразбира еквивалентно зголемување на вработеноста и приходите на вработените во тие индустрии. Меѓутоа, овој зголемен приход на работниците ќе се трансферира кон купување потрошувачки добра како храна, облека, автомобили или куќа, а еден дел ќе се пренасочи во форма на заштеда
Ваквото зголемување на потрошувачката е предизвикано или секундарно, а не примарно и истото води кон неминовен порат на аутпутот, со цел да се задоволи дополнителната побарувачка, додека нето резултатот е пораст на вработеноста во сите засегнати индустрии.
За да стигнеме до клучната поента треба да имаме во предвид дека почетната рамнотежна состојба на националниот доход е претставена како еднаквост помеѓу инвестициите и штедењето, односно I=S. Кејнз утврдил дека процесот на создавање приходи ќе трае се додека дополнителното штедење, предизвикано од дополнителниот приход, не се израмни со дополнителната инвестиција.
Теоријата на мултипликаторот е идеално теоретско сценарио, но во реалноста постојат голем број на ограничувања поради кои конечното зголемување на приходот понекогаш може да биде помало од она што треба да биде.
а) Достапност на стоки за широка потрошувачка: Теоријата зависи од достапноста на добрата за широка потрошувачка или она на што луѓето ги трошат своите пари. Ако нема доволно производи за широка потрошувачка тогаш маргиналната корисност ќе падне, а со тоа ќе ја намали и вредноста на мултипликаторот.
б) Континуирана нето-инвестиција: Ефектот на мултипликаторот зависи од нето-инвестицијата, според тоа, потребно е да има континуирани нето инвестиции во сите сектори. Ако има пораст на инвестициите во еден сектор, но пад на инвестирањето во друг сектор, тоа нема да резултира со пораст на приходите.
в) Период на мултипликатор: Период на мултипликатор е временскиот интервал помеѓу добивањето приход и неговото трошење. Кејнз претпоставува дека нема мултипликаторски период, но во реалноста тој постои. Поголем мултипликаторски
период ќе значи пониска вредноста на мултипликаторот, поради помалиот секундарен трошок за потрошувачка.
г) Целосна вработеност: мултипликаторот може да работи само до степен на исполнување целосна вработеност, момент во кој аутпутот и вработеноста ќе престанат да се прошируваат.
д) Достапност на ресурси: недостатокот на ресурси ќе влијае на потрошувачката и мултипликаторот ќе биде понизок. Во реалноста ресурсите се ограничени и имаат алтернативна употреба.
(EиБ)