Економија

Изворот на сиромаштијата како поука за иднината

27.01.2023г

Една од најголемите критиките за слободните пазари на трудот е тоа дека крајниот резултат може да биде значајна нееднаквост во приходите и сиромаштијата. Многумина тврдат дека тие резултати се нефер и сами по себе се извори на неуспех на пазарот на труд. Во денешната колумна ќе ја покриеме страната на сиромаштијата преку диференцирање на различните видови на сиромаштија и причините што може да ја доведат до сиромаштија.

Сиромаштијата може да ја анализираме преку нејзината апсолутна смисла и во нејзината релативна смисла. Апсолутната сиромаштија генерално повеќе е застапена во земјите во развој, но сепак може да се појави и во развиените земји. Апсолутната сиромаштија се смета дека е детектирана кога остварените приходите се под одреден праг, при што поединци или семејства не можат да имаат пристап дури и до најосновните стоки и услуги кои се неопходни за живот, како храна, вода и живеалиште. Според дефиницијата на Светската банка, прагот за класификација во апсолутна сиромаштија е за сите оние кои живеат со помалку од 2 долари дневно, додека релативна сиромаштија е кога приходите заработени од едно домаќинство се помали од даден просек или дадена медијана во општеството.

Она што е битно да се разграничи се однесува на сегментирање на распределбата на доходот. Притоа може да зборуваме за хоризонтална и вертикална еднаквост во распределбата. Првата варијација е присутна кога сите еднакви поединци се третирани подеднакво, односно, доколку имаме двајца поединци кои заработуваат ист доход да бидат одданочени со иста даночна стапка. Од друга страна пак, вертикалната еднаквост подразбира дека оние поединци кои остваруваат најголем доход да бидат одданочени со највисоки даночни стапки, односно примена на прогресивно одданочување.

Во случаи кога сиромаштијата е детектирана треба да се оди малку подлабоко со цел да се најдат нејзините извори, како би можело адекватно да се делува за нејзино сузбивање. Мегу најчестите причини кои доведуваат до сиромаштија се следните:

-          Една од најголемите причини за сиромаштијата е невработеноста. За време на рецесија, кога има пад на агрегатната побарувачка во економијата голем број од работниците може да останат без работа и да го загубат својот личен доход, што доведува до циклична невработеност. Доколку има несовпаѓање помеѓу отворените работни места и понудената работна сила, тогаш станува збор за структурна невработеност. Односно, доколку на пазарот има потреба од програмери, а најголемиот дел од невработените лица немаат такви вештини, тогаш зборуваме за голема веројатност овие поединци да влезат во прагот на сиромаштија. Меѓутоа, во овој случај се креира пропуштена шанса од реструктуирање и дообучување на расположливите ресурси, со цел да се одговори на потребите на пазарот. Таквите трендови доведуваат до долгорочна невработеност.

-          Лошо образование. Овој сегмент можеби е и основата на сиромаштијата. Земји каде образовниот систем е на самите маргини и каде популацијата нема стекнато доволно вештини за да може да биде конкурентна на пазарот, многу тешко ќе може да излезе од фаза на сиромаштија.

-          Лош здравствен систем. Општествата каде ваквиот проблем претставува секојдневие може да доведе до лимитирање на продуктивноста, а со тоа и до лимитирање на можностите за заработка на поединците. Комбинацијата од лошо образование и лошо здравство се најголемата замка која води кон сериозно ниво на сиромаштија.

-          Диференцијација во платите. Има голем број на случаи каде во една држава, па и во еден град може да има големи разлики во висината на платите. Пример, ако ја споредиме просечната плата на вработените во ИТ индустријата и оние во текстилната индустрија, со сигурност просечните плати се разликуваат за најмалку 1.000 еур. Таквите состојби не се здрави за економијата и колку е поголем јазот помеѓу најплатените професионалци и најмалку платените работници, толку ќе биде поголема релативната сиромаштија.

Од друга страна, не можеме да ги исклучиме ниту ситуациите кога причината за сиромаштија е внатре во семејството. Имено, голем е процентот на сиромашни поединци кои се родени во сиромашни семејства. За жал, многу малку од нив успеваат да ги уживаат привилегиите на високо платените работни места. Исто така, уште еден сегмент поврзан со сиромаштијата, а кој произлегува од семејството е тенденцијата децата да продолжат да се занимаваат со професиите на родителите. Особено висок процент на суштинска сиромаштија е евидентиран кај семејства кои се занимаваат со земјоделство и сточарство.

Сите наведени параметри треба да бидат поука за носителите на економски политики, во кој сегмент од државата ќе ги насочат ресурсите. Ако се земе предвид, актуелната ситуација во државава, чесно е да си признаеме дека значително сме потфрлиле во многу сегменти, но сепак сеуште има време за правилно насочување кон иднината, преку правилно инвестирање во квалитетно образование и создавање на високо квалитетен кадар што ќе може да одговори на предизвиците.

(EиБ)

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано