Економија
Тилев: Механизам за проверка на странските директни инвестиции, не дали, туку кога...
Драган Тилев | авторот е државен советник за европски прашања
Економија и бизнис | печатено издание | декември 2022/јануари 2023г.

Ова е третиот текст во серијалот посветен на „Механизмот за проверка (скрининг) на странските директни инвестиции во Северна Македонија, зошто и како“, како коавторска мини анализа и производ на искрена соработка на претставник на економски оператор, на бизнис-асоцијација и на државна институција, секој со ставови во својот индивидуален капацитет. Можеби не толку често за нашиве простори, но позитивниот и отворен пристап кон ова значајно прашање од три различни агли невообичаено „лесно“ нè доведе до заеднички заклучок.
Крајната цел за Северна Македонија е што поскоро да стане полноправна членка на Европската Унија притоа прифаќајќи ги сите придобивки и обврски кои произлегуваат од тој толку долго посакуван статус. Оттука не постои дилемата дали Северна Македонија треба да ја прифати Регулативата за координација за проверка на странските директни инвестиции на ЕУ и да ја вклопи во својот национален правен систем, туку единственото прашање е кога да се започне со подготовка, каков модел да се избере за правна и институционална поставеност и како најдобро да се подготвиме за успешна имплементација на Регулативата со сите нејзини анекси и упатства (а ги има сè повеќе и се сè покомплексни).
Прво, целта на оваа Регулатива е обезбедување безбедност и јавен ред и мир во рамките на ЕУ и второ, се работи и за нашата сопствена национална безбедност и јавниот ред и мир како земја која официјално ги започна пристапните преговори за полноправно членство во ЕУ. Во оваа насока Македонија неминовно ќе треба да ги изгради и да ги прилагоди сите свои политики, системи и механизми за да може целосно да го „затвори“ својот територијален простор и да го заштити од пенетрација на корозивен, сомнителен, штетен капитал. Воедно неопходно е да се оспособиме и за стриктно спроведување на сите мерки и санкции на Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и, како членка на НАТО, внимателно да ги следиме санкциите наметнати од Комитетот на САД за странски инвестиции, како и од другите партнери во НАТО, вклучително Обединетото Кралство, Канада, Норвешка и партнерите на глобален план како што се Јужна Кореја, Јапонија и Австралија.
Во рамките на Европската Унија, прво, како резултат на финансиската и економска криза (2008−2010) која остави разорни долгорочни последици, второ, како резултат на агресивната анексија на Крим од страна на Русија во 2014 година, и трето, поради странското мешање во претседателските избори во САД во 2016 година, се отворија многу сериозни прашања поврзани со трендовите воспоставени со процесот на глобализација. Дополнително, променливиот геополитички пејзаж, евроатлантските односи, брзиот раст на Кина проследен со економска и политичка самоувереност и зголемените можности Русија да влијае во сајбер просторот преку ширење лажни вести користејќи ги социјалните мрежи ги зголемија ризиците по безбедноста на граѓаните на ЕУ, но и на економските оператори. Геополитичката ориентација, безбедноста и автономијата на надворешната и одбранбената политика на ЕУ, вклучително и отпорноста од мешање во домашните работи од страна на трети земји, неминовно се наметнаа како теми од висок интерес за Европската комисија и за Советот на ЕУ, но и на евроатлантското партнерство.
Како резултат на сеопфатната анализа на структурата на странските директни инвестиции, користа која ја носат со себе, но и ризиците исто така, Европската комисија ја предложи (2019), а Советот на ЕУ ја усвои, Регулативата за воспоставување на координативен механизам за проверка (скрининг) на странските директни инвестиции (СДИ) на целата територија на Европската Унија. Регулативата влезе во сила од октомври 2020 година и таа претпоставува дека како прво ниво на проверка секоја земја членка на ЕУ има воспоставен целосно функционален национален систем (правен и институционален) за скрининг на странските директни инвестиции, вклучително и спојување и купување на домашни компании со странски капитал. Второто ниво на проверка на СДИ е токму ЕУ-координативниот механизам кој наметнува задолжителна размена на информации меѓу земјите членки и Европската комисија низ сигурни криптирани канали на комуникација кои ќе обезбедат доверба кај економските оператори за споделување на сите потребни информации и избегнување на секаков вид потенцијални злоупотреби. Примарна цел на интерес при скринингот на инвестициите се вложувањата во критичната инфраструктура, како и секторите кои се од осетлива природа, и тоа пред сè енергетика, транспорт, ИТК, здравство, одбрана, медиуми, финансиската и изборната инфраструктура, технологиите за мониторинг над сајбер просторот, па дури и учеството во програмите на Унијата кои се финансирани од страна на ЕУ-фондовите како што се Галилео, Коперникус, Хоризонт 2020, ПЕСКО итн.
Во период од две години од имплементацијата на Регулативата за СДИ-скрининг механизмот, 2020 − 2022 година, 25 земји членки на ЕУ веќе имаат воспоставено национален ситем или се во завршна фаза, освен Бугарија и Кипар кои заостануваат во овој процес. Насоките на Европската комисија се дека сите земји членки, и оние кои претендираат да станат членки, односно се во процес на пристапни преговори како што е и Македонија, треба да имаат на време воспоставен целосно функционален национален систем за проверка на странските директни инвестиции, кој ќе биде способен да комуницира со националните системи на земјите членки на ЕУ, но и со стручните служби на ЕК.
Европската комисија ја следи детално имплементацијата на оваа Регулатива која по почетокот на војната во Украина (24 февруари 2022 г.) и агресијата од страна на Русија помогната од Белорусија значително доби „тежина“ за што објавува и годишни извештаи (за 2020 и 2021 година). Статистички гледано, за да се отстранат непотребните стравови кои можеби сè уште постојат кај дел од економските оператори, најголем дел од проверените СДИ (над 80 %) се одобрени без никакви предуслови, нешто над 10 % со одредени услови, многу мал број на инвеститорите се откажале (7 − 8 %) и незначителен број (под 2 %) се забранети, односно за нив се заклучило дека се СДИ од сомнителен карактер или се директна закана за безбедноста и јавниот ред и мир во рамките на Европската Унија. Може слободно да заклучиме дека таквите штетни инвестиции индиректно би биле закана и за нашата национална безбедност и јавен ред и мир, земајќи предвид дека сме во политички процес за целосна хармонизација на нашиот правен и институционален систем со тој на ЕУ, над 70 % од нашиот трговски промет е со членките на ЕУ и 2/3 од СДИ се токму од ЕУ. Оттука нашиот интерес и патот што и како понатаму е дефиниран и е трасиран преку нашиот државен интерес рефлектиран низ пристапните преговори во рамките на Меѓувладината конференција за пристапување на Северна Македонија во Европската Унија, која е отворена на 19 јули 2022 година и ќе остане отворена сè додека трае процесот на наша целосна хармонизација со целокупното право на ЕУ.
Регулативата за проверка на СДИ е дел од пристапните преговори и според правилата на Договорот за основање на ЕУ таа ќе биде директно применлива и за нас со денот на нашето членство во ЕУ. Затоа потребно е добро и навремено да се подготвиме за нејзината примена. Регулативата е сложена и нејзината важност постојано расте во светот кој неминовно се менува. Нејзината имплементација бара правни, институционални и процедурални подготовки, вклучително и соодветен кадар на највисоко ниво на одлучување. Секако, системот ќе има и фискални импликации поврзани со неговото воспоставување, особено земајќи ја предвид чувствителноста на информациите кои би циркулирале поврзани со потенцијалните СДИ и потребата од нивна заштита и од највисокото политичко ниво.
Врз основа на сето наведено во овој троброен серијал и кусата анализа за потребата од воведување на СДИ-скрининг механизмот (овој и минатите два броја на Економија и бизнис), предлогот од авторите е да се разгледаат следниве чекори за имплементација на Регулативата за проверка на СДИ:
• Спроведување анализа на Регулативата на ЕУ и барањата за нејзина имплементација кај нас, вклучувајќи компаративен преглед на најрелевантните земји кои ќе обезбедат донесување информирана и аргументирана политичка одлука.
• Во отворена и транспарентна дискусија, на политичко и експертско ниво, со релевантни државни и недржавни чинители да се подготви теренот за одлука која ќе обезбеди кохерентна рамка за проверка на странските директни инвестици заради ефикасно справување со случаите на странски директни инвестиции кои можат да предизвикаат ризик по националната и ЕУ-безбедност и заштита на јавниот ред и мир.
• Предлагање законски модел за воведување механизам за проверка на СДИ, вклучувајќи институционален механизам со соодветни човечки и технички капацитети. Владата треба да избере модел кој најдобро одговара на македонскиот политички и административен систем, притоа овозможувајќи тесна соработка со земјите членки на ЕУ и со Европската комисија, вклучително и размена на информации преку безбедни комуникациски канали со што ќе се спречи какво било заобиколување на националниот механизам за скрининг на странските директни инвестиции.
• Анализирање на фискалните последици поврзани со владината инвестиција во воспоставување правен модел, регрутирање луѓе, подготовка на институционалните аспекти (вклучувајќи ги и техничките), обука на персоналот и воведување соодветни алатки за безбедна комуникација итн.
Паралелно со подготовките за политички одлуки, но секако пред да се донесат одлуките, се препорачува да се започне со спроведување на длабинска анализа на целокупниот прилив на странски директни инвестиции во земјава, особено во стратешките сектори (на пр. енергетика, транспорт, ИТК, технологии и инпути поврзани со стратешките сектори, критичната инфраструктура, чувствителните податоци, медиуми итн.) што може да предизвика потенцијална загриженост во областа на безбедноста, јавниот ред и/или контрола на критичната инфраструктура, особено кога инвеститорот е во сопственост и/или е контролиран од трета земја или користи значителни државни субвенции.
Заради заемен интерес и транспарентност при градењето на вакви осетливи политики и решенија, Владата треба навремено да ја информира, но и да ја вклучи деловната заедница преку претставници од сите стопански комори и од Советот на странски инвеститори кои работат во земјава. Неопходно е економските оператори да ја разберат во целост и правилно потребата и користа од прифаќање на Регулативата за проверка на СДИ, секако во моментот кога ќе бидат воспоставени сите законски и институционални предуслови, за да се обезбеди ефективна соработка и координација со механизмот на ЕУ за СДИ, како и со механизмите за проверка на СДИ на другите стратешки партнери како што се Соединетите Американски Држави, Обединетото Кралство и други.
Сведоци сме дека светот неповратно се менува, условите во кои економските оператори функционираат се усложнуваат, а политичката околина која ја креираат нашите евроатлантски партнери не дозволува колебање, туку само навремено и доследно прилагодување на нашите национални политики со тие на ЕУ и на НАТО.