Економија

Јосифовски: Ќе имаме двоцифрена стапка на инфлација

Што очекувате од 2023 година?

Андреја Јосифовски, претседател на УО на Макпетрол АД

2023 година ќе биде една од најтешките години за македонската економија од осамостојувањето на нашава земја до денес. Вoјната во Украина и енергетската криза ќе продолжат и во новата година. Цените на нафтата, на природниот гас, на струјата и на храната на светските берзи ќе бидат високи. Ќе имаме двоцифрена стапка на инфлација, а растот на БДП очекувам да биде околу 2 % на годишно ниво.
Во 2023 година се надевам дека борбата против сивата економија, корупцијата и криминалот во Република Северна Македонија, кои достигнаа загрижувачко ниво, ќе премине од ветување на дело. Надежта се базира исклучиво врз напорите и притисокот од меѓународниот фактор бидејќи домашните фактори немаат ниту желба ниту доволен капацитет да се справат со овие девијантни појави во нашево општество. За Макпетрол АД очекувам успешна 2023 година на деловен план – зголемување на прометот и на профитот, зголемени инвестиции и нови вработувања. Со тоа компанијата ќе го продолжи својот развој во енергетската сфера преку реконструкција на постојните малопродажни објекти и складишта, изградба на нови и инвестиции во сончеви панели и во брзи полначи на електрична енергија за автомобили.
Грижата на Макпетрол АД за вработените, за заштитата на животната средина, за задоволството на потрошувачите и за акционерите ќе продолжи и во новата година. На сите граѓани во Република Северна Македонија во 2023 година им посакувам многу здравје, среќа и успех на деловен и на приватен план.

ПРЕПОРАЧАНО