Економија

Азески: Работите мора да се помрднат од место во 2023 година

Што очекувате од 2023 година?

Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија

Во екот на најголемата и најтешка криза кај нас (Косовската, 1999 г.), во хотелот Александар Палас во 19 часот започна седницата на Советот на НАТО со кој претседаваше генералниот секретар на НАТО, Џорџ Робертсон. Кога стигна дојавата за бомба, во салата имаше 19 акредитирани амбасадори од Брисел, цел Генералштаб на НАТО и комплетното раководство на тогашна Македонија. Бидејќи ние сме „сериозна“ држава и имаме предвидено постапки, бев повикан да издадам наредба за евакуација. Нормално, не ја потпишав и го презедов целокупниот ризик врз себе. Сето тоа траеше осум минути кои, ако наредбата се потпишеше, ќе имаа осумстотини дена последици. Во мојот мандат имав пет вакви ситуации и реагирав исто. Ризикувањето и одговорноста се составен дел на лидерството. Бидејќи кај нас никој не ризикува, државава не напредува веќе цели триесет години и заостанувањето просто се напластува. Страшно е што овие наши прилики сега се реалност и на регионално и на глобално ниво. Па така, кај нас дигитализацијата сè уште е во најава, зелената агенда е утопија, формирањето кадар е во безидејност и робувањето на традициите и на историјата го има во изобилие. На регионално ниво има висока задолженост, ниско ниво на размена и можна војна за регистарски таблички. На континентално ниво има класична војна, а на интерконтинентално гладување и умирање во половина свет. Што значи, работите мора да се поттурнат, во спротивно остануваме на балканските меѓници кои не се ништо подобри од 1991 година.
П. С.: Преку 40 години давам вакви изјави. Ми личат на „меморандумите“ за кои јавно го знаете мојот став. Моја препорака до медиумите, од 2024 година овие рубрики да бидат отворени и ако некој има што да каже ново, нека има простор да го направи тоа.

ПРЕПОРАЧАНО