Економија

Ангеловска-Бежоска: Не само глобалните трендови туку и домашните структурни карактеристики ќе влијаат врз македонската економија

Што очекувате од 2023 година?

Анита Ангеловска-Бежоска, гувернер на Народна банка

Во годинава што изминува, глобалната економија се соочи со уште еден неекономски шок, војната во Украина, која првенствено е хуманитарна катастрофа, а истовремено има големи економски последици. Оваа криза се надоврза на  претходните шокови од невидени размери, кои несомнено ќе доведат до коренити промени во глобалната конфигурација и подолготрајни последици за сите економии. Ваквиот глобален контекст, секако, има значителни последици и за македонската економија која е една од трговски најотворените економии во регионот на ЦЈЕ. Се разбира, не само глобалните трендови туку и домашните структурни карактеристики ќе влијаат врз македонската економија. Структурните политики мора неодложно да се насочат кон справување со чувствителноста кон надворешните шокови, иако таа не може брзо да се промени. Исто така движењата во нашава економија ќе зависат и од ефективното искористување на просторот на макроекономските политики за ублажување на ефектите врз реалната економија. Нашето основно макроекономско сценарио за наредната година предвидува постепено сведување на двоцифрената стапка на инфлација на едноцифрена (при очекуван пад на цените на примарните производи) без притоа економијата да влезе во рецесија. Сепак, ризиците за проекциите се изразени и не смеат да се потценат. Ова јасно ја нагласува потребата на централната банка да продолжи со претпазлива монетарна политика насочена кон среднорочна ценовна стабилност и стабилност на курсот со што ќе се овозможи стабилен макроекономски амбиент кој, всушност, е и предуслов за економски раст и повисока благосостојба.

ПРЕПОРАЧАНО