Економија

Љушев: Пред нас е уште една турбулентна година

Што очекувате од 2023 година?

Никола Љушев, главен извршен директор на Македонски Телеком

Ако годината што измина ја паметиме како година во која ја изградивме првата 5G-мрежа во Македонија, во годината што доаѓа ќе почнеме да го реализираме потенцијалот на новата технологија. Сега кога најголемата и најмодерна 5G-мрежа е достапна во 26 градови, ние ќе одиме чекор понатаму. Ќе се развиваат нови функционалности во областа на паметни градови и паметна инфраструктура преку Massive IoT. Ќе се прошири употребата на интернет на нештата (IoT) и работењето во облак (cloud). Ова се само неколку конкретни примери на кои ќе работиме годинава. Новите технологии ќе отворат многу нови можности.
Во поглед на предизвиците, пред нас е уште една турбулентна година. Енергетската криза, продолжувањето на воениот конфликт во Украина, како и високата инфлација, носат негативни трендови на макрониво.
Телекомуникацискиот сектор е сериозно погоден од енергетската криза, што негативно влијае врз профитабилноста на операторите и ги прави неизвесни капиталните инвестиции кои се неопходни за да се држи чекор со случувањата во една индустрија која брзо се менува. Тоа подразбира дополнителни предизвици за нас при намалувањето на дигиталниот јаз во општеството и справувањето со влијанијата од климатските промени преку одржливост.

ПРЕПОРАЧАНО