Економија
Анализа на стоковната размена – 2 дел
27.12.2022г.
Во вториот дел од анализата за стоковната размена ќе се насочиме кон класификација според дејности и економски категории. На тој начин ќе прикажеме каде Македонија го ставила својот фокус од аспект на домашно производство и каде има предуслови за раст, но исто така ќе произлезат и главните области каде имаме недостаток на производство. Ваквите податоци треба да помогнат во одлуката на бизнис секторот за адекватно антиципирање на предностите и максимално искористување на расположливите ресурси.

Горната табела ни ги открива следните движења:
- Од вкупниот извоз во последните две години (во анализираниот период од 8 месеци) 90% отпаѓа на производи на преработувачка индустрија. Ваквите бројки зборуваат за високо ниво на концентрација во една дејност, која долгорочно може доста негативно да се одрази врз економските текови. Она што е загрижувачки е податокот за ист толкав процент кај увозната компонента, со тоа што таму обемот е значително поголем. Во апсолутни вредности извозот се зголемил за 44 милијарди денари, додека увозот од странство прогресирал за 73 милијарди денари. Причините за овие движења може да се бараат во зголемената домашна потрошувачки за странски производи, преку промена во преференциите на потрошувачите кои повеќе се насочиле кон увозни добра, или повисоката увозна цена на производите.
- Најголемиот процентуален скок оваа година е регистриран кај стоковната размена со електрична енергија и гас. Имено и во двата правци растот е над 300%. Ова движење може и да биде оправдано со оглед на актуелната енергетска криза. Она што загрижува е податокот што во 2021 година јазот помеѓу увозот и извозот кај оваа категорија изнесувал 7 милијарди денари, додека оваа година пораснал на 23 милијарди денари, шта значи повеќе од трикратно зголемување.
- Единствената дејност каде бележиме пад во извозот е снабдувањето со вода за 6.3%, меѓутоа апсолутните вредности се релативно ниски.
Во втората табела генералниот заклучок е дека најголемата стоковна размена се однесува на интермедијарни производи, додека во 2022 година доживеан е негативен шок за извозот на капитални производи, кои се преполовиле.

- Од 69%-77% варира процентуалната застапеност и кај увозната и кај извозната страна во текот на анализираниот период кај категоријата интермедијарни производи. Исто така, тука е евидентиран и најголемиот пораст помеѓу двата период од 33%.
- Извозот на капитални производи во 2022 година е намален за 51.6% или во апсолутни вредности евидентиран е пад од 22 милијарди денари.
Ваквата слика за македонската стоковна размена со остатокот од светот дава јасни сигнали за тоа каде можеме да се подобриме, кои се силните страни на домашното производство, каде имаме потенцијал за раст и на што треба да се посветиме за да го амортизираме шокот од растот на увозот и како да ја редуцираме увозната зависност.