Економија

Холандска болест

25.12.2022г.

Во ситуација кога сеуште се наоѓаме под опасност од ковид кризата можеби ќе биде невкусно да се пишува за други болести кои може да го нападнат човештвото, но за разлика од ковид-19, оваа болест не е заразна и лекот навидум е познат. Станува збор за економски феномен кој настанува кога добрите вести во една држава доведуваат до низа непријатности во останатите економски сектори. Уште во 16 век познатиот шпански писател Мигуел Де Сервантес, авторот на Дон Кихот, напишал дека “задоволството од богатството не се наоѓа само во неговото поседување или во раскошните трошоци, туку во неговата мудра примена”. Ваквата теза Де Сервантес ја искажал во ситуација кога Шпанија почнала да ги ужива благодетите од пронајдените златни резерви во Америка. Ефектите од новото богатство тешко дека можеле да се измерат, особено што никој не го насочувал своето внимание кон одредени негативни ефекти од истото. Кога не некој ќе му кажете да не се радува и да не троши од пронајденото богатство сигурно ќе ве смета за луд, но кога станува збор за современите економски опкружувања и тоа како е мудра ваквата теза.

Многу покасно од првите сомнежи на Де Сервантес, во 1960 година ќе биде дијагностицирана оваа “болест” во Холандија, во ситуација кога беа откриени големи наоѓалишта на природен гас во Северното Море. Неочекувано, овој навидум позитивен и радосен момент имаше низа сериозни негативни реперкусии врз важни сегменти од економијата на земјата. Првично тоа се одрази врз тогашната национална валута гулден, на која наеднаш и порасна вредноста поради зголемената побарувачка за купување на гасот. Ваквата спирала продолжи да се одразува кон тоа останатите производи кои се извезуваа од Холандија да станат поскапи, а со самото тоа и помалку атрактивни на светскиот пазар. Иако холандската болест е генерално поврзана со откривање на природни ресурси, таа може да се појави од каков било развој што резултира со голем прилив на девизи, вклучувајќи нагло зголемување на цените на природните ресурси, странска помош или странски директни инвестиции.

Токму затоа, сведоци сме на ситуации во држави како Венецуела и Конго каде новите наоѓалишта на нафта и дијаманти довеле до уште поголема сиромаштија кај локалното население. Затоа многу е битно да се знае како држави како Норвешка и Канада реагирале во вакви ситуација и кој бил лекот за холандската болест. Имено, постојат 2 начини како може државата да реагира на напливот на побарувачка за својата валута:

  1. 1. Забавување на апрецијацијата на домашната валута - Забавувањето на апрецијацијата на валутата е полесна и поодржлива стратегија за спречување на негативните ефекти од холандската болест. Тоа понекогаш може да се постигне со ублажување на трошењето на приходите остварени од извозот на природни ресурси. Еден од најчестите методи за да се направи тоа е создавање на државен фонд. Многу развиени и земји во развој, вклучувајќи ги Австралија, Канада, Норвешка и Русија, управуваат со големи државни фондови. Овие фондови имаат за цел да го стабилизираат приливот на капитал во економијата за да спречат нејзино прегревање и предизвикување значителна апрецијација на валутата.
  2. 2. Диверзификација на економијата - Диверзификацијата на економијата е стратегија која речиси може да го елиминира негативното влијание на холандската болест врз економијата. Економската диверзификација може да се постигне со субвенционирање на заостанатите сектори во економијата или со воспоставување тарифи за поддршка на домашните производители. Вишокот приходи може да се инвестираат во образование, здравство или инфраструктура што ќе и помогне економијата. 

Погоре наведените “третмани” се добра теоретска основа, но многу е потешко справувањето со ваквата болест во пракса, особено ако станува збор за некоја сиромашна држава. Истражувањата сугерираат дека дистрибуцијата на приходите од ресурси директно на луѓето може да им помогне на овие земји да излезат од тешката политичко-економска состојба и да се решат низа проблеми, вклучително и неефикасноста на пазарите на трудот и јавниот сектор. Истите фактори на политичката економија, сепак, ја отежнуваат примената на оваа идеја. Елитите во овие земји често се држат до својата монополска моќ над контролата на природните ресурси, а работните места во јавните служби, субвенциите и другите форми на трансфери обично се насочени кон обезбедување политичко влијание и опстанок. Затоа, во повеќето случаи, не само здравата макроекономска рамка, туку и длабоката трансформација во односите држава-општество е примарен елемент за лекување на болеста. А како може да се постигне една таква фундаментална трансформација? Е тоа е прашање од милион долари.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано