Економија

Ефект на истиснување (CROWDING OUT EFECT)

22.12.2022г.

Позади економската логика на терминот ефект на истиснување стои појавата кога прекумерните владини трошења ќе доведат до тоа да се намали потрошувачката на приватниот сектор. Вака грубо искажана дефиниција можеби не е ни најдобар пример, а уште повеќе не е најдобар ниту преводот на терминот. Поради тоа, одлучивме малку подетално да го објасниме феноменот кој се постојано се случува во економските системи и кој има директно или индиректно влијание врз многу други монетарни, макроекономски и микроекономски варијабли.

Ефектот на истиснување се однесува на економската теорија која вели дека зголемените каматни стапки ја намалуваат вкупната приватна инвестициска потрошувачка. Зголемувањето на каматните стапки влијае на инвестициската одлука од страна на инвеститорите. Кога ефектот станува значително висок, тоа може да доведе до намален приход во економијата. Ова се случува затоа што кога има зголемена потрошувачка на јавниот сектор, обично има намалена потрошувачка во приватниот сектор.

Ефектот за истиснување најчесто се случува кај оние држави кои сакаат да го зголемат задолжувањето. Добар пример е справувањето со ковид кризата, чии ефекти сеуште ги чувствуваме, надополнето со последната енергетска криза. Скоро и да не постои држава во светот што не го зголеми своето трошење и тоа најчесто се финансира преку зголемено позајмување, а тоа неминовно води до значително зголемување на каматната стапка. Токму предходните неколку месеци се вистински пример за наглото зголемување на референтните каматни стапки, нешто што допрва се очекува да заземе широки размери и во Македонија. Повисоките каматни стапки од друга страна го апсорбираат капацитетот за кредитирање на економијата и ги обесхрабрува приватните бизниси да вложуваат во капитални инвестиции. Погореспоменатиот пример се однесува на каналот на каматните стапки на кредитите, но не треба да го заборавиме и каналот кој се спроведува и преку каматните стапки на државните обврзници. Имено, како што растат нивните каматни стапки толку тие се поатрактивни за слободниот капитал и депозитите, а тоа дополнително влијае на намалено ниво на инвестиции во економијата.

Да разгледаме еден пример од банкарското секојдневие: Претпоставуваме дека компанија А планира да инвестира 8 милиони ЕУР во нова инвестиција. Компанијата има обезбедено 3 милиони ЕУР сопствени средства, додека останатите 5 милиони ЕУР сака да го обезбеди преку банкарски кредит. Кредитот е со рок од 10 години, а каматната стапка изнесува 3% + ЕУРИБОР(во време кога оваа стапка изнесуваше 0). Пресметката на компанијата е следна: вкупната камата која треба да ја вратиме кон банката изнесува околу 793.000 ЕУР. Додека компанија ги разгледува проекциите за бизнисот доаѓа до зголемување на референтната каматна стапка од 1.8%, со тоа што сега трошокот за камата се искачува на 1.305.000 ЕУР. Зголемувањето на каматната стапка е директно поврзано со пазарните услови, односно ЕУРИБОР ја прикажува каматната стапка по која банките се согласни да позајмуваат помеѓу себе, а тоа е последица на зголемените буџетски трошења кои довеле до зголемено ниво на инфлација и одговорот за тоа е рестриктивна монетарна политика. Значи, во случајов на компанија А, трошокот на позајмување пораснал за 37.5%, а тоа надолно ги поместило проекции за профитбилност за 382.000ЕУР. Со вакви пресметки многу е веројатно компанијата да се откаже од кредитот, бидејќи изгледите за раст на каматните стапки се големи, а со тоа и нивниот трошок би станувал поголем. Така, од 8 милиони ЕУР инвестиција, процесот може да се насочи кон 3 милиони ЕУР депозит. Изгубен е потенцијалот за генерирање 13-15 милиони ЕУР поврат на инвестицијата, пропуштена е шансата за вработување нови лица, а државата изгубила потенцијални даночни приливи.

Затоа е толку силен каналот на каматните стапки и затоа економистите секогаш нагласуваат дека буџетските трошења треба да бидат ограничени и насочени кон капитални инвестиции. Уште повеќе носителите на власта треба да бидат свесни дека во добри економски времиња треба да се штеди, за да може подобро да се амортизира шокот кога ќе настане криза. А, во економијата едно е јасно, бегање од циклус нема! Побрзо или покасно, кривата ќе почне да “фака удолница”.


(Редакција Е&Б)

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано