Економија
Нобеловци по економија за 2022 година: БАНКИТЕ, ФИНАНСИСКИТЕ КРИЗИ И МАКРОЕКОНОМСКАТА СТАБИЛНОСТ
Владимир Филиповски | авторот е Професор на Економскиот факултет Скопје
Економија и бизнис | печатено издание | ноември 2022г.
Нобеловата награда по економија за 2022 година им е доделена на тројца економисти од САД: Бен Бернанки (Ben Bernanke) од истражувачката и образовна институција Брукингс (Brookings Institution) во Вашингтон, Даглас Дајмонд (Douglas Diamond) од Универзитетот Чикаго во Чикаго и Филип Дибвиг (Philip Dybvig) од Универзитетот Вашингтон во Сент Луис.
Според објавата на Кралската шведска академија на науките, Бернанки, Дајмонд и Дибвиг ја добиваат Нобеловата награда за нивниот придонес во „истражувањата за банките и финансиските кризи“ (for research on banks and financial crises). Сите тројца нобеловци по економија за 2022 година со своите трудови, како самостојни автори или како коавтори, дале фундаментален придонес во разбирањето на природата и на функционирањето на банките како финансиски посредници, нивната ранливост кон информациските асиметрии и големите последици од финансиските кризи врз макроекономската стабилност.
Научниот придонес на Дајмонд и на Дибвиг е фундаменталната анализа на две клучни економски функции на банките во процесот на интермедијација меѓу заштедите и инвестициите: (i) рочната трансформација на краткорочните заштеди во долгорочни инвестициски проекти и (ii) делегирањето на скринингот и мониторингот на заемокорисниците, од штедачите врз банките. Ваквата анализа им овозможува на Дајмонд и на Дибвиг да ги објаснат навалите врз банките (bank runs) кои се екстремна манифестација на ранливоста на банките како депозитни институции кон асиметричните информации на релација: депоненти – менаџмент на банка. Научниот придонес на Бернанке се надоврзува на придонесите на Дајмонд и на Дибвиг во насока на анализата на макроекономските импликации од епизодите на системски навали врз целокупниот банкарски систем − т.н. системски банкарски кризи кои можат да доведат до продлабочување на рецесиите во депресии.
Во овој контекст, во овој прилог најпрво ќе бидат презентирани научните придонеси на Даглас Дајмонд и на Филип Дибвиг, а потоа на Бен Бернанки.
Клучниот придонес на Дајмонд и на Дибвиг од нивниот труд од 1983 година се однесува на рочната трансформација на заштедите. Банките, во основа, се финансиски интермедијатори – тие посредуваат во процесот во кој заштедите на поголем број депоненти се канализираат кон инвеститорите во капитални добра во реалниот бизнис-сектор. Како би изгледал овој процес доколку не постојат банки? Тогаш штедачите директно би ги финансирале инвестициските проекти на бизнисите. Но, тогаш би се појавил „конфликт на интересите“ – бизнисите сакаат да обезбедат долгорочни финансиски фондови бидејќи инвестициските проекти се долгорочни и ризични, додека депонентите сакаат нивните заштеди да им бидат сигурни и достапни „по видување“, т. е. веднаш кога имаат потреба за ликвидност. Поради тоа директното финансирање често би доведувало до предвремено прекинување на долгорочните инвестициски проекти, што би значело загуба на економска вредност. Постоењето на банките го надминува овој проблем. Банките вршат рочна трансформација на депозитите кои се (претежно) краткорочни обврски на банките во долгорочни инвестициски заеми кои се (претежно) долгорочна актива за банките. Можноста банките да даваат долгорочни заеми врз основа на краткорочни депозити произлегува од тоа што банките вршат здружување на заштедите на голем број депоненти, што значи дека нема сите депоненти во ист момент да имаат потреба од ликвидни средства така што дел од заштедите можат да бидат вложени во долгорочни заеми. Со тоа банките всушност овозможуваат ефикасен механизам на финансирање на инвестициите во капитални добра кои се, пак, основа на економскиот раст. Ваквата рочна трансформација креира инхерентен ризик за банките – ликвидните обврски ги покриваат со релативно неликвидни средства. Но, решението на овој проблем се состои во тоа што на страната на обврските банката врши здружување на ризикот (risk pooling) со прибирање депозити од голем број штедачи, додека на страната на активата врши диверзификација на ризикот преку формирање портфолио на заеми од голем број заемокорисници.

Придонесот на Дајмонд и на Дибвиг е што со помош на овој релативно едноставен модел ја откриваат фундаменталната ранливост на банките како депозитни финансиски институции – нивната изложеност на ризикот од навали врз банки (bank runs). Имено, во услови на асиметрична информираност меѓу менаџментот на банката и депонентите, во случај на ширење на дезинформации, т. е. непотврдени информации дека некоја банка има недостиг на ликвидност, може да доведе до тоа сите депоненти на банката да навалат врз нејзините шалтери сакајќи сите во ист момент да си ги повлечат депозитите. Во таков случај, за да обезбеди ликвидност, банката би се нашла под притисок да ги повика своите заемокорисници предвреме да ги отплатат заемите кон банката, што би довело до предвремено терминирање на инвестициските проекти, што пак би ја намалило реалната вредност на заемите; дополнително, банката би морала да ги продава другите свои средства по ниски ликвидациски цени (цени за итна продажба − fire sale prices). Со сето тоа, вредноста на активата на банката силно ќе се намали, веројатно под вредноста на обврските, со што банката практично би банкротирала.
Ваквото неповолно сценарио е особено разорно за економијата кога се случува системска банкарска криза – кога навалата врз една банка предизвикува синџиреста реакција, односно домино ефект врз поголем број други банки. Во таква ситуација, дезинформациите предизвикуваат општа паника на депонентите во економијата и навалата врз една банка се шири како навала врз целиот банкарски систем – со тоа пропаѓаат и банки кои во основа биле сосема солвентни институции.
Во вториот свој клучен труд од 1984 година, нобеловецот Дајмонд го анализира т.н. делегиран кредитен мониторинг, односно мониторингот врз претприемачите кои ги користат заемите за финансирање на високоприносни, но истовремено и ризични проекти. Ако не постојат банките како финансиски интермедијатори, секој од штедачите ќе треба директно да ги поднесе трошоците на евалуација (скрининг) на заемокорисникот и за мониторинг како тој ги користи позајмените фондови во текот на рокот на заемот. Ваквиот аранжман би бил нерационален. Дајмонд покажува дека постоење на финансиски интермедијатори овозможува делегирање на функциите на евалуација и мониторинг на заемокорисниците, што ги намалува вкупните општествени трошоци за извршување на овие функции. Имено, банките поседуваат експертиза, т. е. специјализација за извршување на евалуацијата и на мониторингот, што значи можат да ги извршуваат на трошковно поефикасен начин. Исто така, во текот на својот мониторинг на заемите и управувањето со кредитниот ризик, банките воспоставуваат перманентни односи со своите должници, што во принцип ја намалува веројатноста од банкротирања на должниците како резултат на лошо управување со проектите, а банкротите предизвикуваат трошоци од пропаѓање на проектите. Значи, со делегирањето на мониторингот од штедачите кон банките се економизира со трошоците за мониторинг врз инвестициските проекти во економијата.
Но, потоа следува прашањето како штедачите ги мониторираат банките. Дајмонд одговорот го бара во економската природа на банкарските депозити како финансиски инструменти. Имено, депозитите се должнички инструменти со фиксна номинална вредност кои ги издава банката. Бидејќи депозитите се долг на банката кон депонентите, доколку банката слабо управува со заемите (т. е. со проектите кои се финансираат со заштедите), нема да биде во состојба да ги исплаќа обврските по основ на долгот (депозитите) и тогаш депонентите, како доверители на банката, можат да покренат постапка на банкрот (овде се апстрахираме од постоењето банкарска супервизија и систем на осигурување на депозити). Под закана од загубите поврзани со банкротот, банките имаат поттик рационално да управуваат со заемите, т. е. со својата актива. Оттука депозитите како ликвиден краткорочен долг имаат улога на дисциплинирачки механизам за банките во нивното остварување на функцијата на делегиран мониторинг.
Нобеловецот Бернанки ги анализира макроекономските импликации на епизодите на навала врз целиот банкарски систем – системските банкарски кризи. Клучниот придонес на Бернанки во економската наука е следниов заклучок: кога рецесиите се проследени со финансиски кризи, тогаш рецесиите се многу подлабоки и подолготрајни. Тоа значи дека економијата е во рецесија, кризата во банкарскиот и финансискиот систем има акцелерирачки, засилувачки негативен ефект во насока на продлабочување на падот на економската активност и пролонгирање на опоравувањето од рецесијата. Системската банкарска криза доведува до остра контракција на кредитниот пазар, предизвикувајќи високи трошоци на позајмување, намалување на понудата на нови кредити и повикување на должниците за итна отплата на постојните кредити. Сето тоа доведува до крах на агрегатното производство, т. е. до длабока и пролонгирана рецесија од типот на Големата депресија 1929−1933 г.
Всушност, централната тема на научните истражувања на Бернанке се токму причините за настанувањето на Големата депресија 1929−1933 г. и механизмот на ширење на контракцијата на економската активност во рамките на таа најдевастирачка рецесија на модерното време.
Според анализите на основоположникот на монетаризмот и нобеловец по економија, Милтон Фридман, Големата депресија 1929−1932 г. била предизвикана од неадекватната монетарна политика на Федералните резерви на САД во тоа време. Но, анализите на Бернанке го истакнуваат значењето на запирањето на протокот на банкарски кредити како важен фактор за продлабочувањето и пролонгирањето на рецесијата од 1929 година и нејзино претворање во разорна депресија. Според Бернанке, во тие години се случува системска банкарска криза, т. е. пропаѓање на голем број банки, што доведува до уништување, обезвреднување на информацискиот капитал на банките, односно на деловните врски на банките со кредитокорисниците. Тоа создава претерана неизвесност при проценка на кредитниот ризик на заемобарателите, што понатаму води кон замрзнување на кредитниот пазар со девастирачки последици не само за банките туку и за реалниот сектор, што се изразува во продлабочување и пролонгирање на рецесијата.
Придонесите на нобеловците за економија за 2022 година имаа и значајно практично влијание. Имено, истражувањата на ризикот од навала врз банки и системски банкарски кризи влијаеше врз развојот на цела една нова компонента на модерната банкарска регулација и супервизија, а тоа е макропруденцијалната регулација и супервизија, чија цел е превенција на појавата на системски банкарски, и пошироко, финансиски кризи. Во иста насока, целиот систем на осигурување на депозити се заснова во значајна мера на фундаменталните придонеси на овогодинешните нобеловци по економија. Уште повеќе, нобеловецот Бен Бернанки беше гувернер на Американската централна банка токму во времето на Големата рецесија 2007−2009 г., рецесија која всушност беше во голема мера генерирана од финансиска криза. Историјата сакаше токму гувернерот Бернанки да се најде во ситуација да ги примени сознанијата од своите научни анализи при дизајнирањето на мерките на т.н. неконвенционална монетарна политика и интервенциите на Федералните резерви на САД во справувањето со кризата на големите американски финансиски институции со цел да избегне повторување на епизодата на претворање на една рецесија во голема депресија.