Економија
Јовановски: Што е тоа скрининг механизам на странските директни инвестиции и зошто е потребен?
Зоран Јовановски | авторот е економист
Економија и бизнис | печатено издание | октомври 2022г.

„Корозивен капитал“ – комплексна опасност за секоја економија
Секој што патувал со авион знае дека пред летот, на аеродромот, морал да помине низ онаа рамка наречена детектор за метал за да се елиминира можноста некој од патниците да внесе огнено или ладно оружје и да ја загрози безбедноста на сите во авионот. Доколку не постои ваква проверка некој од патниците со употреба на оружје би можел да го преземе одлучувањето за управувањето на авионот или едноставно да ги киднапира другите патници. Можеби авионот ќе тргне и ќе слета на местата предвидени со редовниот лет, но очигледно патникот со оружјето нема цел само да се превезе до другото место туку и да оствари и друга цел, која патем го загрозува редот во авионот и безбедноста на патниците.
Или, да земеме предвид друга ситуација. Да речеме дека доаѓа компанија од странство и вика дека сака да ги купи трите најгледани телевизиски куќи во земјава. Дали тоа треба да се дозволи, без оглед на тоа што трите најгледани телевизиски куќи се во приватна сопственост? Дали таа компанија од странство ќе ја стекне можноста да влијае на овдешното јавно мислење и дискусијата за важни општествени теми во корист на земјата од која доаѓа капиталот на купувачот? Дали ќе биде во позиција да влијае на тоа какви политички одлуки се носат и сл.?
Трета ситуација. Да замислиме дека имаме индустрија што произведува технолошки софистицирани производи за потребите на одбранбената индустрија. Дали треба да се дозволи, без да постои било каков заштитен механизам, странска компанија да купи таква компанија од земјава? На тој начин странската компанија би дошла во посед на технологија што е важна за одбранбената способност на земјата и таа би станала ранлива.
Ова се паралелите што ја илустрираат суштината на она што се нарекува скрининг механизам на странските директни инвестиции. Но, да почнеме од почеток.
Знаеме дека странските директни инвестиции се важни за развојот на една национална економија. Тие носат нов капитал, овозможуваат отворање нови работни места, трансфер на технологија и знаења, итн. На долг рок, најодржливи работни места се оние отворени преку нови инвестиции и со оглед на тоа што капацитетот за домашни инвестиции е релативно ограничен, постои таква жестока битка во светот за тоа кој ќе успее да привлече што повеќе странски директни инвестиции. Ако се има сето ова предвид, зошто тогаш би се воведувал скрининг механизам за проверка и селекција на странските директни инвестиции?
Тука доаѓаме до терминот „корозивен капитал“. Постојат различни гледишта и дефиниции за тоа што е „корозивен капитал“ што упатува на комплексноста на неговата содржина. Кога ќе се сумира суштината на дефинициите се доаѓа до следните заклучоци за главните карактеристики на „корозивниот капитал“. Најпрвин, се работи за странски капитал, што значи меѓународно прашање. Второ, „корозивниот капитал“ иницијално доаѓа од авторитарни режими. Трето, „корозивниот капитал“ може да се појави во форма на државен или приватен капитал, но тоа не менува ништо. Без оглед на видот на сопственоста во кој се појавува, клучната улога во врска со него ја има владата на земјата од која доаѓа. Четврто, „корозивниот капитал“ не е транспарентен и не мора задолжително да ја следи пазарната логика. Петто, „корозивниот капитал“ не смее да се набљудува и третира само како економско прашање. Тој му носи штета на системот на земјата, ги ослабува нејзините институции и води кон корупција. Уште повеќе, го слабее управувањето на земјата во која влегол таков капитал, влијае на одлуките што се носат и на долг рок ја подјадува сувереноста на земјата.
Ова последното е и најважната карактеристика. „Корозивниот капитал“ не е економско прашање. Неговата првенствена цел не е да му донесе економска корист на инвеститорот како што е случај со било која стандардна странска директна инвестиција. Целта на „корозивниот капитал“ е да му овозможи на „инвеститорот“ на ваквиот капитал можност да влијае на работата на институциите, а со тоа и можноста да завладее со земјата во која тој е „инвестиран“. Затоа и се нарекува „корозивен капитал“, затоа што одвнатре го разјадува системот на земјата. Од овие причини, справувањето со „корозивниот капитал“ се смета за прашање поврзано со сочувување на јавниот ред и безбедноста на земјата.
Прашањето што секоја земја треба да си го постави е дали ќе допушти влез на капитал што може да се окарактеризира како „корозивен“? Ако го допушти тоа тогаш го ризикува својот суверенитет, својата политичка слобода, функционирањето на своите институции и демократското уредување. Ризикува и оштетување на економскиот амбиент во кој работат и домашните економски субјекти. Очигледно, цената од влезот на „корозивниот капитал“ е многу висока за општеството и граѓаните. Тука влегува во игра скрининг механизмот за странските директни инвестиции.
Што е тоа скрининг механизам за странските директни инвестиции?
Јасно е, скрининг механизмот за странските директни инвестиции е механизам што треба да овозможи заштита од „корозивниот капитал“. Сликовито кажано, тоа е детекторот за метал од првиот пример. Притоа, постојат повеќе дефиниции за овој механизам. Според нив, клучни елементи на скрининг механизмот за странските директни инвестиции се следните. Прво, во главната улога за дизајнирањето и примената на овој механизам е државата. Второ, како инструмент, механизмот се аплицира во дадена рамка и се врзува за одредени критериуми и процедура. Трето, механизмот има за цел да ја заштити безбедноста и јавниот ред, односно националната безбедност. Но, не само тоа. Тој се користи не само за индивидуалните земји туку и за пошироката заедница, на пример ЕУ, за да обезбеди контрола врз стратешките средства што се од витално значење. Во овој контекст, под стратешки средства се сметаат, на пример, важни технологии, медиумскиот сектор, итн.
Дилеми за воведување на механизам за скрининг на странски директни инвестиции
Воведувањето на механизмот за стратешки инвестиции со себе носи и одредени дилеми кои се многу логични. На пример, една од дилемите е дали механизмот е задолжителен за една земја или е прашање на избор? Кој е одговорот на оваа дилема ако таа се проектира на нашава земја?
Механизмот добива многу на значење во последно време. Причината за тоа е очигледна. Светот повеќе не е тој што го знаеме од претходно. Сведоци сме на сериозни случувања на геополитички план. Во тој контекст, земјава е јасно позиционирана под чадорот на НАТО и на патеката за влез во ЕУ. Следствено, напорите на ЕУ за заштита од „корозивен капитал“ стануваат обврска за постојните членки на ЕУ, но и за земјите на патот за членство. На ова прашање веќе се работи во рамки на ЕУ. Оттука, иако не сме членка на ЕУ „инструкциите“ од ЕУ важат и за нас. Процесот на преговарање со ЕУ ќе потрае, но тоа само значи дека е прашање на време кога скрининг механизмот за странски директни инвестиции ќе мораме да го имаме дизајниран и применет. Затоа, за земјава не се поставува прашањето „дали“ ќе го воведеме овој механизам туку кога ќе го направиме тоа.
Втората дилема е, кога веќе знаеме дека ќе мораме да го воведеме механизмот, дали треба да брзаме со тоа? Некој би можел да каже дека во услови кога многу земји ширум светот се борат да привлечат колку што е можно повече странски директни инвестиции, заради нивното генерално позитивно влијание на националната економија, нејзиниот раст, бројот на работни места итн., дека изгледа нелогично да се воведува механизам што ќе ги „скенира“ странските директни инвестиции и со самото тоа потенцијално ќе ги редуцира. Практично, некој може да рече дека воведувањето на скрининг механизам за странските директни инвестиции ќе значи помалку странски директни инвестиции за земјата и затоа не треба да се брза со воведувањето на механизмот.
На крајот, тоа навистина може да изгледа така. Но, она што всушност ќе се случи е дека „ќе се жртвуваат“ одредени странски директни инвестиции што нема да го поминат скринингот, ама квалитетот на тие странски директни инвестиции што ќе влезат во емјата ќе биде повисок затоа што тие нема да содржат „корозивен капитал“. Со други зборови, воведувањето на скрининг механизам значи влез на странски директни инвестиции кои се квантитативно помалку, но квалитативно подобри. И, тоа е на краток рок. На долг рок, сознанието дека една земја има скрининг механизам за странски директни инвестиции и спречува влез на „корозивен капитал“, ќе значи поголем прилив на „конструктивниот капитал“ затоа што економскиот амбиент во земјата е добар за бизнисот, ќе има помалку корупција и институциите на системот подобро ќе функционираат.
Конечно, во однос на брзината на воведување на скрининг механизам во земјата свое влијание има и потребата земјата, како нова членка на НАТО, да ги заштити своите стратешки средства во функција на заштита на безбедноста на државата.
Како заклучок, скрининг механизмот за странските инвестиции е важен и потребен. И, треба да се воведе што побргу. Не само затоа што ќе претставува обврска во рамки на процесот на придружување на ЕУ, туку затоа што мораме да се браниме од „коруптивниот капитал“ и да го сочуваме јавниот ред и безбедноста на земјата, како и нејзиниот суверенитет. Тоа е важно не само за идните странски директни инвестиции туку и за сите постојни економски субјекти што функционираат во земјата.