Економија

Анализа на туризмот во првите 3 квартали

09.12.2022г.

Кога станува збор за туризам во Македонија прво што паѓа на памет е посета на Скопје, Охрид и Маврово. И можеби со право странските туристи ги одбираат само овие 3 места поради тоа што тие се можеби единствените кои може да понудат целокупно задоволство. Ваквата констатација е во голема мера жална, бидејќи Македонија изобилува со убави места, а недостатокот на визија за развој на истите, допринело да бидат заборавени на туристичката мапа. Според податоците на заводот на статистика забележително е значително подобрување на ситуацијата во глобала, а дополнително ќе се обидеме да дадеме појасна слика за случувањата во првите 9 месеци од годината.

Според податоците од табелата може да се забележи дека вкупниот број на туристи се зголемил за 35%, или 176.005 повеќе туристи, во споредба со истиот период лани, се евидентирани во туристичките капацитети. Од нив 52% биле домашни, додека 48% странски туристи. Овој податок е значителен од причина што изминатата година главниот извор биле домашните туристи кои партиципирале со 63%. Ваквите бројки се и за очекување ако се земат во предвид сите ограничувања од ковид кризата и државната стимулација на домашниот туризам. Од друга страна, иако процентот на странски туристи се зголемил за 87%, сепак тоа не било проследено со рамномерен пораст на бројот на ноќевања, кои пораснале за 78%.

Во наредните две анализирани бази на податоци го користиме месец август, како најрепрезентативен примерок од туристичката сезона до сега. Според тоа, согласно видот на сместување може да се направи паралела помеѓу гографската локација и според типот на смештај.

Првата категорија ни открива дека најпосетени биле езерските места со вкупно 129.616 туристи, од кои ¾ биле домашни туристи. Тукму на овие локации реализирани се и најголем дел од ноќевањата, односно 92% од вкупните ноќевања. Интересно е да се забележи дека во месец август странските туристи повеќе го посетувале Скопје отколку езерските места, а таа разлика изразена во апсолутна бројка изнесува 2.664 туристи. Меѓутоа, иако помалку странски туристи се одлучиле за посета на езерските места сепак нивниот престој таму бил подолг. За 36% е поголем бројот на ноќевања на странски туристи на езерските места, во споредба со нивните ноќевања во Скопје.

Од аспект на хотелското сместување најголем дел од туристите и ноќевањата се реализирани од странски туристи. Од аспект на туристите, соодносот помеѓу домашни и странски е 26/74, а  идентичен сооднос е евидентиран и кај ноќевањата. Најкористени хотелски капацитети се оние со 4 ѕвезди позади своето име, а таквата констатација се однесува и за домашните, но и за странските туристи.

Она што го отсликува домашниот туризам е определбата на домашните туристи за приватно сместување, а бројките покажуваат дека овој сегмент скоро и да се израмнува со вкупниот број на туристи во хотелите. Ако подобро се анализира табелата ќе се увиди дека токму домашните туристи ја предводат оваа ситуација. Сликата покажува дека 3 пати повеќе домашни туристи престојувале во приватни капацитети отколку во хотели, а за 8 пати е поголем бројот на ноќевања во приватни капаците.

Од аспект на странските туристи во продолжение е табела со 6-те држави од каде доаѓаат најголемиот број на туристи.

Македонија била најатрактивна дестинација за туристите од Турција, кои во вкупната пропорција од 74.673 туристи учествуваат со 14.8%. Меѓутоа, бројот на туристи не соодветствува со бројот на реализирани ноќевања. Тука, на пиедесталот се туристите од Холандија  кои оствариле 23.179 ноќевања, а со тоа учестуваат со 12.4% во вкупната маса на ноќевања. За одбележување е и податокот што оваа бројка е постигната со скоро 6.000 помалку туристи во споредба со турските посетители.

Иако овие бројки можеби не ја отсликуваат во целост туристичката индустрија, сепак некои работи може да се генерализираат. Тоа се однесува на слабата промоција на државата и нејзино вклучување како светска туристичка дестинација, недоволниот број на капацитети со 5 ѕвезди, краткиот престој на странските туристи и за крај нискиот стандард на домашните туристи. Сето ова нека биде освестување за одговорните во пресрет на зимската сезона, а уште повеќе за наредната година.


(Редакција E&B)

ПРЕПОРАЧАНО