Економија
Концепти: Дигитален неомеркантилизам
03.12.2022г.
Во генезата на економските системи меркантилизмот зазема широко географско и временско пространство. Првично наметнат како теорија која ќе го заштитува и креира националното богатство, за подоцна да прерасне како водечки елемент во создавањето на моќта на нациите. Популаризиран во текот на 16 век во Европа, меркантилизмот е економски систем кој е изграден врз признавањето на моќта на националните држави. Раните меркантилисти верувале дека богатството на нацијата се определува со акумулацијата на злато и сребро и бара позитивен трговски биланс т.е. поголем извоз од увоз. Традиционално, теоријата ги поддржува правата на сопственост што треба да ги контролираат неколкумина монарси кои се обидуваат да ги постигнат економските цели на нацијата. Освен тоа, империјалистичката основа на системот резултира со високо субвенционирана извозна политика и со наметнати царини на увозот. За разлика од современите теории за меѓународна трговија, меркантилизмот веруваше дека кога две земји тргуваат, една земја губи додека другата добива. Побивајќи го форматот на слободна трговија, основната цел на државата беше да постигне суфицит на тековната сметка, водејќи кон таканаречен политички национализам.
Основните начела на меркантилистичката мисла се сметаат за застарени бидејќи повеќето моќни земји следат модел на слободна пазарна економија. Целта на меркантилизмот да акумулира богатство беше во директна корелација со одредбите за финансирање на војската, со цел да постигне одредени националистички вредности.
По развојот на напредните теории во меѓународната трговија, современиот меркантилизам кој ги задоволува политичките интереси преку економски средства има потреба од критичка евалуација. Меркантилизмот во 21 век ја дели политичката визија и малку ги модифицира економските средства за контрола на правата на сопственост. Како најрепрезентативен примерок за опстанокот на меркантилизмот е моделот на Кина. Фокусирајќи се на компании во кинеска сопственост, приказната за раст на економијата креирала модел за постигнување апсолутна предност особено во областа на иновациите. Преку зголемувањето на трговскиот суфицит се постигна акумулирање на девизни резерви, а ваквата стратегија, водена од извозот, беше водечки елемент во време на трговската војна со администрацијата на Трамп. Исто така, иако САД сакаат да се прокламираат како носители на слободната трговија сепак воведувањето на царини за кинеските производи ги наруши сите постулати на долгогодишната борба за независност. Се чини дека кинеската и американската визија се под импресија на меркантилистичките принципи, кои служат како штит за заштита на политичките интереси, меѓутоа софистицираните економски политики и траекториите на раст не можат да ја прикријат нивната дисхармонија со Светската трговска организација. Нивната дијаметрално спротивна политика може да биде неодржлива на долг рок што е штетно за целокупниот економски раст. Иако е лесно да се идентификуваат меркантилистичките карактеристики во начинот на работа на Кина и САД, тоа не значи дека остатокот од светот е лишен од слична агенда.
Како надополнување на гореведениот став е и функционирњето на позната група на држави кои се идентификуваат под називот БРИКС. БРИКС е организација составена од 5 држави (Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка) кои согласно глобалниот меркатилистички индекс од 2019 година се меѓу водечките економии каде овој систем функционира со “полна пареа”.
Од трговската војна помеѓу Кина и САД се создаде нов термин - дигитален неомеркантилизам, кој ги отсликува современите односи во дигиталната економија. За да го разбереме подобро терминот ќе навлеземе подлабоко во меѓусебните интеракции.
Американските политички аналитичари сакаат да ја нарекуваат Кина меркантилистичка. Употреба на ваква етикета имплицира дека Кина е нефер трговец кој ги штити сопствените пазари притоа користејќи ја отвореноста на американскиот пазар. Иако има одредена валидност на ова тврдење, сепак главната поента е дека интеграцијата на капиталот и поделбата на трудот меѓу двете земји ќе бидат од огромна корист за двете. Иако САД сакаше да се прикаже како жртва, сепак нејзните потези покажуваат дека и двете држави практикуваат меркантилизам. Ова води до важното сознание дека меркантилизмот е модел на интеракција меѓу националните држави, а не само лоша политика што ја води еден актер. Американско-кинескиот конфликт ги внесува во игра трговската, технолошката и надворешната политика, воената стратегија, политиката за сајбер безбедност, индустриската политика, правата на интелектуална сопственост и политиката за наука, технологија и иновации. Концептот на дигитален неомеркантилизам ги интегрира сите овие области на интеракција меѓу САД и Кина, замислувајќи ги како конфликт помеѓу два системи на политичка економија кои се стремат кон релативна геополитичка моќ.
Овој начин на размислување се нарекува дигитален неомеркантилизам бидејќи и двете страни (особено САД) му придаваат посебно значење на ИКТ секторот. Дигитализацијата, според нив, ги менува параметрите на она што е потребно за да има доминантна улога во глобалниот поредок. Трката во имплементација на 5G, во производството на чипови и креирањето на вештачка интелигенција се клучните аспекти од новата “студена војна”. Сепак, моќта на Big Data, софтверските решенија, мрежите и обработката на информации што тие ги посакуваат создаваат нови форми на глобална меѓузависност. Неомеркантилистите ги антиципираат овие меѓузависности како генерирање на нови закани од странските системи на политичката економија, како и нови можности за стекнување на релативни предности во моќта и богатството.
(Редакција Е&Б)