Економија

Анализа на странски директни инвестиции во последните 5 години

29.11.2022г.

Македонија од нејзиното осамостојување, па до ден денес, мака мачи да привлече странски инвестиции и притоа иако превземани се најразлични деловни и политички активности, општиот впечаток е дека сеуште не сме го постигнале посакуваното ниво. Како и да е, тоа што се инвестирало до сега придонело за подобрување на општата економска слика, а бенефитите може да се секвенционираат во неколку точки:

-          Се зголемуваат можностите за вработување

-          Се зголемува извозот

-          Се превзема know-how

-          Се остваруваат позитивни промени во даночната регулатива

Сите горенаведени ставки се акумулираат и нивното позитивно влијание ќе се ефектуира низ годините што доаѓаат, а од особена важност е да се следи нивото на странски инвестиции со цел остварување на континуитет во работењето. За да ја презентираме актуелната ситуација ќе направиме анализа на странските директни инвестиции во последните 5 години, преку кварталните податоци превземени од НБРСМ.

  1. 1. Во анализираниот период од К1 2008 година до К2 2022 година вкупните податоци укажуваат на 2 екстреми. Првиот екстрем е највисокото ниво на инвестиции во К4 2018 година кога во државата влегле 308 милиони ЕУР, од кои 37% отпаѓаат на инвестиции од Велика Британија, додека вториот екстрем е негативно салдо од 2.1 милиони ЕУР во К3 2018 година, а заедно со К2 2020 година се единствените квартали со негативна вредност.

  2. 2. Во овој период се истакнуваат 2 држави како најголеми инвеститори во Македонија. Тоа се Германија и Велика Британија кои кумулативно имаат нето инвестиции во износ од 224 милиони ЕУР, а следат Турција со 204.8 милиони ЕУР и Словенија со 191.5 милиони ЕУР. Негативен нето ефект сме забележале со Швајцарија во износ од 40.4 милиони ЕУР, како и со Унгарија во износ од 27.2 милиони ЕУР.

  3. 3. Најголем поединечен позитивен ефект е остварен од Велика Британија, во К4 2021 година во износ од 118.7 милиони ЕУР, а од оваа држава е и најголемиот ефект со негативен предзнак во износ од 137.2 милиони ЕУР во К1 2021 година.

  4. 4. Во последните 18 квартали акумулирани се инвестиции во износ од 2.015 милиони ЕУР, или просечно по 112 милиони ЕУР. Во однос на просекот, 9 квартали бележат пониски вредности, а радува податокот што првите 2 квартали од 2022 година се над оваа сума.

  5. 5. Ако се анализираат податоците на годишно ниво, најголем прилив бил остварен во 2018 година во вредност од 614.1 милион ЕУР, додека најмал во 2020 година, кога евидентирани се нето приливи од 201.4 милиони ЕУР. За споредба, овој резултат е за 3 пати помал од тој во 2018 година, а исто така е помал и во споредба со кумулативот од првите 2 квартали од 2022 година. Од аспект на поединечните држави, најголем годишен нето прилив е остварен од Велика Британија во 2018 година со 204.8 милиони ЕУР, додека најголем негативен ефект е генериран од Холандија во 2020 година, кога салдото изнесувало -46.2 милиони ЕУР.

  6. 6. За одбележување е и податокот дека Турција и Италија се единствените држави кај кои во сите квартали во континуитет има позитивен нето исход. Од друга страна исто така две држави имаат континуитет од три квартали по ред каде остварен е негативен резултат. Тоа се однесува на Холандија во 2018 година (К2-К4) и Унгарија во 2021 година (К1-К3).

  7. 7. Грција и Австрија се двете земји каде на годишно ниво има најмалку осцилации во однос на нето инвестициските приливи. Кај Грција тој обем се движел во износ од 23-29 милиони ЕУР, додека кај Австрија од 31-49 милиони ЕУР. Кај сите останати држави забележани се поголеми осцилации.

  8. 8. Што се однесува на првите 2 квартали од 2022 година за одбележување се новите инвестиции од Австрија и Германија во износ од 39.7 и 34.8 милиони ЕУР, но во исто време нарушен е трендот во односите со Грција каде е евидентиран негативен резултат од 11.7 милиони ЕУР, како и минусот од 21.1 милиони ЕУР од најголемиот инвеститор Велика Британија.

(Редакција Е&Б)

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано