Економија

Концепти: ОЛИГОПСОНИЈА

22.11.2022г.

Во нашиот вокабулар, при опишување на обликот на пазарната структура, најчесто користиме изрази како монопол, совршена конкуренција и олигопол.  Нивното значење е јасно и ние нема да навлегуваме во нивните специфики, туку нашето внимание ќе го насочиме кон еден помалку истражуван поим – олигопсонија. Неговото име е составено од два грчки зборови: oligio, што значи неколку и opsonia, што означува купување. Во суштина, терминот означува пазарна структура во која неколку голему купувачи го диктираат пазарот и цените, додека на страната на понудата има голем број продавачи.

Во својата генеза, индустриската организација и моделите на несовршена конкуренција навлегоа во многу области на економијата, почнувајќи од меѓународната трговија до макроекономијата до јавните финансии.

 На дијаграмот е дадена сликовита претстава која ќе ја објаснеме во неколку чекори, а заради симплифицирање на терминологијата, ознаките ќе ги оставиме изворно(на англиски јазик). 

-          Бидејќи олигопсониите се купувачи, наместо крива на побарувачка, поединечниот олигопсонист се соочува со извиткана крива на понудата S, која е и неговата просечна крива на трошоците AC. Ова е цената што ја плаќа за својата стока. Кривата по која тој купува е со пониска цена од цената при конкурентна рамнотежа, (околу точката E), исто така и во помала количина. Неговиот вкупен трошок е цена по купено количество, или PA x QA.

-          Ако ги намали цените што ги нуди, во PB, надевајќи се дека ќе заштеди пари, никој од неговите конкуренти нема да го следи. Бидејќи неговите цени се под нивните, и затоа што сите купуваат иста стока, продавачите ќе одат кај неговата конкуренција, а тој ќе изгуби пазарен удел. Ако цената што ја нуди малку се намали, количината на стоки што ќе може да ги купи ќе се намали значително. до QB. Како што се движиме надолу по кривата, количината што олигопсонистот може да ја купи се намалува. Бидејќи овие добра се фактори на производство, олигопсонистот повеќе не може да произведува во истиот обем како порано, намалувајќи ги притоа своите профитни маржи.

-          Да претпоставиме дека наместо тоа тој ги зголемува цените што ги нуди, надевајќи се дека ќе добие поголем удел на пазарот. Тогаш неговите конкуренти брзо ќе го следат примерот, бидејќи не сакаат да го изгубат својот удел. Така, тој нема да добие поголем удел на пазарот, туку само ќе купува по повисока цена. Сепак, тој може да купи поголемо количество, во QC, само затоа што неговата и цената на сите е повисока. Ова е карактеристично за нееластична крива на понудата, а бидејќи неговите трошоци по единица се повисоки, неговите профитни маржи веројатно ќе бидат помали. 

Со оглед на тоа што фирмите во олигопсонистичка конкуренција имаат тенденција да бидат “затворени” во однос на цените, тие мора да најдат други начини да се натпреваруваат и да задржат или да добијат удел на пазарот. Олигопсониите не се состојат од фирми со идентични големини или идентично пазарно учество, додека пак количината која ја купува одреден олигопсонист е одредена од историските фактори и неговата способностда се натпреварува на пазарот. Еден од начините за зголемување на профитите во ваква пазарна структура е преку привлекување на поквалитетна работна сила, а тоа директно влијае врз цената на трудот. 

За да можеме подобро да го објаснеме терминот ќе се послужиме со еден пример кој се разликува од теоретскиот модел, а е применлив за националната економија: Да претпоставиме дека на пазарот во една национална економија има 3 млекари кои секојдневно откупуваат млеко од голем број мали производители-фармери. Исто така, да претпоставиме дека овие фармери немаат можност за пласирање на млекото на странски пазари и дека млекарите им се единствените купувачи. Сега, да претпоставиме дека млекото се откупува по цена од 30 денари и дека една од млекарите одлучува откупната цена да ја намали за 10 денари, односно новата цена за откуп на литар млеко да биде 20 денари. Овој настан ќе се рефлектира врз продавачите своето производство да го насочат кон останатите 2 млекари. Ваквата пазарна промена ќе доведе до 2 последици: 

  1. 1. Млекарите веќе имаат зацртано производство согласно годишните проекции за производство на млеко и нема да бидат мотивирани да го откупат целото млеко, а со тоа големи количини ќе останат непродадени
  2. 2. Втората последица ќе биде и другите 2 млекари да го следат примерот на првата млекара и тие да ја намалат откупната цена 

На крајот, епилогот ќе биде пониска пазарна цена на млекото, на штета на големиот број производители, а млекарите ќе постигнат максимизација на своите профити. Тоа е она што за жал се случува на пазарот во Македонија.

Покрај ценовното ниво, ваквата пазарна структура во голема мера делува и врз нивото на квалитет на производите (во нашиов случај на суровината млеко) со оглед на тоа што производителите не може однапред да ги предвидат откупните цени, а со тоа ќе бидат демотивирани да инвестираат во поквалитетно производство. Фармерите се оставени сами да го сносат ризикот од евентуална хиперпродукција и несакани елементарни непогоди кои може да го детерминираат нивното производство.  Дополнително, дистрибуцијата на ризикот од циклична побарувачка е целосно на страна на фармерите, а истото ќе се ефектуира и врз намалување на цената на трудот, бидејќи, сепак профитот на олигопсонистот мора да произлезе од некаде!


(Редакција Е&Б)

 

ПРЕПОРАЧАНО