Економија

Фактори на побарувачката за приватното здравствено осигурување

21.11.2022г.

Кога се прави анализа на приватното и државното здравство, најчесто ставовите и размислувањата се поделени. Некои задираат во стручноста на докторите, други во условите за пациентите, а трети кон достапноста кон двете поединечно. И скоро никогаш нема да може еден став да го надвладее другиот, но општиот впечаток е дека во приватните болници полека се одлева најдобриот кадар од државното здравство, дека приватните клиники имаат далеку подобри услови за пациентите, а од друга страна приватното здравство е прескапо за мнозинството. Од друга страна приватното здравство е последна инстанца на пациентите во “очај”, а дополнителен елемент кој го форсира приватното здравство е приватното здравствено осигурување. Токму тој сегмент, кој почна да се “инсталира” преку осигурителните компании, а во последно време и преку банкарскиот сектор, е главниот катализатор за се поголемо користење на здравствени услуги од приватните клиники.

Во економската литература приватното здравствено осигурување посебно се анализира за сиромашните земји од аспект на неговата побарувачка при што евидентирани се низа “нерационални” однесувања.

Приватното осигурување во сиромашните земји обично е ограничено на повисоките класи. Многу семејства не можат да си дозволат осигурување, но дали сиромаштијата или недостатокот на ресурси можат да го откријат недостатокот на осигурување? Луѓето често трошат значителни суми од свој џеб за здравствена заштита, суми кои во дадена година лесно може да ги надминат трошоците за премија за осигурување, па зошто тие не активираат полиси за приватно здравстено осигурување? Можеби првата помисла ќе биде аверзијата од ризик, бидејќи сиромашните се повеќе изложени на ризик од оние кои се во подобра состојба и ги имаат сите причини да се спротивстават. Но, прифаќањето на поголем ризик не се пресликува лесно во побарувачката за осигурување, иако осигурувањето може значително да ја подобри благосостојбата на поединецот. Одговорот за малата побарувачка треба да се бара во културните или социолошките причини. Да се ​​биде аверзичен кон ризикот не е исто што и да се обидуваш да ги процениш ризиците и рационално да се соочиш со нив. Освен тоа, ако луѓето купуваат осигурување и не се разболат или повредат, може да се чувствуваат измамени. Можеби ќе ги сакаат парите назад или можеби ќе одлучат да не го обноват осигурувањето. Добивањето медицинска нега преку осигурување се смета за преценета вредност: плакаш, а потоа може и да не го искористиш воопшто. Од друга страна проблемот со моралниот хазард е дека луѓето во сиромашните земји понекогаш се подготвени да купат осигурување за здравствена услуга која во теорија е неосигурлива, бидејќи е совршено предвидлива. Општата перцепција е дека луѓето може да бараат таков вид на осигурување кое со сигурност ќе го искористат, а нема да купат заштита од ретки, катастрофални здравствени настани, бидејќи може да не добијат ништо од нивното осигурување од овие настани. Токму тука доаѓа до израз економската оправданост на постоењето на приватното здравствено осигурување.

Од друга страна многу помалку рационални фактори може да ја намалат побарувачката за осигурување. Пред се, вклучување на суеверието дека купувањето осигурување ја зголемува веројатноста да се разболат и стравот дека преземањето осигурување е еднакво на прогласување за болен.

Една корелација за економијата на побарувачката тврди дека кога веќе луѓето плаќаат големи суми од својот џеб за здравствена заштита, тие можат да си ги дозволат трошоците за приватно осигурување. Во тесна економска смисла, тој заклучок е точен, а уште поточна е конотацијата дека плаќањата од џеб за здравствена заштита се честа причина за осиромашување на домаќинствата и тоа не само на сиромашните домаќинства, во сиромашните земји. Тврдењето дека луѓето можат да си дозволат такви трошоци е само неумешен начин да се каже дека тие повеќе би сакале да бидат уништени економски отколку да умрат.

На крај, сепак треба да се има во предвид дека пенетрацијата на приватното здравствено осигурување во Македонија е се поголема и истата ќе придонесе за подобрување на здравствениот систем во целина, но клучно е да се напомене дека потребна е многу поголема едукација во овој дел за целокупното население, како и максимална одговорност и строга регулатива  за осигурителните компании. Од друга страна, радува фактот што се повеќе приватни компании ја нудат оваа бенефиција за вработените, а истото придонесе за намалување на цената на чинење и зголемување на свесноста за потребата од истото.


(Редакција Е&Б)

 

ПРЕПОРАЧАНО