Економија

Технофеудализам

15.11.2022г.

12-ти август 2020 година се смета дека пазарот ги даде највидливите знаци за почетокот на распаѓањето на капитализмот, особено оној кој го креираше теоријата. На овој ден беше објавена информацијата дека Обединетото Кралство во првите 7 месеци од годината евидентирало пад на БДП од 20%. Секој рационален инвеститор би очекувал дека оваа јавна информација негативно ќе се одрази и врз берзанските цени, но се случи токму спротивното. Само 2 минути после објавата, Лондонската берза порасна за повеќе од 2%. Сето ова беше доволен тригер за познатиот економист Јанис Варуфакис да почне да ја развива тезата за формирање на нов економски систем наречен технофеудализам.

Капитализмот во своето постоење се развивал и еволуирал низ 2 фази. Првата фаза се поврзува со втората индустриска револуција кога почнаа да се создаваат компании кои целосно се адаптираа на новитетите во користењето на електричната енергија, електромагнетните полиња, а исто така почнаа да се создаваат големи банки кои ги финансираа сите овие подвизи и инвестиции. Во ретроспективата за капитализмот што ја дава Варуфакис нагласува дека пекарот, пиварот и месарот, кои беа главни двигатели на економијата според Адам Смит, во тој момент беа заменети со Форд, Едисон и Круп. Сите овие масовни инвестиции и банкарски заеми доведоа до целосен крах на економијата во 1929 година, познатиот New Deal, како и договорот од Бретон Вудс, после завршувањето на Втората Светска војна. Втората фаза од еволуцијата на капитализмот е во тесна корелација со завршувањето на гореспоменатиот договор. Моќта на САД се трансформираше во апсорбирање на расположливиот капитал на големите играчи како Германија, Јапонија и Кина. Тоа се остваруваше преку енормен дефицит кој се повеќе ја подгреваше побарувачката и го зголемуваше увозот, а со тоа јакнејќи ги странските партнери кои потоа своите профити повторно ги насочуваа кон Wall Street. Сето тоа беше проследено со голема дерегулација и развој на олигополи. Како што месарот, пиварот и пекарот беа заменети од Форд, Едисон и Крупс, така новите протагонисти на т.н. финансирачки капитализам беа Lehman Brothers, JP Morgan и Goldman Sachs.

Ваквиот тек на настани беше значително нарушен од глобалната финансиска криза во 2008 година, а својот пик го достигна со одлуките на централните банки да посегнат кон дополнителни емисии на пари со цел да ги стабилизираат економските текови. За штетата да биде уште поголема централните банки сеуште го користат овој елемент како примарна алатка и наместо главен извор на финансирање да биде профитот, денес тоа е монетарната политика.

Во меѓувреме, со развојот на технологијата, дигиталните платформи станаа доминантен учесник на мноштвото трансакции. Токму овој елемент доведе до тоа компании како Amazon, Google и Facebook да се дистанцирааат од олигополскиот пазар и да наликуваат на феуди.

Клучниот момент е како монетарната политика преку принтање се повеќе пари доведува до технофеудализам и како е тоа поврзано со настанот од 12-ти август 2020 година? Кога беше објавена веста за падот на БДП, големите банки очекуваа дека централната банка во паника ќе почне да емитира уште поголема количина на пари, а големите играчи тогаш сметаа дека е време да купуваат акции. Поврзаноста е следна: моментот за купување на акции беше одличен од причина што кога ќе стигнат парите во циркулација ќе се зголеми интересот за купување на акции и нивната цена ќе оди нагоре. Токму поради тој момент берзата порасна за 2%, што беше голем парадокс. Кругот со новите пари е следен: Централните банки дополнителните пари ги вбризгуваат во економијата преку банките, кои пак ги пласираат кај најголемите компании. Така, најголема корист од оваа шема имаат големите компании кои со позајмени пари ги откупуваат нивни акции и така ја зголемуваат својата моќ.

Технофеудализмот е новото општествено уредување во кое само навидум имаме слобода и еднаквост, но во реалноста најголемата пропорција на моќ е сконцентрирана во рацете на неколку големи технолошки развиени компании, кои почнуваат да ја креираат правната и економската рамка кај сите поединечни држави. На тој начин ќе се доведеме до ситуација да неколку поединци, сопственици на овие компании, може да го диктираат обликот на општеството во целост.


(Редакција Е&Б)

 

 

ПРЕПОРАЧАНО