Економија

Креативна деструкција

03.11.2022г.

За да можеме да најдеме историска паралела со терминот креативна деструкција и да ги објасниме неговите карактеристики треба да се навратиме на пишувањата на познатиот економист Јозеф Шумпетер. Шумпетер припагал на австриската економска школа во која за прв пат ги афирмирал претприемништвото и иновациите како основни елементи во бизнис циклусите. Токму тие ја создале неговата теорија за креативна деструкција која се однесува на непрестајниот механизам за иновација на производи и процеси со кој новите производни единици ги заменуваат застарените. Овој процес на реструктуирање продира во главните аспекти на макроекономските перформанси, не само врз долгорочниот раст, туку и на економските флуктуации, структурното прилагодување и функционирањето на пазарите. На долг рок, процесот на креативна деструкција учествува со над 50 проценти од растот на продуктивноста, а доколку процесот е нарушен од било какви пречки, истото може да предизвика сериозни краткорочни и долгорочни макроекономски последици. Овој процес на Шумпетер бил креиран во 1942 година, а самиот автор го сметаше моделот за суштински елемент на модерниот капитализам.

Позадината околу теоријата за креативна деструкција е дека вложувањето во иновации, технолошкиот напредок и истражувањето и развој во прв момент ќе донесат деструктивни елементи во одредени бизниси и многу луѓе ќе ги загубат своите работни места, но на долг рок ќе се создадат нови бизнис модели кои ќе бидат инсталирани во постоечките и нови компании со кои ќе се зголеми продуктивноста и профитот, а тоа ќе придонесе кон зголемување на благосостојбата и на вработените и на соработниците, како и на општеството во целина. Во вокабуларот на Шумпетер мора да се направи дистинкција помеѓу поимите иновација и изум. Имено, иновацијата се заснова на подобрување на одредени производи и процеси, додека изумот е креирање на нови производи и процеси. Поентата на Шумпетер е дека не мора секогаш да бидеме иноватори или изумители за да го подобриме технолошкиот развој, туку напротив преку иновација и мали подобрувања може да придонесеме за креирање дополнителна вредност. Притоа Шумпетер ги разграничува термините “одржлива иновација” и “деструктивна иновација”. Првиот термин е кога се креира нова верзија на некој производ или одредена надградба на постоечка услуга. Од друга страна, вториот термин го предизвикува status quo системот и креира лавина од деструктивни елементи. Пример за таква деструкција се популарната платформа Netflix, која сериозно ја загрозува филмската индустрија., понатаму  Uber, кој е моќна конкуренција на такси компаниите, Airbnb, креација која сериозно го нарушува функционирањето на хотелските ланци ширум светот итн.

На микроекономско ниво, реструктуирањето се карактеризира со безброј одлуки за создавање и деструкција на производствени аранжмани. Овие одлуки се често сложени, вклучувајќи повеќе засегнати страни, како и стратешки и технолошки размислувања. Ефикасноста на тие одлуки не зависи само од менаџерскиот талент, туку зависи и од постоењето на здрави институции кои обезбедуваат соодветна транзициона рамка. Последиците од креативната деструкција може да афектуираат одредени промени и во 3 други економски категории:

-          Несомнено развојот на роботиката и вештачката интелигенција се ризик фактор кој ќе создадат намалување на расположливите работни места што понатаму може да доведе до структурна невработеност

-          Инвестициите во иновации може да придонесат за зголемување на глобалната конкуренција во рамки на бизнис секторот, но исто така и помеѓу државите

-          Примерите за Uber, Netflix и Airbnb креираат основа за сомнеж во врска со нивната профитабилност и плаќањето на даноци. Со тоа креативната деструкција многу реално се одразува и врз фискалната политика

Крајниот заклучок е дека растот е резултат исклучиво од технолошкиот напредок, кој пак е резултат на конкуренцијата меѓу истражувачките компании кои генерираат иновации. Секоја иновација се состои од ново сродно добро што може да се искористи за го произведуваат финалниот производ поефикасно од претходно. Истражувачките компании се мотивирани од можноста за користење на монополската позиција која може да ја доловат само кога ќе се “патентира” успешна иновација. Но, тоа трае само до следната иновација, што ќе го застари постојниот производ.  Ваквиот модел на Шумпетер во економската теорија може да се надградува преку претпоставка дека технологијата е ограничена, а со тоа на долг рок големината на иновациите да има опаѓачка траекторија, или уште повеќе би се развила дискусија кога на моделот ќе се додаде ограничувачкиот капитал, било тоа да е физички или човечки. Токму тоа може да  биде кочница врз отелотворување на техничките промени и успорување на стапката на креирање иновации, а конечно ваквите екстензии да ја прикажат реципрочната интеракција помеѓу технолошките промени и деловниот циклус.


(редакција Е&Б)

ПРЕПОРАЧАНО