Економија

Монетарна неутралност

01.11.2022г.

Неутралноста на парите е стенографски израз на основната квантитативна теорија според која количината на пари кои што циркулираат во економијата влијаат само на нивото на цените во една економија, а не и нивото на реалниот аутпут. Позадината околу ваквата теорија е дека парите може да се користат или за заштеда или за потрошувачка. Новите пари што би се вбризгале во економијата ќе имаат тенденција да бидат депонирани на банкарските сметки, а некои ќе се распределат во рацете на давателите на услуги, трговците, новите вработени итн. Цените на производите и услугите ќе растат со зголемувањето на паричната маса, а зголемената побарувачка, исто така, може да ја поттикне вработеноста бидејќи работодавачите ќе бараат да вработат повеќе вработени. На крајот, потребата за работна сила ќе креира зголемување на платите.

Монетарната неутралност е теорија која тврди дека промените во понудата на пари во економијата влијаат само на номиналните променливи, а не и на реалните променливи. Ова значи дека кога централните банки ќе одлучат да ја променат (зголемат или намалат) понудата на пари, истата се рефлектира врз номиналните варијабли како што се цените, платите и девизните курсеви, а не и на реалните економски варијабли. Реалните економски варијабли во најтесна конотација вклучуваат вработеност, инвестиции и реален бруто домашен производ (БДП).

Оваа доктрина беше за прв пат објавена од страна на Дејвид Хјум (David Hume) во 1752 година, во неговите есеи за “Парите и Каматите”. Главната поента на есеите е во тврдењето на Хјум дека промената на паричната состојба е ирелевантна врз однесувањето на рационалните индивидуи. Ваквата теза во денешни услови е далеку од идеалниот свет кој го замислувал Хјум и тешко би се потрврдила истата во пракса во било која светска економија. Но, прво да ја разработиме теоријата на Хјум преку моделот на класичната економска школа.

 

 

Квадрантот а) го прикажува класичниот пазар на труд. Понудата на работна сила е растечка функција на реалната плата бидејќи при повисоки плати повеќе луѓе се подготвени да се вработат. Побарувачката за труд пак е опаѓачка функција на реалната плата, бидејќи работодавачите се подготвени да вработат помалку луѓе со повисоки плати поради повисоките трошоци за работна сила. Рамнотежата на пазарот на трудот ја одредува вкупната количина на труд во економијата.

Квадрантот b) ја прикажува стандардната производна функција во која нивото на производство зависи од ангажираната работна сила и капиталот. Нивото на производство (претпоставувајќи фиксен износ на капитал) се одредува според нивото на вработеност од пазарот на трудот.

Квадрантот c) го прикажува стандардниот модел на агрегатната понуда и агрегатната побарувачка, каде што е важно да се истакне дека во класичното училиште кривата AS е вертикална, бидејќи подразбира целосна флексибилност на платите и рационални очекувања за цените. Во класичната теорија, промената на паричната маса ја поместува кривата АD со оглед на тоа што брзината на циркулација на парите е константна. 

Квадрантот d) само ја покажува врската помеѓу реалната плата и нивото на цената. При повисоки цени, реалните плати се пониски и обратно.

Доколку во овој модел централната банка ја зголеми количината на пари тоа ќе предизвика зголемување на агрегатната побарувачка. Со оглед на тоа што нивото на производство, т.е. агрегатната понуда е фиксна, резултат на зголемената побарувачка за стоки и услуги води кон зголемување на цените. Порастот на цените од друга страна доведува до пад на реалните плати, што предизвикува краткорочна нерамнотежа на пазарот, но флексибилноста на одредувањето на платата и рационалното однесување на работниците кои го препознаваат падот на реалните плати и не се мотивирани да се вклучат на пазарот на труд, резултира со зголемување на номиналните плати, па пазарот на труд брзо ја враќа рамнотежата.  Според тоа, последица на монетарната експанзија е само повисокото ниво на цените, додека клучните варијабли на реалниот сектор - бројот на вработени и количината на производството остануваат непроменети. 

Теорија подоцна се развива во два правци: краток и долг рок. Притоа, некои економски школи, пред се австриската, претпоставуваат дека постои неутралност и на краток и на долг рок. Таквата неутралност се нарекува и супер-неутралност. Но, другите економски школи (кејнзијанската) препознаваат само неутралноста на парите на долг рок и сметаат дека монетарната политика е ефективна на краток рок.

Монетарната неутралност на долг рок е во голема мера прифатена меѓу економистите, а нејзината важност произлегува од нејзината последица: монетарната политика не може да влијае на долгорочниот раст. Сепак, без оглед на сè уште доминантната теорија за неутралност на парите на долг рок, монетарната политика во повеќето стандардни макроекономски учебници е важен инструмент на економската политика дури и кога се размислува за долгорочен план.


(Редакција E&Б)

ПРЕПОРАЧАНО