Економија
Бишев: Улогата на државата во економскиот развој
Глигор Бишев | aвторот е економист
Економија и бизнис | печатено издание | октомври 2022г.
Теоретски пристап кон улогата на државата
Големата рецесија (2007−2009) дефинитивно ја врати суштинската улога на државата во обезбедувањето одржлив економски развој. Пазарот сам по себе се сметаше дека не е доволен за да се обезбеди инклузивен раст на долг рок. Ковид-19 дополнително ја зајакна улогата на модерната социјална држава. Без обезбедување здравствени услуги, бесплатни за сите, финансиска поддршка за компаниите и за домаќинствата, немаше да биде можно да се победи ковид-19 без продолжена остра економска рецесија.
Модерната држава дефинитивно не може да седи на задното седиште и едноставно да создаде услови приватниот сектор да инвестира и да генерира раст. Современата претприемничка држава мора да игра многу владини улоги за да постигне одржлив, инклузивен и фер развој. Креаторите на политики имаат клучна улога да им помогнат на играчите од приватниот сектор да ги надминат разните неуспеси на пазарот, да помогнат во процесот на откривање нови и ветувачки можности. Иновативниот екосистем и инвестициите во приватниот сектор кои го намалуваат ризикот се сметаат за важни фактори за постигнување паметен, одржлив и зелен раст. Ваквите политики мора да ги стават иновациите во срцето на политиките за раст. Владата треба да има мисија да финансира иновации, да ја насочува економијата кон зелена и паметна (Miriana Mazzucato, 2012).
Теоријата за неуспех на пазарот за улогата на владата во економијата, во многу земји веќе не се користи за улогата на државата во економскиот развој. Имено, Теоријата за неуспех на пазарот ја прифаќа улогата на пазарниот механизам како доминантна. Во добри времиња, државните расходи не се толку „продуктивни“ како инвестициите на приватниот сектор. Така, во добри времиња, улогата на владата треба да биде што е можно помала. Владата треба да седне на задното седиште и едноставно да создаде услови приватниот сектор да инвестира и да генерира раст. Улогата на владата треба да се зголеми во лоши времиња, во криза, кога пазарниот механизам не е доволен сам за да генерира раст и стабилност.
Овој став за улогата на државата беше напуштен од најголем број земји: сите земји на ЕУ, развиените и брзорастечките економии. Од шесте земји од Западен Балкан, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора преминаа на Теоријата за улогата на модерната држава, додека Албанија, Косово и Северна Македонија продолжуваат да ја користат Теоријата за неуспех на пазарот за улогата на државата во економскиот развој − невидливата рака на пазарот во добри времиња, преку инвестициите на приватниот сектор генерира економски раст, а со тоа улогата на државата треба да биде што е можно помала, што бара државните расходи во однос на БДП да се одржуваат на ниско ниво.
ТРОШОЦИ НА ОПШТАТА ВЛАДА КАКО ПРОЦЕНТ НА БДП: ЕУ, ЕВРОЗОНА, СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
Расходи на државава и раст во Северна Македонија
Северна Македонија се потпира на Теоријата за неуспех на пазарот за улогата на владата во економијата уште од нејзината монетарна независност – во 1992 година. Постоеше широко распространето мислење дека колку се помали приходите и расходите на владата и нејзиното мешање во економскиот развој, толку се подобри условите за приватниот сектор да испорача повисок економски раст.
Расходите на државава беа систематски одржувани на ниво од 1/3 од БДП пред кризата со ковид-19. Во годините додека траеше ковид-19 (2020−2021), јавните расходи достигнаа 38,9 проценти и 37,7 проценти од БДП, соодветно. Така Владата му даде значителен простор на приватниот сектор да инвестира и да генерира раст.
Така расходите на државава сочинуваат 70 отсто од просекот во земјите на ЕУ, 88 отсто од просекот на посттранзициските земји од ЕУ и 76 отсто од просечните државни расходи во Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Ваквото ниво на расходи на државава значително го ограничува капацитетот на македонската држава да интервенира и да влијае на економскиот развој и распределбата на приходите.
Владините капитални расходи една деценија се задржаа на околу 3 отсто од БДП со тренд на опаѓање во последниве три години од околу 2,4 отсто. Ова беше недоволно за да се подобри квантитетот и квалитетот на јавната инфраструктура и да се поддржи забрзувањето на растот. Северна Македонија ќе треба барем да ги удвои јавните капитални расходи за да ги достигне земјите од ЕУ и да стане брзорастечка економија.
Инфраструктурата, која е клучна варијабла за економски развој, значително заостанува зад ЕУ и соседните земји. Северна Македонија заостанува зад земјите од ЕУ по квантитетот и квалитетот на капиталот. Износот на јавен капитал на земјава по глава на жител на крајот на 2018 година е со речиси 50 проценти јаз во однос на новите земји членки на ЕУ, иако на почетокот на 2000 година јазот беше околу 10 проценти. Физичката мерка на инфраструктурата – како што се километри патишта и железници, киловати капацитет за производство на електрична енергија и индикатори за дигитална економија − откриваат слични недостатоци. Северна Македонија, исто така, заостанува зад ЕУ во однос на квалитетот на инфраструктурата (ММФ, Извештај за член IV, 2022 година).
ИЗНОС НА ЈАВЕН КАПИТАЛ (2017 г., долари по глава на жител според паритет на куповна моќ)
Инвестициите во образованието, како и во истражувањето и развојот се ниски. Расходите за образование сочинуваат 3,7 отсто од БДП и се многу ниски во споредба со истите расходи во земјите на ЕУ (Словенија 4,9 отсто од БДП, Франција 5,6 отсто од БДП). Квалитетот на расходите е исто така важен. Јавните расходи за истражување и развој речиси и да не постојат. Во 2018 година, тие учествуваат со 0,04 отсто од БДП (Стиков, Јовановиќ, Тевдовски, 2020 година).
Ваквиот модел на раст и улога на државата даваат слаби економски перформанси. Во последниве две децении Македонија не успеа да стане брзорастечка економија. И покрај високата цена и финансиската стабилност, просечната стапка на раст пред пандемијата (2001−2019) беше околу 3,0 проценти. Ова не беше доволно за да се затвори јазот во приходите меѓу една просечна земја на ЕУ и Северна Македонија. На крајот на 2019 година, БДП по глава на жител во Северна Македонија изнесуваше 37,2 отсто од просекот на ЕУ.
Во периодот 2015−2021 година, Северна Македонија има слаби перформанси од аспект на раст и во рамките на земјите од Западен Балкан. Во периодот пред ковид-19, Северна Македонија оствари просечна стапка на раст од 2,9 отсто, доволна за петтата позиција од шесте земји од Западен Балкан. За време на периодот на ковид-19 (2020−2021 година), Северна Македонија имаше најслабо остварување на раст во групата земји од Западен Балкан, со просечна стапка на раст од -2,1 %.
Ова нè доведува до точка сериозно да ја преиспитаме улогата на модерната држава во економскиот развој. Дали ќе продолжиме да ја користиме Теоријата за неуспех на пазарот за улогата на државата или ќе го прифатиме модерниот поглед за социјална држава која не седи на задното седиште чекајќи го приватниот сектор сам да испорача економски развој?