Економија

Даночната реформа – сметката за фискалната недисциплина

Маја Кадиевска Војновиќ | aвторот е поранешен вицегувернер на НБРСМ

Економија и бизнис | печатено издание | септември 2022г.

Во контекст на тековните дискусии за даночната реформа ќе потенцирам неколку факти. Прво, зошто сега и како дојдовме до даночна реформа? Второ, која е целта на даночната реформа и зошто баш од неа?
Во претходни неколку текста веќе потенцирав дека на Македонија ѝ е повеќе од неопходна фискална консолидација од причина што јавните финансии станаа неодржливи. Фискалните бафери или фискалниот простор, претставен преку релативно ниското ниво на јавен долг, веќе го немаме, а политката на умерени фискални дефицити се напушти во кризните пандемиски години и по нив. Приходите беа погодени во 2020 година поради кризата со ковид-19, но под влијание на инфлацијата во 2021 и 2022 година значајно се опоравија. Затоа, пак, расходите во континуитет бележат експлозија.


Јавниот долг достигна непозната височина досега за нас, а според проекциите на среден рок тешко дека ќе дојде до неговото намалување. Причината за зголемувањето на јавниот долг ќе кажам дека лежи „(...) според податоците од отворени финансии, вкупните исплати врзани за ковид-19 од почетокот на кризата заклучно со ноември 2021 година изнесуваат околу 400 милиони евра. Остатокот на растот на долгот се должи на намалувањето на приходите во 2020 година и нивниот недоволен раст во 2021 година да ги издржи зголемените тековни трошења во двете пандемиски години за плати на јавната аминистрација, трошоци за стоки и услуги, раст на трансфери до ПИОМ, раст на трансфери кон општините и зголемените каматни отплати. Со еден збор, има пад на приходи, раст на тековни трошења (надвор од помошта за економијата) или никаква фискална консолидација (никакво штедење и рационализација на тековните трошења), а реализацијата на капиталните расходи е под историскиот просек. Фискалната одржливост попатно се заборави“.
И Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврди дека мерките кои имаат директни фискални импликации врз Буџетот заклучно со октомври 2021 година биле околу 427 милиони евра. Уште повеќе загрижуваат наодите од ДЗР дека помошта за бизнисот и вработените се делела без критериуми, не била соодветно планирана, контролирана, односно дека делењето на јавните пари било недоволно транспарентно без утврдени конкретни ефекти. „Постои отсуство на сеопфатен, меѓусебно усогласен и интегриран начин на водење на евиденција за одобрената и реализирана финансиска поддршка во Владата на РСМ по мерки, како и неусогласен пристап за информирање по однос на реализацијата на мерките, што ја намалува транспарентноста и отчетноста на надлежните институции во трошењето на средствата и не создава услови за мерење на ефектите од истите“ (ДЗР, 2021). ДЗР кажува дека и Управата за јавни приходи утврдила дека одреден број на работодавачи − корисници на поддршка немаат исплатено плата на вработените, а кај финансиската поддршка како неповратен грант имало признавани набавки за вообичаени деловни активности на корисникот кои не се предвидени како услов за неповратна поддршка. И овие пари отидоа за кризата. Отидоа и 170 милиони евра за покривање на увозот на струја од ЕСМ зашто во критичните месеци лани (ноември и декември) не беа спремни да произведат и да испорачаат домашни количини на струја до регулираниот пазар.
Јавниот долг порасна, а за иднината и финансирањето на буџетските дефицити ќе напишам: „Времето на негативни реални каматни стапки (номинални каматни стапки минус инфлација) ќе бидат минато. Зголемувањето на каматните стапки ќе иде постепено, што би оставило простор за консолидација на фискалната политика, но пазарните реакции се ненадејни и брзи, особено што инвеститорите брзо реагираат кога почнуваат да се грижат дека фискалниот простор се исцрпува. Така, големите потреби за рефинансирање на долгот кој беше кумулиран во овие пандемиски години на среден рок ќе бидат скапи, а високото ниво на јавниот долг заедно со неповолната структура на Буџетот ќе претставуваат сериозна кочница за идниот раст на македонската економија. Пристапот до пазарно надворешно финансирање ќе биде потежок во услови на исцрпен фискален простор и отсуство на кредибилна фискална консолидација.“
И дојде тој момент. Издавањето на овогодишната еврообврзница е неизвесно, а кога ќе се случи ќе биде скапо. Преговорите до каде е процесот за добивање на лабав аранжман со ММФ се држат во тајност. Објавата дека ММФ се согласила уште во април да ни одобри Линија за ликвидност и претпазливост, каква што добиваат земјите со добри економски политики, веќе не е толку гласна во јавноста.


Во вакви околности, соочена со болната вистина и со високата сметка која допрва доаѓа да се плаќа, Владата пристапи прво, ни помалку ни повеќе − кон даночна реформа. Мислам дека треба да бидеме политички коректни и да признаеме зошто ни е потребна даночна реформа со која се проширува даночната основа, односно се укинуваат одредени даночни ослободувања кај данокот на личен доход и данокот на добивка, потоа се воведуваат придонеси за задолжително социјално осигурување на договорите на дело/договорите за повремено или привремено вршење на услуги и се зголемуваат повластените стапки кај некои производи и услуги кај данокот на додадена вредност. Даночната реформа ни е потребна за повеќе пари во Буџетот. Но, што велат официјалните лица?
За целта на даночната реформа. Според министерот за финансии, „Таа не е решение кое треба да се гледа како потреба за да се обезбедат повеќе средства во Буџетот, туку претставува реформа за постигнување одржлив економски раст“. Тука прашањето е како со 54 милиони евра, колку што е официјално естимираниот фискален годишен ефект од сите промени, ќе се постигне одржлив економски раст. Одржлив економски раст се постигнува со комбинација на повеќе економски мерки. Одржлив економски раст се постигнува ако собраните буџетските средства идат за продуктивни цели, односно за инвестиции кои ќе го зајакнат производниот потенцијал на домашната економија, а не како што правеше Владата за плати на нови вработени во јавната администрација и за високи трошења за стоки и услуги. Одржлив економски раст се постигнува со зајакнат даночен морал и фискална дисциплина кај бизнисот и населението, кога и самата Влада на дело покажува фискална дисциплина, а не организација на скапи настани и конференции во сред криза. Одржлив економски раст се постигнува кога неплаќачите на данок се казнуваат, а новите и перспективни бизниси се поддржуваат. Но, за жал, во пракса не се случува така.
Во контекст на целта на даночната реформа е и намалувањето на сивата економија. Според министерот за финансии, „Концептот на даночната реформа се однесува на зголемување на опфатот на приходите што се предмет на оданочување преку преиспитување на преференцијалниот третман на одредени категории извори на приходи, инвестиции и категории деловни субјекти, како и преку воведување повеќе обврзници во системот на оданочување преку намалување на неформалната економија“. Намалување на неформалната економија со воведување на придонеси за задолжително социјално осигурување на договорите за дело/договорите за повремено или привремено вршење на услуги? Прво, зошто има три различни уредувања на иста работа − договори на дело, договори за привремено и повремено работење? Дали системски ќе бидат офатени сите или ќе креираме уште поголема сива економија ако точно не се оцени што добиваме, а што губиме?
Да бидеме политички коректни. Вистинската битка со сивата економија уште ја нема. Стратегиите за искоренување на неформалната економија само се ревидираат, препишуваат и повторно промовираат, а не се спроведуваат на дело. Првата официјална Стратегија за формализирање на неформалната економија во Република Македонија (2018−2022) од Министерството за труд и социјална политика никој не знае до каде е спроведена. До каде е имплементацијата на Акцискиот план од Министерството за финансии за сузбивање на сивата економија 2020−2021 година? Во самиот план стои дека согласно податоците на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), учеството на сивата економија во Република Македонија изнесува 37,6 проценти и според овој податок земјата е на четвртото место во регионот на Југоисточна Европа. Сивата економија постои во делот на ненаплата на данокот на додадена вредност, сивата економија постои во ненаплата на данокот на имот, сивата економија постои во употребата на кешот за кој исто така има стратегија за искоренување, ама никој не ја спроведува.


За оправданоста на даночната реформа. Даночната реформа за да биде кредибилна и прифатена од бизнис-заедницата и од населението треба да биде истовремено поддржана со јасна посветеност на Владата дека ќе штеди на непотребни набавки, дека ќе настојува да ја рационализира јавната администација, дека ќе настојува да го намали коруптивното однесување на носителите на јавни функции. Јасната посветеност за фискална консолидација на расходна страна не е нешто што треба да се разговара од сега натаму, туку требаше да постои и досега. Кризата со пандемијата не требаше да се гледа како матна зона за вработувања во јавниот сектор и за нерационално трошење за стоки и услуги. Сметката за ваквата политика допрва ќе се плаќа. Зарем во услови на голема економска криза за 2020 и 2021 година требаше масата на плати за јавната администрација да се зголеми за фантастични 97 милиони евра? И тука немаше раст на платите, ниту позначаен раст на минималецот, што значи дека овој раст е поради новите вработувања во јавниот сектор. Зарем требаше во сред голема економска криза дискреционите трошења на Владата за стоки и услуги да се зголемат за 47 милиони евра? Или требаше да се штеди? Трошоците за плати и надоместоци на општата влада (централна влада, фондови и општини) во 2021 година достигнаа фантастични 811 милиони евра, а за трошења за стоки и услуги фантастични 459 милиони евра, а со ребалансот за 2022 година уште растат?! За споредба, капиталните расходи на општата влада во 2021 година изнесуваа 496 милиони евра, а само на централната влада се 381 милион евра, од кои само 102 милиони евра се за градежни работи!!!
Да заклучам. Фискалната консолидација треба да започне од расходната страна, односно од значајно затегање на дискреционото трошење на државата. Доколку не се случи тоа, овие дополнителни 54 милиони евра буџетски приходи од даночната реформа ќе исчезнат како капка во морето. Затегањето на расходната страна треба да биде следено од консолидација на приходната страна, но напорите треба да бидат во насока на зајакната наплата кај одредени даноци − приоритет кај данокот на додадена вредност и данокот на имот. Приходите од данокот на имот во 2021 година изнесуваат 62 милиона ерва, што е само 0,5 % од БДП, а неговата наплата значајно отстапува по општини. Проширувањето на даночната основа треба да започне од тука, а не од тековните даноци опфатени во даночната реформа со кои се стимулираат одредени индустрии и вработувања. Воедно, новиот Закон за буџети, со кој се уредуваат фискалните правила за дефицитот на општата власт (3 % од БДП), долгот на општата власт (60 % од БДП) и гарантираниот долг на општата власт (15 % од БДП) требаше да се донесе пред две години кога впрочем и беше изработен.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано