Општество

Војната во Украина: Што вели Кисинџер..., а и ЦИА

Љупчо Поповски | aвторот е новинар

Економија и бизнис | печатено издание | јуни 2022г.

Кисинџер се сретнал со Путин меѓу 20 и 25 пати. Тој вели дека Путин бил навреден и затоа што на Русија ѝ се закануваше апсорпцијата на целата област околу Русија во НАТО. Шефот на ЦИА, Вилијам Барнс, кој добро го знае Путин, вели дела во последнава деценија во него се создава многу запалива мешавина на незадоволство, амбиција и несигурност, сето собрано во едно.


Вчерашната вистина може да биде денешна лага. Или погрешна проценка. Во исклучителни околности и најостроумните и најдобрите предвидувачи на настаните може да направат проценки кои може да ги демантира реалноста по повеќе години. Така е и со Хенри Кисинџер, човекот кој се слави како најголем жив стратег во модерната политика.

На почетокот од февруари, кога Русија ги трупаше војниците на границите со Украина, а Вашингтон предупредуваше дека инвазијата е неизбежна, многу политичари и аналитичари се прашуваа што би направил Хенри Кисинџер во ваква ситуација. Што може да каже човекот кој го советуваше секој американски претседател од Кенеди и како да ги подучи Џо Бајден и западните лидери во напнатата криза?

Тие тогаш велеа дека Кисинџер (кој на 27 мај наполни 99 години) одамна кажал како би требало да се решава ситуацијата во Украина. Тој тоа го напиша во колумна за „Вашингтон пост“ во март 2014 година. Откако Русија го анектира Крим во февруари 2014 година, а пред да се случат тешките битки во Донбас во август истата година и договорите Минск I и Минск II, Хенри Кисинџер ја напиша познатата колумна на која се повикуваа многумина насловена „За да се реши украинската криза, почнете од крајот“. Еве некои делови од неа.

„Во мојот живот видов четири војни кои започнаа со голем ентузијазам и поддршка од јавноста, за сите нив не знаевме како да ги завршиме, а од три се повлековме еднострано. Тестот на политиката е како да завршиш, а не како да започнеш.
Премногу често украинското прашање се поставува како пресметка − дали Украина ќе се приклучи на Истокот или на Западот. Но, ако Украина сака да преживее и да напредува, таа не смее да биде бастион на ниедна страна против другата − таа треба да функционира како мост меѓу нив.
Русија мора да прифати дека обидот да ја натера Украина да има статус на сателит и со тоа повторно да ги помести руските граници ќе ја осуди Москва да ја повтори својата историја на самоисполнување на циклуси на реципрочни притисоци од Европа и Соединетите Држави.
Западот мора да разбере дека за Русија Украина никогаш не може да биде само странска земја. Руската историја започна во она што се нарекуваше Киевска Рус. Оттаму се рашири руската религија. Украина со векови е дел од Русија, а нивните истории биле испреплетени пред тоа. Некои од најважните битки за руската слобода, почнувајќи со битката кај Полтава во 1709 година, се воделе на украинска почва. Дури и познатите дисиденти како Александар Солженицин и Јозеф Бродски инсистираа дека Украина е составен дел од руската историја и, навистина, од Русија...

Четирите принципи, а не рецепти
Западот на Украина е главно католички; на исток се главно руски православци. Западот зборува украински; на истокот најмногу се зборува руски. Секој обид на едното крило на Украина да доминира со другото − како што беше образец − на крајот ќе доведе до граѓанска војна или до распад. Да се третира Украина како дел од конфронтацијата Исток−Запад со децении ќе ја поништи секоја можност да ги доведе Русија и Западот − особено Русија и Европа − во меѓународен систем за соработка.
Украина е независна само 23 години; претходно беше под некаква странска власт од 14 век. Не е изненадувачки што нејзините водачи не ја научиле уметноста на компромисот, а уште помалку историската перспектива. Политиката на Украина по независноста јасно покажува дека коренот на проблемот лежи во напорите на украинските политичари да ја наметнат својата волја на непослушните делови од земјата, прво од едната, потоа од другата фракција.“
Потоа Кисинџер споменува четири, како што наведува, „принципи, а не рецепти“ за решавање на кризата. „Луѓето кои се запознаени со регионот ќе знаат дека тие нема да бидат пријатни за сите страни. Тестот не е апсолутно задоволство, туку избалансирано незадоволство“, вели тој.
Првиот од тие принципи е − Украина треба да има право слободно да ги избира своите економски и политички здруженија, вклучително и со Европа. Вториот е − Украина не треба да влезе во НАТО; Третиот − Украина треба да биде слободна да создаде каква било влада компатибилна со изразената волја на нејзиниот народ. Мудрите украински лидери на меѓународно ниво треба да држат позиција споредлива со онаа на Финска. И четврто − некомпатибилно е со правилата на постоечкиот светски поредок Русија да го анектира Крим. Украина треба да ја зајакне автономијата на Крим на избори одржани во присуство на меѓународни набљудувачи.
Сега тие предвидувања на Кисинџер изгледаат минато. Украина не се „финландизира“, туку Финска поднесе апликација за членство во НАТО во еден драматичен пресврт на геополитика во Европа. Сè поради руската инвазија на Украина.

Хенри Кисинџер се сретнал со Владимир Путин меѓу 20 и 25 пати.

Како Кисинџер се среќавал со Путин
Што мисли сега Кисинџер? Тој своите размислувања ги кажа на 7 мај во разговор со уредникот на „Фајненшел тајмс“ Едвард Лус.
На прашањето на „Фајненшел тајмс“ што значи одбележувањето оваа година на 50-
-годишнината од посетата на Никсон на Кина, особено поради тоа што Кисинџер беше организатор, оркестратор на кинеско-американскиот договор со кој се случи голема промена во Студената војна: разделувањето на Кина од Русија. Сега работата како да се сврти обратно: Русија и Кина се вратија во многу блиски односи.
Одговорот на Кисинџер беше овој:
„Во времето кога се отворивме за Кина, Русија беше главниот непријател − но, нашите односи со Кина беа приближно лоши колку што можеше да бидат. Нашиот став при отворањето кон Кина беше дека не е мудро, кога имаш двајца непријатели, да се однесуваш подеднакво со нив. Она што го предизвика отворањето беа тензиите кои се развија автономно меѓу Русија и Кина. Леонид Брежњев не можеше да замисли дека Кина и Соединетите Држави можат да се здружат. Но, Мао, и покрај сето негово идеолошко непријателство, беше подготвен да започне разговори. Во принцип, кинеско-рускиот сојуз е против сопствените интереси, а тој сега е воспоставен. Но, не ми изгледа како да е суштински постојана врска.“
Кисинџер потоа објаснува како сега е целосно променета геополитичката ситуација, не само од пред 30/40 години, туку и од времето кога ја напиша таа своја прочуена колумна во 2014 година.
„Геополитичката ситуација на глобално ниво ќе претрпи значителни промени по завршувањето на војната во Украина. И не е природно Кина и Русија да имаат идентични интереси за сите предвидливи проблеми. Мислам дека не можеме да создадеме можни несогласувања, но мислам дека тоа ќе го направат околностите. По војната во Украина, Русија ќе мора да ги преиспита своите односи со Европа и нејзиниот општ однос кон НАТО. Мислам дека не е мудро да се заземе непријателска позиција кон двата противници на начин што ги придвижува заедно и, штом ќе го прифатиме овој принцип во нашите односи со Европа и во нашите внатрешни дискусии, мислам дека историјата ќе обезбеди можности во кои можеме да примениме диференцијален пристап. Тоа не значи дека некој од нив ќе стане интимен пријател на Западот, тоа значи само дека за конкретни прашања како што ќе се појават ја оставаме отворена опцијата за поинаков пристап. Во периодот што ни претстои, не треба да ги здружуваме Русија и Кина како составен елемент.“
Кисинџер се сретнал со Путин меѓу 20 и 25 пати. Тој сега вака го толкува неговото однесување.
„Го запознав Путин како студент по меѓународни односи се среќававме околу еднаш годишно во период од можеби 15 години за чисто академски стратешки дискусии. Мислев дека неговите основни убедувања се еден вид мистична вера во руската историја... и дека се чувствува навреден, во таа смисла, не од нешто што особено го направивме на почетокот, туку од овој огромен јаз што се отвори со Европа и Истокот. Тој беше навреден и затоа што на Русија ѝ се закануваше апсорпцијата на целата оваа област во НАТО. Ова не е оправдување и јас не би предвидел напад со магнитуда на окупирање на признаена земја. Мислам дека тој погрешно ја пресмета ситуацијата со која се соочи на меѓународно ниво и очигледно погрешно ги пресметал способностите на Русија да одржи толку голем потфат − и кога ќе дојде времето за решавање, сите треба да го имаат предвид тоа, дека не се враќаме на претходните односи, туку на позиција за Русија која ќе биде различна поради ова − и не затоа што ние ја бараме, туку затоа што тие ја произведоа.“
Кисинџер сега вели дека главното прашање е колку ќе трае оваа ескалација и има ли простор за понатамошна ескалација. Или таа ја достигна границата на своите способности и Кремљ треба да одлучи во кој момент ескалацијата на војната ќе го оптовари руското општество до точка што ќе ја ограничи неговата способност да води меѓународна политика како голема сила во иднина. Кисинџер не може да даде оценка кога ќе дојде до тој момент. И дали може да дојде моментот кога би се употребило нуклеарно оружје. Но, тој се сомнева дека некој кинески лидер сега би размислувал за тоа како да избегне да влезе во ситуацијата во која се најде Путин во некоја криза што може да се појави. Како, на пример, со Тајван.
После тоа Кисинџер се јави со уште една оценка која на одреден начин не кореспондира со првите две. Зборувајќи на Светскиот економски форум во Давос на 23 мај преку видеоврска, тој изјави дека Украина треба да прифати да отстапи дел од својата територија за да постигне мировен договор со Русија и веднаш да стави крај на војната. Тој како геополитички стратег се обиде да даде поглед кон иднината велејќи дека неуспехот да се обноват преговорите со Русија и продолжувањето на антагонизирање на Москва може да има катастрофални последици за стабилноста на Европа на долг рок.
„Преговорите треба да започнат во следните два месеци пред тоа да создаде пресврти и тензии кои нема лесно да се надминат. Идеално, линијата на поделба треба да биде враќање на статус кво претходно. Следењето на војната надвор од таа точка нема да биде за слободата на Украина, туку за нова војна против самата Русија“, оцени тој во Давос.
Кисинџер додаде дека Русија е суштински дел од Европа веќе 400 години, дејствувајќи како балансирачка сила во критичните времиња за континентот. Според него, западните земји треба да се сетат на важноста на Русија во Европа и да не бидат опфатени со „расположението на моментот“.

Вилијам Барнс со Владимир Путин во времето кога беше амбасадор на САД во Москва.

Мисијата на Вилијам Барнс
Ако вака мисли Хенри Кисинџер, најуважуваниот геополитчки стратег, што мисли тогаш ЦИА за војната во Украина и настаните во светот. На чело на ЦИА сега е еден од најискусните, а можеби и најдобриот американски дипломат – Вилијам Барнс. Неговото поставување на чело на ЦИА од страна на Бајден беше револуционерен потег – американската шпионска организација да ја води човек кој ќе ѝ даде додадена вредност и која ќе ги антиципира настаните и ќе ги предвидува ситуациите. Барнс е ценет како никој друг во администрацијата на Бајден во токсички поделениот Вашингтон. Бајден во него има огромна доверба, а таква доверба имаше и Сенатот кој го избра едногласно на тоа место. Некои странски дипломати разговараат со него затоа што оценуваат дека тој е „државен секретар во сенка“.
Кога руските сили се собираа на границата со Украина лани во ноември Бајден го испрати токму Барнс во Москва да разговара со Путин. Некој би рекол дека тие разговарале како колеги, со оглед на тоа што Путин порано беше агент на КГБ, но не е така. На масата на рускиот претседател стои нуклеарното копче.
Вилијам Барнс беше гостин на Фестивалот на „Фајненшел тајмс“ во Вашингтон. Неговите согледувања на настаните што се одвиваат сега и што можеби ќе бидат се многу важни за оценка на развојот на ситуацијата за оние кои сакаат да проникнат подлабоко. Особено што беше амбасадор во Москва од 2005 до 2008 година, а веднаш по враќањето, до 2011 година, беше потсекретар во Стејт департментот за политички прашања.

„Го набљудував претседателот Путин и имав контакти со него многу години, а она што го забележав, особено во последнава деценија, е дека на некој начин во него се создава многу запалива мешавина на незадоволство, амбиција и несигурност, што кај него е собрано во едно. Неговата толеранција на ризик порасна со текот на годините додека ја стегна контролата врз власта и го стеснуваше кругот на советници“, вели Барнс, кој зборува руски.
Делумно поради агресивната употреба на „превентивното разузнавање“ од страна на Америка или селективното декласифицирање на воените планови на Путин, Русија се соочи со низа неуспеси во Украина. Сегашните изгледи за војната во Украина се најоптимистички од почетокот на инвазијата на 24 февруари. Некои од проблемите на Путин се секако резултат на фактот дека Украинците имаа сигурен проток на западно разузнавање за плановите на Русија. Овие „превентивни“ податоци го избришаа и изговорот на Путин за агресија.

Вилијам Барнс, кој сега е шеф на ЦИА, вели дека „најголемиот геополитички проблем со кој се соочуваме на долг рок е Кина на претседателот Ши“.

„Мислам дека помогна да се оневозможи Путин во она што го гледав како вешто го прави многу години, а тоа е создавање лажни наративи за да се исценира она што се нарекува операции на ’лажно знаме‘“, рече Барнс.
Официјалната цел на Америка е Русија да биде поразена во Украина. А она што е неофицијално и што Бајден не се обиде да го прикрие, особено за време на посетата на Полска, е Путин да биде повикан на одговорност за неговите злосторства во конфликти. САД би сакале промена на режимот. Слично е и мислењето за Кина. Барнс рече: „Не се колебам ниедна минута во тоа дека војната во Украина ја наруши посветеноста на Ши Џинпинг со текот на времето да го реализира заземањето на Тајван. Кина на Ши останува ’најголемиот геополитички проблем со кој се соочуваме на долг рок како рустикален‘“.
Затоа во средината на мај Бајден отпатува во Јужна Кореја и Јапонија и при тоа да порача дека Америка ќе го брани Тајван доколку биде нападнат од Кина, што предизвика горчлива и лута реакција на Пекинг.
Со двете стратегии, влогот е огромен. „Всушност сме соочени со применетите науки каде се наоѓа брзината на трговијата... може да предизвика опсег на катастрофи кои дури и не беа можни“, рече Кисинџер. Светот проучува колку може да биде непредвидливо историското минато на Русија.
Не само Кисинџер или ЦИА, целиот западен и источен свет, па и структурите во самата Русија се прашуваат дали кога ќе се поврзат брзината на настаните и руското историско минато може да предизвикаат катастрофи кои порано не беа можни. Секако, светот на 24 февруари се разбуди во сосема нова епоха која досега не ја познавал, а веројатно ниту ја наслутувал. Кон кои правци ќе се развива таа надвор од енергетската криза, недостигот на храна, гладта и сиромаштијата − малкумина знаат. А можеби и никој. Особено не оној кој ја почна глобалната криза – Владимир Путин.

ПРЕПОРАЧАНО