Економија

РЕБАЛАНС НА БУЏЕТ ЗА 2022 ГОДИНА
– анализа на расходната страна –

Кога на светско ниво сеуште владее пандемијата во Ковид-19, има активен воен конфликт во Украина и економијата се бори со растечката инфлација се чини дека единствениот разумен потег на државите беше и сеуште е зголемување на расходите. Таквите зголемени државни трошења секоја држава ги менаџира на свој начин: некои имаат заштеда од минатиот период(што би требало да биде насока како се постапува во добри економски времиња), додека други посегнаа по зголемено задолжување(што во зависност од економијата може да биде внатрешно или надворешно). Ваквите настани не ја одминаа ниту Македонија, па оваа година бевме соочени со дополнително нагорно придвижување на буџетските расходи. И во оваа анализа, како и во предходната, со помош на податоците од министерството на финансии ќе направиме преглед на случувањата во првите 6 месеци од 2022 година.  

 -          Со ребалансот на буџетот државата ги зголеми проектираните расходи за 16 милиони МКД, односно за 6% во однос на првично изгласаниот буџет. Така, за 2022 година планирано е државата да потроши нешто над 288 милиони МКД. Од оваа сума 89% ќе отпаднат на тековни трошења, додека само 11% ќе се алоцираат кон капитални трошоци.

-          За разлика од приходната страна каде во повеќе ставки имаше осцилации во движењата, тука веќе може да зборуваме за систематско планирање на одливите. Во првите 6 месеци од годината планираните тековни трошоци се реализирани во обем од 46%.

-          Најголемата ставка во целата расходна страна на буџетот се социјалните трансфери. Тие учествуваат со 46% во вкупните расходи, а зафаќаат ½ од тековните трошоци. Заклучно со јуни 2022 по овој основ исплатени се 63.5 милиони МКД.

-          Најголем процентуален пораст со ребалансот на буџетот предвиден е за ставката други трансфери. Овие државни трошења предвидено е да се зголемат за 25%, а вкупната апсолутна вредност да достигне скоро 54 милиони МКД. На месечно ниво овие расходи се движат во висина од 3-4 милиони МКД, со тоа што во месец февруари се искачиле до ниво од 6.5 милиони МКД.

-          Најниска реализација од само 27% остварена е кај трошоците наменети за агенцијата за вработување, иако оваа ставка е најмала во апсолутен износ (2.8 милиони МКД).

-          Единствената расходна ставка која во првите 6 месеци е реализирана над 50% е трошокот за отплата на камати(50.1%). Вкупната пропорција која каматите ја зафаќаат во вкупниот ребалнс на буџетот е 3.5%. Внатре каматите се поделени во однос на тоа дали долгот е домашен или во странство. Притоа 36% отпаѓа за сервисирање на домашни кредити, додека остатокот од 64% е насочен за плаќање на камати во странство.

-          Погоре споменавме дека капиталните трансфери се само 11% од планираните расходи, а уште побитен е фактот што оваа категорија е намалена за цели 16% со ребалансот на буџетот. Со тоа се дава на значење приоритетот на државата да финансира “трошење во празно”, додека она што навистина може да и помогне на државата за реален раст е во најмала рака ставено на “stand by”.

На крајот на оваа анализа ќе продискутираме за тоа како државата планира да го реализира буџетскиот дефицит во крупни бројки. 

-          Вкупниот дефицит на државата предвиден со ребалансот на буџетот е зголемен за 9.2 милиони МКД, а заклучно со јуни имаме реализација од 24%.

-          Главниот генератор на приливи е планирано да биде вбризган во економијата преку зголемено позајмување во странство. Со ребалансот на буџетот предвидено е трикратно зголемување на оваа ставка до висина од 65 милиони МКД. Меѓутоа во првите 6 месеци само 2.2% од планираните заеми се реализирани. Останува да видиме како наредните 6 месеци ќе се одразат врз економијата кога планираните заеми ќе се реализираат.

-          Втората најзначајна ставка се државните записи, кои се планира да бидат остварени во износ од 26.6 милиони МКД. Од она што досега е реализирано процентот е многу мал, односно само 12%. Она што можеби изненадува е порастот на издадени државни записи кон небанкарските институции кои заклучно со јуни 2022 година се во износ од 4.3 милиони МКД.

-          На одливната страна забележително е тоа што во првата половина од годината државата главно се раздолжувала само кон странство. Односно, во првите 4 месеци од 2022 година државта немала отплата на домашен долг. Тоа резултираше да планираната годишна отплата согласно ребалансот на буџетот кон странство да биде реализирана со 46.9%, додека отплатата на домашниот долг со 23.9%. Во апсолутна бројка отплатата на странски долг е повеќе од двојна, во споредба со домашниот долг.


(редакција Е&Б)

 

ПРЕПОРАЧАНО