Економија
Во Македонија имало фабрики уште во средината на 19 век
Дејан Азески
Авторот е историчар, новинар и публицист
По речиси две години пишување само за кризи и војни, во овој број ќе се обидеме да дадеме малку попозитивистички пристап на работите. Конкретно да потсетиме и дека во најтешките години (среде турско ропство) народот морал да живее и да работи или поточно да работи за да живее, а тоа само по себе ја наметнало потреба од создавање на првите посериозни бизниси. Па така веќе во средината на 19 век има конкретно зачувани податоци за првите минифабрики или ако сакате поголеми мануфактури на територијата на географска Македонија.
Во втората половина на 19 век некои од појадрите трговци и од поимашливите занаетчии почнале да го вложуваат својот капитал во мануфактурни претпријатија и работилници, станувајќи на тој начин организатори на повисок процес на производство од оној што постоел дотогаш. Особено ова се забележува во кожарството, платнарството и казанџиството.
Од Кримската војна наваму особено се развило кожарството во Охрид и станало база на економска моќ за целиот Охридски Крај. Прочуената трговска фирма на Кецкаровци отворила свое претставништво во Лајпциг и оттаму носела сурови лисичини кожи за преработување во охридските работилници. Во 1863 година, во Охрид постоеле 150 такви кожарски работилници, во кои биле вработени околу 800 работници, а исто толку и жени кои работеле по куќите. Според еден друг извор, во Охрид имало 35 работилници со по 70 до 80 работници. Преработените кожи охридските трговци ги продавале во Цариград и по панаѓурите во Македонија, особено на Узунџовскиот панаѓур во Бугарија каде што охридските трговци се сметале за главни доставувачи на кожуви. Во Костур, исто така, било развиено кожарството.
Богатиот род на памук во Серскиот санџак и во другите јужни краеви на Македонија дал можност да се развие не само домашното производство на памук и неговото црвено бојадисување, карактеристично за првите децении на XIX век, туку и да се отворат во поголемите градови и во малите гратчиња по некои специјални текстилни бојаџиски работилници во кои се произведувале разни производи од памучно предено: груби и фини платна, басми, шамии, крпи и др. Сите овие памучни производи се изнесувале на македонските панаѓури за продавање.
Во Солун и во Серес уште отпорано постоеле текстилни и бојаџиски работилници. Во 1865 година, во Солун имало 32 кожарски работилници, 18 филатури и една воденица на пареа што ја подигнале браќата Алатини, Евреи, во 1857 година. Тие им дале работа на околу 1 500 работници.
Скопскиот трговец Кочко Хаџи Бошков, еден од најголемите трговци со памучно предиво, почнал по Кримската војна да им дава памук на жените во Скопје, кои ткаеле по куќите, а во 70-тите години од XIX век отворил и ткајачка работилница во Скопје со 15 разбои.
Во Велес проработиле три работилници со околу 46 до 58 работници, кои изработувале гајтани, но и неколку мутавџиски работилници. Велешките гајтанџилници се наоѓале покрај реката Вардар, а нивните чаркови ги движела водна енергија. Освен тоа, во Велес се произведувале 400 000 козји кожи, т.н. сахтијан. Четвртина од велешкото население се занимавало со производство на сахтијанови кожи.
Во 60-тите години на XIX век, во Гевгелија работеле 9 свиларници со 62 разбоја, а во соседниот Дојран работела една предилница со 40 разбои. Сите жители на Кукуш се занимавале со ткаење на бело платно. Во градот имало околу 300 разбои за ткаење на ова платно и околу 11 работилници за цедење и за преработување на сусамот во зејтин. Исто така во Неврокоп и во неговите села имало околу 510 разбои за производство на алаџа (памучна шарена ткаенина). Во 1880 година, фирмата „Алатини“ во Солун изградила фабрика за пиво. На почетокот солунската пиварница „Олимпикос” произведувала по 4 000 хектолитри пиво, а во 1892 година производството изнесувало 12 000 хектолитри. Пиварницата располагала и со сопствена мразарница со капацитет од 3 000 тони. Мразарница постоела и во Кавала.
Во 1880 година, во Солун фирмата „Алатини“, со учество на француски капитал, изградила фабрика за дестилација на алкохол од пченка. Нејзиниот капацитет бил од 50 до 60 хектолитри алкохол за 24 часа. Сите машини биле од француско производство. Во Солунскиот вилает постоеле околу 27 фабрики за производство на алкохолни пијалаци.
Основите на керамичката индустрија во вилаетот биле поставени во јуни 1880 година кога започнала со работа туланата на браќата Алатини на З километри од Солун. Машините биле од француската компанија „Бретон“ од Турн, Франција. Нејзиниот капацитет изнесувал 3 000 шупливи и 3 000 полни тули дневно.
Во 1884 година во Солун било основано претпријатие за преработка на тутун и за производство на цигари. Во него биле вработени 138 мажи и 130 жени.
Текстилната индустрија главно ја сочинувале памучни предилници, ткајачници за платно, фабрики за точење свилен конец и нешто помалку фабрики за волнени ткаенини.
Во шеесеттите години на XIX век во Негуш, во сопственост на Хаџи Лазар, постоела предилница за памук која подоцна прераснала во акционерско друштво со капитал од 40 000 турски лири. Во 1866 година, со капиталот на Алатини во близината на Солун била отворена ткајачница за памучни платна. Во 1875 година, во Солун биле отворени уште две фабрики за преработка на памук, чии сопственици биле Евреи. Во 1879 година, во Солун била отворена друга памучна предилница со 12 вретена и 70 пакети годишно производство. Во 1885 година била отворена уште една предилница во Солун со 420 вработени. Фактот што често се отворале предилници во Солун покажува дека постојните брзо пропаѓале поради нерентабилност во работењето. Така, кон крајот на османското владеење, во Солун работела една памучна предилница, а во неговата околина имало 5 помали истурени погони. Според Клисуров, во Солун имало З фабрики за памучни ткаенини, а ткајачници две во Воден и три во Караферија.
Порано во Мелник постоеле 4 работилници за сушење свилени кожурци и за точење свилен конец. Meѓутoa, во 1890 година работела само една со 46 вработени. Најзначаен центар за производство на свилена буба и на свилен конец бил Гевгелија. Пред 1890 година таму постоела фабрика за точење свилен конец, која во тој момент веќе не постоела. Во 1898 година, во Гевгелија била изградена нова фабрика за точење свилен конец. Основниот капитал бил од управата на отоманскиот долг. Машините во неа биле од италијанско потекло, а италијански мајстори го извршиле и нивното монтирање. Фабриката располагала со 60 казани, а првично работеле околу 100 работници, пред сѐ жени од околните села. Во околината на Серез работеле 4 работилници за волнени штофови. Во Солун постоеле 3 работилници за фланели, 2 фабрики за мебел, а 4 за железарски производи имало во околината на Серез. Имало и 22 кожарски работилници, од кои најголемата била во Воден, поголеми пилани и други помали незначителни преработувачки капацитети.
Имајќи го предвид видот на инсталираните капацитети може да се констатира дека главно биле свртени кон преработка на земјоделските производи, од кои еден дел останувал во земјата, а другиот се извезувал. Тоа е логично бидејќи најголемиот дел од македонското население бил ангажиран во земјоделството. Од друга страна, овде се забележува тенденција за вложување на капиталот во дејности каде што најбрзо можело да дојде до напредок, без изложеност на разорувачката европска конкуренција.
Во Солун егзистирале повеќе акционерски друштва и финансиски корпорации со привилегиран монополски статус. Meѓy првите треба да се спомене Банката на Солун (Banque de Salonique), основана како акционерско друштво во 1888 година, со учество на француски, на австроунгарски и на капитал од друштвото „Алатини“ од Солун. Друштвото ги извршувало сите видови банкарски трансакции, а се занимавало и со купопродажба. Во 1910 година, неговото седиште од Солун било префрлено во Цариград.
Во 1897 година било основано акционерско друштво за експлоатација на солунското пристаниште. Седиштето на администрацијата било во Париз, а рокот на концесијата бил четири години. Средниот годишен приход на друштвото во периодот 1902−1905 година се движел околу 600 000 лева. За експлоатирање на водите во Солун постоело отоманско друштво со седиште во Солун и со администрација во Брисел. Неговиот просечен бруто-годишен приход во периодот од 1898 до 1904 година изнесувал 19 000 лева. Притоа никаква добивка не им била доделена на акционерите.
Во 1905 година било основано Отоманско друштво за електрично осветлување во Солун и во Смирна, со седиште во Цариград. Основачкиот капитал бил 100 000 англиски лири, претставен преку 20 000 акции. Во 1892 година било основано Друштво за изградба и за експлоатација на електрични трамваи во Солун. Седиштето било во Солун, а администрацијата во Брисел. Рокот на концесијата бил 70 години. Во 1895 година било основано Англиско акционерско друштво за откуп на тутун. Седиштето било во Солун, а администрацијата во Лондон. Во 1897 година, во Солун било основано анонимно Отоманско трговско-индустриско друштво за експлоатација на мелницата „Алатини“ во период од 50 години. Друштвото имало трговско-индустриски карактер и широк спектар на активности. Тоа експлоатирало и еден капацитет за преработка на тутун.
(Економија и бизнис, печатено издание, мај 2022г.)