Економија
Концепти: PARI PASSU
05.08.2022г.
Во последно време се поактуелен е терминот pari passu иако многу малку се зборува за неговата конкретност, неговите предизвици за имплементација како и отсуството на дебата околу неговата правичност. Основата на клаузулата pari passu е стандардна во должничките договори, и за корпоративните и за државните заемопримачи и за заемите и задолжувањата со обврзници. Тоа во суштина значи „рамноправно рангирање“. Го паметиме спорот кој Аргентина го водеше со американските власти, актуелен е случајот со Шри Ланка и процесот на прогласување државен банкрот, а во скори сеќавања е и ситуацијата со должничката криза во Грција, како и стечајната постапка од Еуростандард банка.
Кога ќе настанат такви ситуации, сите застануваат во редот за исплата, но не сите имаат еднаков дел за земање. Pari passu е латинска фраза што значи „еднаква основа“ која опишува ситуации каде што двe или повеќе средства, хартии од вредност или обврски се подеднакво управувани без предност. Според нашиот законик "Принципот на паритет" - "Pari passu" е начело според кое побарувањата на доверителите од исти наплатни редови се третираат и намируваат пропорционално според нивното побарување од имотот кој е дел од стечајната маса која служи за распределба на доверителите од нивниот ред.
Во ситуација кога државата или компанијата нема доволно средства за да ги исплати во целост сите доверители, тогаш на сцена стапува принципот pari passu, но само доколку истиот е вметнат во посебните должничко-доверителски договори. Тоа е клаузулата што диктира со кого делите заедничка судбина како заемодавател или инвеститор во хиерархијата на доверителите на компанијата. Битноста околу позиционираноста во хиерархијата на доверителите е од исклучително значење бидејќи таа диктира кој се исплаќа и по кој редослед. Клаузулата pari passu ќе осигури дека сите исплати на вашата позиција во хиерархијата на доверителите се вршат пропорционално, а тоа помага да се дефинира дадено ниво на ризик за дадено ниво на принос. Ситуациите на несолвентност се разликуваат во зависност од јурисдикцијата, но судовите се тие кои треба да следат формални процеси за да одлучат кој што ќе добие бидејќи парите и другите средства што ќе останат се распределуваат строго по редослед, односно, pari passu клаузулата штити од повластен третман против заемодавачите на исто ниво на хиерархијата на доверителите.
Случувањата во Русија и големата неизвесност во врска со функционирањето на државата на површина го исфрла моментот со нивната 30-годишна обврзница од 7 милијарди долари издадена во 2017 година, која е најголемата меѓународна обврзница на Русија во моментов. Обврзниците кои ги има издадено Руската Федерација претставуваат директни, безусловни, необезбедени и неподредени обврски на Руската Федерација која е заложена за навремена исплата на главнината и каматата на обврзниците и за извршување на сите други обврските на Руската Федерација согласно обврзниците. Обврзниците се рангираат на pari passu основа, без никаква предност меѓу себе и pari passu со сите други необезбедени и неподредени обврски на Руската Федерација.
Има два моменти кои се наметнуваат како потенцијални проблеми при спроведување на pari passu клаузулата:
- 1.Русија ја разгледува опцијата за додавање на клаузула за воведување алтернативна валута за исплата, доколку државата е под санкции
- 2. Клаузулата не се однесува само на нејзините надворешни долгови, туку на сите други необезбедени и неподредени обврски на Руската Федерација. Тоа значи дека теоретски би можело да важи за какви било долгови.
Зошто е битно да ги знаеме начелата на функционирање на оваа клаузула? Се поголемиот замав на инфлацијата ја доведе НБРМ во ситуација да превзема курпни чекори во справувањето со притисокот врз цените. Еден од инструментите преку кој може да влијае за намалување на растот на инфлацијата е издавање на државни обврзници. Целта на државните обрзници е да се намали обемот на пари во оптек, а последната аукција која се спроведе на крајот од јуни беше во износ од 350 милиони денари, со купонска каматна стапка од 3.7% и рок на доспевање од 15 години.
(Е&Б)