Финансии / Банкарство
Спасески: Дали е скапо осигурувањето?
01.08.2022г.
Осигурувањето е скап бизнис. Во основа најголем дел од цената, премијата за осигурување, отпаѓа на пренос на ризик. На англиски underwriting risk. Од уплатените премии во друштвата за осигурување се формираат фондови кои служат за исплата на надомест на штети и договорени осигурени суми. Премијата треба да биде доволна за осигурителот да може да ги плати и сите оперативни трошоци. Овие се состојат од трошоци за стекнување и административни трошоци. Трошоците за стекнување се директни трошоци кои настануваат при склучувањето на договорот за осигурување и се поврзани со проценката на ризикот кој се презема во осигурувањето. Административните трошоци се општи режиски трошоци на друштвото за осигурување. Тука влегуваат платите на вработените и раководството, режиските трошоци, кирии, маркетинг, наменски јавни давачки. Вложувањата во информатичка опрема и софтвер кој е неопходен за работењето на друштвото, а кои издатоци сметководствено не се признати како средства, се дел од вкупните административни трошоци. Во пресметката на премијата за осигурување е вклучена и профитна маржа.
Проценувањето и преземањето на ризиците е сложен процес. Ова е всушност една од најплатените професии (анг. underwriters). Подготовката на елаборат за снимање на ризикот кој се презема во осигурувањето претпоставува поседување на стручни вештини, способност и искуство да се приберат, да се селектираат и да се обработат голем број на релевантни информации за објектот и бизнисот, како и за изложеноста на ризици. Затоа често се вели дека оваа дејност е слична со разузнавањето (на анг. intelligence).

Кај имотните осигурувања, главни елементи кои влијаат на ризикот преземен во осигурувањето и оттука на цената на осигурувањето се видот на опасноста (пожар, поплава, кражба, град, мраз, земјотрес, кршење, абење, одрони, лизгање на земјиште итн.), изложеноста, веројатноста од настанување на осигурениот случај, економската вредност на осигурениот објект (градба, структура, локација и слично), висината на максималната можна штета. Кај осигурувањата на живот главни елементи на ризикот преземен во осигурувањето се староста на осигуреникот и здравствената состојба, а премијата зависи и од договорената гарантирана осигурена сума, применетите таблици на веројатност од настанување на ризикот смрт/болест за различна возраст и пол на осигуреникот и траењето на осигурувањето.
На цената на осигурувањето големо влијание има и цената на реосигурувањето. Друштвата за осигурување купуваат реосигурување со цел да ги пренесат вишоците на ризици кои не можат да ги покријат од сопствени средства.
Домашниот осигурителен пазар го сочинуваат 16 друштва за осигурување. Од нив, 11 вршат работи на неживотно осигурување, а 5 вршат работи на осигурување на живот.
Колку чини осигурувањето кај нас?
Податоците од агрегираниот биланс на успех на друштвата за осигурување, анализиран одвоено за сегментите на неживотно осигурување и осигурување на живот, можат да бидат индикатор колкав дел од премиите служат за покривање на настанатите ризици (исплата на штети и договорени осигурени суми), а колкав дел од премиите се трошат тековно.
Вкупните приходи од основна дејност, нето од реосигурување, на сегментот на неживотните осигурувања во 2021 година изнесуваат 7 506 милиони денари. Вкупните настанати штети, нето од реосигурување, изнесуваат 4 097 милиони денари или 54,6 % од приходите. Вкупните оперативни трошоци изнесуваат 3 741 милион денари или 49,8 % од приходите. Техничкиот резултат во сегментот на неживотни осигурувања бил негативен во 2021 година, односно вкупните расходи од основната дејност биле повисоки од вкупните приходи за 4,4 %.

Во сегментот на неживотните осигурувања, главна класа на осигурување е осигурувањето од автомобилска одговорност кое е задолжително и кое учествува со над 50 % во вкупниот обем на премии.
Од вкупно 11 друштва, на крајот на 2021 година загуби прикажале 5 друштва за осигурување, а останатите 6 работеле со добивка.
За споредба, во 2020 година, вкупните приходи од основна дејност, нето од реосигурување, на сегментот на неживотните осигурувања изнесувале 7 078 милиони денари. Вкупните настанати штети, нето од реосигурување, изнесувале 3 528 милиони денари или 49,8 % од приходите. Вкупните оперативни трошоци изнесувале 3 484 милиони денари или 49,2 % од приходите. Техничкиот резултат во сегментот на неживотни осигурувања бил позитивен во 2020 година, односно вкупните расходи од основната дејност биле пониски од вкупните приходи за 0,9 %.
Во претходната, 2020 година, во сегментот на неживотните осигурувања, само едно друштво за осигурување имало негативен финансиски резултат.
Во услови на ниски каматни стапки, осигурувањето на живот станува поскапо. Под претпоставка дека сè друго е непроменето, обврските на друштвата за осигурување на живот по истите полиси за осигурување на живот кои имаат гарантирани договорени осигурени суми стануваа поголеми споредено со услови кога каматните стапки биле повисоки. Тоа е така бидејќи при вреднувањето на обврските сега треба да се користат пониски каматни стапки што влијае на зголемување на очекуваните дисконтирани идни готовински исплати по полисите.
Овие обврски се всушност збир од математичката резерва по секој поединечен активен договор за осигурување на живот, а промената на овие обврски во периодот е најзначајна расходна ставка во билансот на успех на друштвата за осигурување на живот.
Колку е големо значењето на каматните стапки може да се види доколку се анализираат билансите на успех на друштвата за осигурување на живот изминативе 15-тина години. Остварените годишни добивки се токму поради приносите од вложувањата на средствата.
Вкупните приходи од осигурување на живот во 2021 година изнесуваат 1 932 милиони денари. Вкупните расходи настанати во периодот, поради пораст на обврските по договорите за осигурување на живот, изнесуваат 1 531 милион денари или 78,6 % од остварените приходи. Вкупните трошоци за вршење на дејноста изнесувале 585 милиони денари, што е 30,3 % од приходите од основната дејност. Приносите од вложувања, разликата меѓу вкупните приходи и расходи од вложувања, на петте друштва за осигурување на живот во 2021 година изнесува 394 милиони денари, што претставува речиси 20,4 % од приходите од осигурување.
Претходната година, вкупните приходи од осигурување на живот изнесувале 1 698 милиони денари. Вкупните расходи од основната дејност изнесувале 1 278 милиони денари или 75,3 % од приходите. Вкупните трошоци изнесувале 508 милиони денари или 30 % од приходот. Приносот од вложувања во 2020 г. изнесувал 290 милиони денари, односно 17,1 % од остварениот приход од осигурување.
Само едно друштво за осигурување на живот остварило загуба, додека пак останатите четири оствариле добивки.
Во услови на конкурентен пазар на осигурување, главниот фокус кај осигурителите е внимателна селекција на ризикот преземен во осигурувањето и зголемувањето на ефикасноста, односно растот на осигурителното портфолио остварен со исти или помали оперативни трошоци.
Ова може да се постигне доколку се користат придобивките од развојот на информатичката технологија, но и доколку се зголеми транспарентноста на самите осигурителни производи во смисла на повеќе информации за цената што се плаќа за осигурувањето, што за потенцијалните осигуреници значи појаснување што се случува со нивните уплатени премии и како платените премии придонесуваат за заштита на интересите на осигурениците.
(Економија и бизнис, печатено издание, мај 2022г.)