Економија
Гацов: Воведување на централизиран систем на е-фактурирање како силна мерка за борба против сивата економија
Павле Гацов
Авторот е даночен советник
ЕЛЕКТРОНСКО ФАКТУРИРАЊЕ
По подолго време повторно сум „во седло“ и наоѓам време за пишување токму кога сум најзафатен. Се враќам со свој текст во списанието „Економија и бизнис“, пишувајќи на актуелна и практична тема која нуди решение за креаторите на економските (фискалните и финансиските) политики.
На почетокот да констатираме еден факт во контекст на фабулата што ја развиваме овде.
Факт е дека најупотребувани термини во последнава декада кај нас се „борба против сивата економија“ и „дигитализација“. И уште еден факт: ефекти од ваквото зборување – нема, недостасува конкретна акција.
Толку често се користат овие зборови од страна на политичарите, на новинарите, на стручната јавност... што буквално се изамортизирани до изабеност, па секое нивно ново спомнување без притоа да бидат придружени со конкретна акција ќе биде само соголување на истрошеноста и неупотребливоста на поимите.
За да се рехабилитира изабеноста на овие поими потребна е конкретна и мешовита (комплексна) акција – со дигитална мерка да се влијае на намалување на сивата економија. Станува збор за примена на централизиран систем на е-фактурирање како ефикасна мерка за борба против сивата економија.
Кога зборуваме за централизирано електронско фактурирање не мислиме на фактурите кои во ковид периодот се изготвуваа, се доставуваа и се примаа во pdf форма. Да обележиме дека се работи за мерка која е во корист на деловните субјекти и која, за жал, на изминување на вториот месец од 2022 година сè уште не е продолжена, односно таа престана да важи со крајот на 2021 година. Продолжувањето на важноста на pdf фактурите и во 2022 година е предложено со Предлог-законот за ДДВ кој остана заглавен во Собранието.
Да се вратиме на темата во продолжение и да дефинираме што е електронска фактура.
Електронската фактура е документ − барање за наплата/плаќање со утврден надоместок за направен промет, односно со утврден износ за примен/примени аванс/аванси во формат кој е електронски структуриран и кој овозможува целосно дигитализирана (автоматизирана) обработка на податоците преку соодветен систем за е-фактурирање.
Актуелната форма на испраќање на фактурите во pdf формат која се применуваше во 2020 и 2021 година и се предлага да продолжи во 2022 година не може да ги исполни претходните барања.
Електранската фактура за која станува збор овде надворешно би била во pdf формат, а внатрешната структура на фактурата би била дефинирана во hml формат. Покрај сите елементи за издавачот и примачот на фактурата, како и елементите за извршениот промет, таа би содржела и временски жиг и би „патувала“ по сигурносни канали (SSL и TLS), би се преземала преку линк или со директен пристап од самиот портал за е-фактурирање.
Овој систем може да биде под контрола на организациска единица на УЈП/Министерството за финансии или како подобра опција е-системот да го контролира правен субјект (со јавни овластувања) кој ќе го воспостави, ќе управува, ќе го надградува и ќе го одржува. Градењето на ваквиот систем иницијално може да биде институционално спонзорирано од субјекти донатори, а самиот систем да подлежи на стандардизација од страна на соодветно државно тело.
Обврска да издаваат електронски фактури би имале сите даночните обврзници, вклучувајќи ги и самостојните вршители на дејност, со мали исклучоци поради специфичен промет (промет на добра и услуги од областа на одбраната, ограничувања кои може да произлезат од меѓународни договори, како и промет на мало кој е покриен со Законот за регистрирање на готовинско плаќање).
Системот за е-фактурирање би се користел за: издавање, испраќање/доставување, прием и чување на електронските фактури.
Овој систем би се користел во согласност со европскиот стандард за електронско фактурирање и за трансакции кога издавач/примател на фактурата е странско лице. Поврзувањето на електронската евиденција за увоз на добра за натамошна продажба со е-системот за фактурирање ќе ја автоматизира вкрстената контрола за прометот на увезени добра во земјава.
За целите на финансиското и даночното известување, во правниот и финансискиот промет, дигитално потпишаната електронска фактура која е примена и испорачана преку системот за е-фактурирање ќе има третман на веродостоен документ. Електронската фактура чие прифаќање во определен рок нема да биде одбиено ќе се смета за прифатена од страна на примателот на фактурата кон кого е извршен прометот.
Податоците од овој систем ќе подлежат на систем на заштита на податоците, а фактурите генерирани на овој начин ќе се чуваат во е-системот (во друг рок утврден со законот). Субјектите издавачи, односно примачи на е-фактурите, нив ќе ги чуваат во рок утврден со друг закон, во е-формат или во хартиена форма (отпечатени).
Ефекти од примената на централизиран систем на е-фактурирање и можност за симбиоза со најавата за намалување на данокот на доход за ИT-секторот
Централизираниот систем на е-фактурирање максимално ќе ја зголеми контролната функција на органот за јавни приходи и позитивно ќе влијае на намалувањето на сивата економија. Ваквото системско решение ќе ги елиминира злоупотребите со фиктивниот поврат на ДДВ кој може да се случи надвор од системот за е-фактурирање и ќе овозможи следење на задолженоста на економските субјекти. Системот за е-фактурирање ќе се користи за автоматизирање на ДДВ-пријавата и за системско утврдување на приходите и цените на набавките, како ставки на билансот на успех на компаниите, а со тоа ќе создаде и можност за контрола на остварената добивка (финансиски резултат) и платениот данок на добивка (данок на вкупен приход).
Системот на е-фактурирање ќе штеди време за евиденција, ќе го анулира трошењето на хартија и ќе ги намали потенцијалните грешки, ќе овозможи контрола на паричните текови, ќе ја зголеми сигурноста и транспарентноста на економските односи и ќе ја подигне ефикасноста на целокупниот процес на деловно работење. За целосна успешност, овој систем мора да биде бесплатен за користење од страна на економските субјекти.
Воспоставувањето на системот за е-фактурирање може да се таргетира и со едно друго неисполнето владино ветување − намалување на стапката на данокот на доход за ИТ-секторот. Имено, намалувањето на даночната стапка би се линкувала со платите на нововработените програмери во македонски ИТ-компании кои ќе учествуваат на тендери (јавни набавки) објавени од страна на државни органи и јавните институции, вклучувајќи и ангажман за развој на системот за е-фактурирање. Со ваквата мерка ќе се стимулираа конкуренцијата, односно понудата на страната на домашните ИТ-компании за цели на јавните набавки заради дигитализирање на државните институции.
За крај, воспоставувањето на систем за е-фактурирање ќе биде вистински робусен потег за „борба против сивата економија“ користејќи го најсилното оружје на денешницата − дигитализацијата. На ред се креаторите на политиките.
(Економија и бизнис, печатено издание, март 2022г.)