Економија

Кои се најголемите трговски партнери на Македонија?

АНАЛИЗА НА ТОП 20

Статистичкиот портал на Заводот за статистика има одличен преглед и сумирани извештаи кога станува збор за трговската размена на Македонија со останатите држави. Притоа последните податоци за првиот квартал од 2022 година, како и споредбените податоци за истиот период од 2021 година даваат солиден сублимат од кој може да се изведат голем број на заклучоци и да се следи движењето на трговијата. Зошто е битно да се имаат овие податоци? Значењето на ваквите статистики во голема мера ги прикажува развиените партнерски односи со странските компании, може да биде клучна алатка при водењето на монетарната политика од аспект на девизните резерви, стабилноста на девизните курсеви за менувачко работење, спроведувањето на фискалната политика од аспект на даночни и царински регулативи, како и при формирањето на стоковите резерви. Листата може да биде многу долга и секоја поединечно може да претставува посебна тема за анализирање и дополнителна стручна евалуација.


Извор: Државен завод за статистика

Од табелата погоре може да се изведат следниве заклучоци:

− Значително се зголемила вкупната трговска размена со топ 20 државите, односно во првиот квартал од 2022 година евидентиран е апсолутен пораст од речиси 1 милијарда евра. Притоа процентуалниот пораст изнесува 23,9 %.
− Наш најголем трговски партнер, како и во 2021 година, останува Германија. Вкупниот обем на трговска размена изнесува 1,107 милиони евра, што претставува пораст од 2,2 %. Ваквите бројки доведоа до тоа 23,1 % од вкупната трговска размена да биде реализирана со оваа држава.
− Само со 3 држави имаме намалена трговска размена. Тоа се Велика Британија, Унгарија и САД. Притоа, ако падот кај првите две држави е 2 − 3 %, симптоматичен е падот на трговијата со САД каде што бележиме пад од речиси 20 %.
− Со две држави драматично е зголемен обемот на трговија. Податоците укажуваат дека размената со Грција пораснала повеќе од двојно, односно за 213 %, додека пак со Русија бележиме речиси трикратен пораст или поточно 291 %.
− Иако претходните податоци укажуваат на доминација на трговијата со Русија, сепак во апсолутни бројки најголем пораст сме оствариле со Грција. Во првите три месеци од 2022 година, порастот во трговската размена изнесува 192 милиони евра. Од друга страна, најголемиот апсолутен пад е евидентиран во односите со САД од вкупно 16 милиони евра.
− Загрижувачки е податокот што вкупниот увоз кон овие 20 држави расте со поголема динамика во споредба за извозот. Во анализираниот период, увозот пораснал за речиси 30 %, додека пак извозната компонента пораснала за 16,7 %.
− Битен елемент во анализата е извозот кон Белгија и Украина. Имено, Украина има најголем процентуален пораст од неверојатни 377 %, иако апсолутните бројки се на најниско ниво во листата на топ 20. Она што е интересно е дека само што пронајдовме пазар каде што може да се пласираат наши производи, тој е нарушен со кризата и останува да видиме како ќе се движат овие бројки до крајот на годинава и дали повторно Украина ќе биде атрактивна трговска дестинација. Затоа пак работите со Белгија се сосема поразлични. Белгија го има вториот најголем процентуален пораст од 353 %, а овој податок се зацврстува со тоа што токму Белгија е една од трите држави, заедно со Грција и Бугарија, каде што апсолутните бројки се за голема почит. Порастот на извозот од 25,6 милиони евра е показател дека потенцијалот на белгискиот пазар е огромен. Овие трендови можеби се и за очекување ако се знае дека во последниве неколку години значителен е бројот на белгиски компании кои отворија свои подружници или сестри компании во Македонија, вработуваат голем број на луѓе и имаат големи инвестиции во индустриски и канцелариски капацитети.
− Порастот на извозот од 35,5 милиони евра кон Бугарија е апсолутно најголема ставка во компаративната анализа, додека најголем пад е генериран преку извозот во Велика Британија каде што падот е над 14 милиони евра. Причините за ова можеби треба и да се бараат во политичките случувања. Во однос на Бугарија, ваквите бројки можеби се одраз на подобрувањето на билатералните односи, додека пак во случајот со Велика Британија излегувањето од Европската Унија алудира на можните последици.
− Она што може да претставува сериозен проблем е тоа што со 3 големи држави имаме драстични намалувања на извозот. Намалениот извоз кон Кина за 15,4 % и речиси по 25 % намалениот извоз кон Русија и Велика Британија укажуваат на сериозноста од ваквите трендови и можните последици кои може да произлезат од нив.
− Ако во апсолутни и извозни бројки доминираше размената со Германија, во случајот на увозот доминантна улога има Велика Британија. Токму од таму сме го направиле најголемиот увоз од вкупно 425 милиони евра. Тоа претставува 15 % од вкупниот увоз на топ 20 државите.
− Кога правиме споредба меѓу извозната и увозната страна може да констатираме дека доминантно учество од над 44 % во извозот има Германија, додека кај увозот постои широка диверзификација каде со 9 држави имаме увоз од над 100 милиони евра. Токму високата концентрација на извозната компонента кон Германија може да биде и голема пречка за идниот економски раст на државава и затоа компаниите и Стопанската комора мора активно да работат на овој сегмент.
− Кај увозната страна за одбележување е апсолутниот пораст во односите со Грција од 165 милиони евра, додека во исто време Грција е вториот по големина увозен партнер на Македонија.
− Причините за падот на вкупната трговска размена со САД ги пронаоѓаме во падот на увозот од речиси 50 %. Статистички, во 2021 година увозот од САД бил на 10-то место, додека оваа година ја зазема 17-тата позиција.
− Четирикратен процентуален пораст е евидентиран во увозот од Русија, што е многу симптоматично ако овој податокот го поврземе со најголемиот процентуален пораст на извозот кон Украина (кој го анализиравме претходно).


(Економија и бизнис, печатено издание, јуни 2022г.)

ПРЕПОРАЧАНО