Економија

Економски акцелератор

30.06.2022г.

Современата неокејнзијанска економска теорија утврди постоење на одредена законитост во движењето на националниот доход и потрошувачката. Тоа значи дека промените во националниот доход во голема мера се рефлектираат врз нивото на инвестициите. Принципот на акцелерација на инвестициите или познат како Кан-Афталион теорија го покажува одразот на нивото на доход врз масата на инвестиции. Доколку дојде до пораст на приходите(реализацијата) на една компанија, тоа позитивно ќе се рефлектира врз нивниот доход, а од друга страна зголемениот доход ќе ги поттикне инвестициите. Она што е интересно е дека ваквата корелација ќе предизвика динамиката на порастот на инвестициите да биде многу поголема од порастот на доходот.

Да претпоставиме дека во едно претпријатие основниот капитал е 10 машини чие време на користење е 10 години и секоја година се отпишува по една машина поради амортизација. Нека степенот на искористеност е 100%, а годишната вредност во реализацијата е 10 милиони. Со замена на машината се врши само едноставна репродукција и тука нема нови, дополнителни инвестиции. Бруто годишната инвестиција е една машина, или 1 милион евра.

При исто ниво на приходи во првите две години не постои функционирање на акцелератор. Да претпоставиме дека во третата година има зголемување на реализацијата на готови производи, произведени од овие машини, од два на три милиони или пораст од 50%. Бројот на  машини ќе се зголеми од 10 на 20, што значи дека секоја година ќе се набавуваат уште 10 машини, кои заедно  со таа што редовно се отпишува и заменува, стигнуваме до бројка од вкупно 11 машини годишно, или инвестиции во вредност од 11 милиони ЕУР годишно.

Зголемувањето на реализацијата од само 50% (од 2 на 3 милијарди) водеше до зголемување на инвестициите во машини за десет пати поголема од претходната состојба или  раст од 1.000%.

Од аспект на тоа како компаниите се однесуваат спрема степенот на еластичност кон аклцелераторот, анализата можеме да ја прошириме во 2 сегменти (период на раст на економијата и период на контракција на економијата). Во периодот на просперитет, најбрз пораст покажуваат гранките кои произведуваат инвестициска опрема, потоа оние кои произведуваат трајни потрошувачки добра и на крајот гранките кои се занимаваат со производство на стоки за широка потрошувачка. Во период на рецесија или криза забавувањето е со истиот редослед: Најмногу страдаат инвестициските добра, следуваат трајните потрошувачки добра, а најмалку погодени се производите за широка потрошувачка.

Поуката од функционирањето на акцелераторот ќе ја поврземе со ставовите на неколку странски инвеститори и нивната перцепција за домашните инвеститори. Во многу наврати можеме да слушнеме дека тие се изненадени од очекувања на домашните инвеститори за потенцијалните заработки и акумулирање на богатство. Често говорат дека тука најголемиот дел од инвеститорите почнуваат бизнис со цел на неколку години (најчесто 3-5) да “станат милионери”. Оваа навидум вулгарна теза е дијаметрално спротивна од нивниот принцип на работа кој народски кажано се заснова на “голем обрт” при што во континуитет се акумулира богатство за после 15-20 години да може да кажат дека се “милионери”. Оттука, доколку се поврзе нивната перцепција со функцонирањето на домашните бизниси, можеби ќе се добие вистинска слика за силата на акцелераторот во националната економија. Според тоа критиката кон домашните бизнисмени ќе биде толку поголема колку што ќе биде понизок акцелераторот.

Но, од друга страна да не заборавиме дека со самиот чин на инвестирање започнува да функционира и принципот на мултипликаторот така што експанзијата може да стигне до точка на “вриење”. Од тука почнува да се менува и курсот на економскиот циклус, а акцелераторот и мултипликаторот ќе почнат да “работат” во спротивна насока, што доведува до фаза на рецесија.



(Редакција Е&B)

 

ПРЕПОРАЧАНО