Перспектива
Јовановски: Затоа што има такви моменти, историски...
Зоран Јовановски
Авторот е економист
„Слепата верба во авторитет е најголемиот непријател на вистината“ Алберт Ајнштајн
Има такви моменти во животот кога историјата лебди во воздухот, ја чувствуваш, мислиш може низ воздухот со нож да се пресече. Такво беше чувството на 8ми септември 1991 година на плоштадот Македонија во Скопје кога се соопштуваа резултатите од успешниот референдум за независноста на Македонија. Таков е и сегашниов момент.
Сите сме луѓе од крв и месо, имаме силни емоции, не трпиме непринципиелности и неправди. Но, на некои прашања мораме да им пријдеме и со разум. Затоа, најпрвин да ги посочиме фактите во врска со ветото од Бугарија за почеток на нашите преговори со ЕУ и предлогот на Франција за кревање на ветото.
Факти, навидум неповрзани, но делови на мозаикот:
- Сите сакаме земјава да стане дел од ЕУ. Таа желба победила бројни предизвици со кои сме се соочиле од 2005 година, цели 17 години сме земја кандидат за членство во ЕУ. Ние сме дел од Европа, географски и на секој друг начин, припаѓаме на Европа и имаме што да ѝ донесеме за да ја направиме побогата, не во финансиска смисла на зборот. И покрај сè, опстојуваме на патот кон ЕУ, и не ја менуваме „страната“. Не сме ја смениле досега, нема да ја смениме ни во иднина.
- Целта на евроинтегративниот процес НЕ Е да почнат преговорите, туку да станеме земја членка на ЕУ. Тоа значи дека не смееме да прифатиме нешто што не смее да се прифати, на пример дека сите Македонци пред 1945 година биле Бугари и слично, само за да почнат преговорите. Ако се направи таква грешка тогаш постои ризик да имаме преговори со ЕУ што ќе започнат, но никогаш нема да завршат. Патем, да се прифати нешто неприфатливо денес само за да почнат преговорите, е крајно нефер за идните генерации, на чиј грб ќе падне товарот да го носат засекогаш и да носат вина која не е нивна.
- Нашите дедовци и татковци, родени пред 1945 година, биле Македонци, а не Бугари. За ова не треба историска комисија, ова го знаеме сите од прва рака.
- Проблемот наметнат од Бугарија и начинот на негово решавање од наша страна, не е и не смее да биде, на било кој начин, прашање од значење за домашната политичка сцена. Со други зборови, ова е прашање на национално единство, а не прашање на тоа кој е или ќе биде власт или опозиција во земјава.
- Геополитичките околности се такви што ЕУ сега сака што побрзо да почне да го решава прашањето за Западен Балкан.
- ЕУ е отсекогаш свесна дека одлучувањето по пат на консензус ја прави заробеник на поединечни земји. Во отсуство на комоцијата од минатото и непријатното чувство на загрозеност што го носат случувањата во Украина, во ЕУ почнува да испливува на површина нетрпение во однос на неможноста да се „затворат“ прашања од поширок интерес за ЕУ заради ставови на пооодделни земји членки. Размислувањата на високи претставници на ЕУ или земји членки на ЕУ, за потребата од преиспитување на одлучувањето со консензус и негова замена со мнозинство, сега веќе излегуваат во јавност и се своевиден индикатор.
- ЕУ повеќе ги поддржува своите земји членки отколку земјите кандидати за членство во ЕУ. Оттаму, не е изненадување содржината на иницијалните предлози што се ставаат на маса.
- За малите земји, без оглед на нивната економска моќ, концептот на сувереност има релативно значење.
- Во нормални околности потенцијалот за соработка на земјава со Бугарија е огромен. Јас сум голем поборник за економска соработка. Мала по својот обем, македонската економија има насушна потреба од тоа да биде отворена и да соработува со светот. Во тој контекст, ЕУ со сите свои земји членки е нашиот најголем трговски партнер.
- Македонците се мирољубив народ. Да се има одредена самосвест, како Македонец, за сопствената припадност низ просторот и времето, не загрозува никого. И, мора да се напушти праксата дека секој што ќе искаже патриотски став е за „менување на страната“. Затоа, не смее да биде жигосан, веднаш облепен со етикети дека „работи за некого друг“. Во тој контекст, се поставува важното прашање како македонското општество дојде до таму да голем дел Македонци едноставно се плашат да го искажат својот македонски патриотизам, било во однос на прашање во земјата или поврзани со странство?
Што сега?
- Предлогот што е на маса треба да се отфрли или да се бара негово длабоко суштинско ревидирање кое всушност целосно би го променило самиот предлог. Со измените тоа практично би бил нов предлог. Треба смирено, точка по точка, да се објасни што и заради која причина, не е прифатливо за македонската страна. Притоа, не треба да се чека да се изјасни Бугарија или да се „зацементира“ заеднички став на цела ЕУ за прифаќање на постојниот предлог, па дури тогаш земјава да кажува што не е прифатливо во предлогот. Тоа значи дека изјаснувањето во однос на предлогот, како принципиелна позиција на Македонија, треба да биде пред да се изјасни било кој друг.
- Македонија нема да пропадне, што и да се случи. Никој не треба да се плаши од „меките закани“ во медиумскиот простор, што доаѓаат во еден глас, но од повеќе места, дека ова е најдобриот предлог што ќе го добие земјава. Не е. Знаеме дека светот е суров и понекогаш неправеден, но ние сме пред Бога исправни и правдината ќе победи.
- Секој има право на своја вистина. Македонците никого не тераат да ја прифати нивната вистина, а истовремено тоа право не му го забрануваат никому.
- Во светот на идеалите и правдата, ЕУ би ги оставила прашањата што ги иницира Бугарија, надвор од преговарачката рамка.
Историјата покажала дека да се биде со народот во најтешките моменти, да се почувствува неговиот пулс, и тоа да се користи како патоказ, е најдобрата водилка по патот.
Овој текст е објавен пред да се изјаснат македонската влада и парламентот на Бугарија.