Општество

Георгиев: Повеќе етика, помалку политика

Гордан Георгиев

Авторот е политиколог

Знам, знам... Насловот на текстот упатува на некаква лекторска грешка или пак некаква поматеност на умот на автор кој пишува надвор од реалноста. Етика и политика!?! Та мора да се шегувате. Тоа се два различни света, две различни планети. Зошто доброто и лошото ги ставате во иста кошничка?

И навистина, живеејќи во овој свет, полн со цинизам и општествена апатија, да се зборува за етика во политиката, за морални принципи по кои би се воделе политичарите или пак вредности кои би ги извезувала политиката кон гласачите, изгледа депласирано, дури и шегобијно. Но, така не било отсекогаш. Всушност, етиката и политиката се заедно од памтивек. Во некои периоди се верни сопатнички, а во некои други периоди лути непријателки. За Старите Грци етиката и политиката се едно исто, две страни на истата паричка. Според Аристотел, етиката и политиката се интимно поврзани, а во некои аспекти тие претставуваат единство. Ако не живееме доблесен живот, тогаш не можеме да бидеме човечки битија во најполната смисла на зборот. За античкото поимање на полисот, да се живее добар, доблесен живот е целта на политиката гледана низ призма на етиката. Но, човекот може да го достигне тоа ниво на морално задоволство само доколку живее во организирана заедница, т. е. во полис или држава. Оттука носителите на државните работи, во денешно време политичарите, мораат да поседуваат највисоки стандарди во доменот на доброто однесување, така станувајќи пример за останатите и откривајќи го патот за останатите. Целта на политичките режими, особено оние демократските, е да го култивираат моралниот карактер на своите граѓани.

Ќе се согласиме, денес тоа не е така. Во речиси сите испитувања на јавното мислење во нашава држава (последните две правени од ИФЕС и од ИРИ во 2021 година), политичарите и политичките партии доживуваат убедливо најнегативна перцепција кај граѓаните. Заедно со судството, политичките партии и парламентот се негативно перципирани од повеќе од 80 % од испитаниците. Просто е фрапантно каков одиум имаат политиката и политичарите, знаејќи сепак дека токму политичарите се луѓето кои можат на суштински начин да влијаат на нашите животи, за добро или за лошо. Одговорноста за ваквата перцепција секако лежи кај самите политичари, но однесувањето на политичарите во многу нешта зависи и од контекстот во кој тие дејствуваат. А контекстот е комплексен. Тој подразбира дека во Македонија имаме недоволно развиена партиципативна (и отчетна) политичка култура, недостаток на култура на дијалог, широко распространета перцепција за корупција меѓу политичките елити, евидентниот успех на негативните кампањи како основа за постигнување добар изборен резултат, но и улогата на интернетот, социјалните медиуми и лажните вести каде што практично секој може да има свое мислење и со тоа да придонесе во ширење на негативен дискурс.

Во современите општества, врската меѓу етиката и политиката е толку многу раскината што прашање е дали воопшто може повторно да се воспостави во функција на подобро владеење, намалување на тензиите во општеството и подигнување на угледот на политичарите. Но, овој раскин меѓу политиката и етиката, покрај очигледните негативни последици, генерира и дузина други странични ефекти кои дејствуваат разорно по политичкиот живот во едно општество:
   • Создава општа недоверба кон политичкиот процес и политиката. Тоа значи циничен однос кон секоја власт или пак непријателски однос кон власта која не ја сакате или против која сте гласале на изборите.
   • Создава големи тензии во општеството (свежи примери се 24 декември 2012 година и исфрлањето на пратениците од македонскиот парламент, како и 27 април 2017 година и крвавиот упад во македонскиот парламент).
   • Создава нарушување и недоверба во изборниот процес, кои потоа создаваат спирала на перцепции за нелегитимност на изборите.
   • Создава порив на политичарите да се движат кон политичкиот лимес, т. е. поддршка за радикални опции кои нудат популистички решенија кои тешко би можеле да се остварат во реалноста, особено не без поголеми општествени потреси.
   • Создава политичка апатија и оставање на празен политички простор на лојалните гласачи, често водени од клиентелизам. Клиентелизмот, пак, од своја страна, ги одвраќа „неклиентелистите“ да партиципираат во политичкиот процес, ги обесмислува идеолошките позиции општо во општеството, генерира популизам и потоа повратно генерира уште пораширени клиентелистички тенденции.

Да бидете политичар во вакви времиња, кога знаете дека дури и голем број од вашите лојални поддржувачи не ве почитуваат, треба да имате или многу дебела кожа, или други мотиви различни од управувањето со јавните добра, или да сте многу фрустриран и очајнички да се обидувате да промените нешто на политичката сцена. За овие последниве, фрустрираните, вреди да се бориме и да им оставиме поголем простор и поголема валоризација на нивната улога на политичари.
Политиката не може да се регулира со етички норми. Имено, етичките норми и правила на доблесно однесување си ги носиме од дома, од училиште, од нашите пошироки комуникации во општеството низ текот на нашиот живот. Иако сме сведоци на наплив на разновидни професионални кодекси кои регулираат одредени општествени аспекти (Кодекс на административни службеници, Кодекс на новинари, Кодекс на владини функционери за добро владеење итн.), не постои професионален етички кодекс за политичари или за политички партии. Тоа значи дека политиката во стриктна смисла на зборот е оставена на некаков бришан простор, некаде во доменот на нерегулираното, примордијалното, емотивното. Кој го одредува тој простор и како да се „нормира“ тој простор? И дали може да се нормира?

Дури ни најдобро напишаните закони, правилници, политики за добро владеење или стандарди избледнуваат пред личната етика на политичарот или носителот на јавна функција. Полето на дејствување на политичарите секогаш е пошироко од можните поведенија нормирани со закон или со друг акт. Токму ова необележано поле на дејствување го става политичарот пред сопствените етички дилеми и принципи. Како да дејствувам? Како да зборувам? Како моите дела или зборови да не му наштетат на другиот до граница да го деградираат или уништат политичкиот противник? Како преку моето дејствување и зборување да влијаам на општеството, а притоа да не создадам поле за раздор или нетрпеливост кои не би требало да ги има во политичкиот простор? Овие прашања и дилеми се првобитните аспекти кои би требало да го водат секој политичар кој сака да биде добар, т. е. доблестен во неговото/нејзиното дејствување во јавната сфера. Добар во етичка смисла, добар како вредност, вредност која промовира вредности, која го упатува гласачот да избере вредност, да препознае вредност, конечно да ја награди вредноста на денот на изборите.

Воспоставување на стандарди за етичко поведение на политичарите е ѓаволски тешка работа. Стандардите се градат, созреваат бавно, еден чекор напред-два назад... Тоа е работа на сите, т. е. на полисот. Граѓаните/гласачите, медиумите, демократските стандарди, владеење на правото, култура на оставки... сите овие се мирудии кои придонесуваат за создавање на свест за тоа каква политика сакаме и која политика ќе го помине тестот на гласачот, а која ќе отпадне. Младите или идните политичари и носители на јавни функции, имајќи го предвид одиумот кој го имаат гласачите кон нивните сениори, би требало да бидат првите „муштерии“ кои ќе почнат да ги воспоставуваат стандардите за добро однесување, а потоа и добро владеење. Утешителниот дел од приказната е дека од независноста поминаа само 30 години, а тоа е капка во океанот во однос на постарите елаборирани демократии. Од друга страна, она што загрижува е дека се чини дека во овој поглед речиси постојано тапкаме во место, па дури и назадуваме воспоставувајќи прифатливи негативни вредносни стандарди. И затоа мора од некаде да се почне.

За почеток, еве неколку најважни стандарди кои би требало да ги применуваат младите политичари, но и студентите по општествени науки (како идни креатори на јавното мислење), а секако и медиумите како главни медијатори меѓу граѓаните и политичарите.

Да се поседува интегритет во политиката е клучен атрибут кој ќе ве направи различни од останатите. Да се има сопствен интегритет, да се каже „не“ кога треба да се каже, да се стави приоритет на јавното пред приватното, да го повлечете својот аргумент кога ќе се покаже како невалиден..., па тоа е високо ниво на етичко восприемање и практицирање на политиката.

Да се има свест (и совест) дека сте минливи и менливи, и дека вашето (неетичко) поведение дури сте на некаква позиција (партиска или јавна) може уште утре да ви се удри по глава, и да се однесувате така како што би сакале и вашите претходници или наследници да се однесуваат..., тоа е врвно етичко и животно начело.

Да се внимава на јавно искажаниот збор бидејќи тој е опасна алатка. Искажаниот збор има последици во реалниот живот, особено кога тој доаѓа од поединец кој е носител на моќ во одредено општество. Во негативна смисла, искажаниот збор може да навреди, да понижи, да уништи, да го продлабочи јазот на недовербата, да создаде спирала на лаги и измами, да го жигоса противникот, да го направи непријател, да придонесе кон конфликтни ситуации во општеството и конечно да доведе до сериозен граѓански конфликт.

Ова се само три препораки како некакви стандарди за добро поведение во политичкиот простор. Пробајте да примените некој од нив во вашето дејствување. Ќе видите, не е лесно. Но, долгорочно, ваквиот пристап секогаш се исплати, и за вас и за гласачите кои ве бираат.


(Економија и бизнис, печатено издание, мај 2022г.)

ПРЕПОРАЧАНО