Економија

Беше ли Кејнс во право?

16.06.2022г.

Теоријата на умерените кејнзијанци добива на значење!

“Ние страдаме од лош напад на економски песимизам. Вообичаено е да се слушне како луѓето велат дека епохата на огромен економски напредок е завршена и дека падот на просперитетот е поверојатен во деценијата што ни претстои“.

Овој цитат не е напишан во 2022 година, туку во 1930 година од водечкиот економист на 20 век, Џон Мејнард Кејнс, во есејот со наслов „Економски можности за нашите внуци“.

Иако преовладувачкиот став на повеќето економисти во тоа време беше да се остави слободниот пазар да не извлече од економските падови, сепак Кејнз се спротивстави на конвенционалната мудрост и се залагаше владите да играат активна улога - да трошат пари што ги немаат, да создаваат работни места, да ги намалуваат даноците и да прават се што може за да ја зајакнат побарувачката. Само во 1980-тите, кејнзијанската економија падна во немилост, кога монетаристи како Милтон Фридман имаа целосна доминација врз одлуките на политичарите (пред се кај Роналд Реган и Маргарет Тачер). Но, се чини дека кејнзијанскиот светоглед се врати. Неговиот отпечаток го гледаме во спасувачката програма од над 1 трилиони американски долари за време на Големата рецесија во 2008 година и неодамнешното монетарно олеснување за справување со Ковид кризата. Во 2020 година, земјите на ОЕЦД го зголемија долгот за 18 трилиони американски долари за да ги ублажат ефектите од пандемијата.

Основниот постулат врз кој е изградена теоријата на умерените кејнзијанци е сублимирана во поттикнувањето на побарувачката и улогата на државата во истото. Главната карактеристика на умерените кејнзијанци е тоа дека агрегатната побарувачка е клучниот извор за нестабилноста на економските системи, за разлика од монетаристите, кои сметаа дека промените во побарувачката и цените немаат никаков ефект врз реалниот аутпут.

Умерените кејзијанци сметаат дека побарувачката ја детерминираат 2 фактори: склоност кон потрошувачка и склоност кон инвестирање.

Првиот фактор е определен од преференциите на поединците. Ова особено дојде до израз за време на ковид кризата, надополнета со воениот конфликт во Украина. Луѓето на некој начин беа приморани да ја намалат својата потрошувачка, првично поради затвореноста за заштита од пандемијата и потиснување на своите желби за трошење на доходот, а подоцна и поради менаџирање на инфлаторните притисоци и психолошкиот елемент за нужна заштеда.

Вториот фактор е поврзан со инвестициите кои пак се определени од маргиналната ефикасност на капиталот и каматната стапка. Под маргинална ефикасност на капиталот се подразбира определување на очекуваните приноси од новите инвестиции. Во ситуација кога компаниите едвај преживуваа, а сеуште одредени индустрии мака мачат да се вратат на посакуваното производствено ниво, капиталните инвестиции се чини дека останаа во втор план, а и да ги имало очекуваните приноси би биле крајно неизвесни. Што се однесува пак до каматните стапки, кризата ја дочекавме во атмосфера на “ефтини” пари, а како што одминува периодот се чини дека глобалната перцепција околу каматите ќе мора да ја анализираме на едно повисоко скалило.

Оттука, во ситуација кога имаме потисната побарувачка и ниско ниво на инвестиции единствениот излез може да се бара во државната интервенција. Меѓутоа, таа државна интервенција сите ја толкуваат на свој начин, а умерените кејнзијанци таргетираат неколку клучни сегменти:

- стабилен пораст на платите со цел да се стимулира потрошувачката

- ниски каматни стапки за да се зголемат инвестициите

- дестимулирање на штедењето

- изградба на инфраструктурни обејкти со цел зголемување на вработеноста

- регулирање на извозот на капитал

Кога би ги направиле една паралела на сите овие елементи со актуелните случувања во Македонија ќе мораме да заклучиме дека се наоѓаме во една “блага” фаза на умерен кејнзијанизам. Имено, порастот на платите е евидентен, како преку просечната плата, така и преку покачувањето на минималната плата. Можеби голем дел од овие нагорни поместувања беа издејствувани на потежок начин, но сепак принципот на Кејнз е запазен. Каматните стапки и штедењето мораме да ги анализираме заеднички. Прво, сеуште имаме релативно ниско ниво на каматни стапки, а реакциите на НБРСМ за зголемување на каматите не се рефлектираа врз нивото на камати кај деловните банки или time lag-от ќе биде значително подолг. Од друга страна штедењето може да биде во нагорна линија не поради атрактивноста на каматите на депозитите туку поради недостатокот на алтернативни инвестициски пласмани. Иако секогаш есенцијално прашање се капиталните проекти, сепак може да кажеме дека иако ги нема во голем обем, сепак не изостануваат. Но, далеку сме од посакуваното ниво на активност согласно замислите на умерените кејнзијанци. Што се однесува пак до последната точка, тука веќе може да зборуваме и за одредено штетно влијание доколку постои овој елемент. До сега не е забележано такво нарушување на пазарните принципи за слободен проток на капиталот и тешко дека уверувањата на Кејнз ќе бидат применети во пракса.

Сумирано, голем дел од постулатите на умерените кејнзијанци се применуваат и денес и се чини дека само државната интервенција на краток рок ќе може да допринесе за одредена економска стабилност и одржување на производството. А, како што рекој и самиот Кејнз “на долг рок сите сме мртви”.


(редакција Е&Б)

ПРЕПОРАЧАНО