Општество

Наградата за Најзелена општина за 2021 година оди во Прилеп

06.06.2022г.

Во понеделник, на 6 јуни 2022 година, амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на Европската Унија ќе го посети Прилеп за да му ја врачи наградата за најзелена општина на Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.

Делегацијата на Европската Унија ја промовираше Наградата за најзелена општина во рамките на нејзината кампања за подигање на свеста и промовирање на Зелениот договор на ЕУ. На отворениот повик, објавен на 3 март 2022 година по повод Светскиот ден на дивиот свет, сите општини во Северна Македонија беа поканети да аплицираат со прикажување на нивните најдобри примери за управување со цврст отпад во 2021 година. Осум општини: Берово, Центар (Скопје), Кавадарци, Охрид, Пехчево, Прилеп, Тетово и Зелениково учествуваа на повикот презентирајќи ги своите водечки активности со кои придонесоа за подобра животна средина во 2021 година. Одборот за евалуација, составен од експерти од Делегацијата на ЕУ, Гоу Грин, Еко-свест и претставник на Јуроп Хаус ги стави Кавадарци и Прилеп во потесен избор за последователни теренски проверки за да ги проверат информациите презентирани во нивните апликации..

Одборот за евалуација го препозна Прилеп како општина која најдобро ја покажа еколошката практика во областа на управувањето со отпадот во 2021 година. Амбасадорот Дејвид Гир ќе ја има честа да му ја врачи наградата за „Најзелена општина 2021“ на градоначалникот Јовчески на 6 Јуни 2022 година во Прилеп.

Примопредавањето на наградата ќе се случи во рамките на конференцијата „Најдобра практика за управување со комунален отпад – затоа што немаме резервна планета“ организирана во рамките на проектот ЕУ за општините финансиран од Европската Унија. Настанот ќе се одржи во Градскиот парк Прилеп (камен ѕид) во 11:00 часот и ќе иницира соработка на општинско (вклучително и прекугранично) ниво за управување со отпад и рециклирање.

Посетата „ЕУ со ТЕБЕ“ на Прилеп ќе опфати и посета на Пречистителната станица – инвестиција од ЕУ вредна 8 милиони евра која го подобрува квалитетот на водата, како и квалитетот на животот на прилепчани од 2019 година. Подоцна, амбасадорот Гир и градоначалникот Јовчески ќе го посетат Прилепското езеро чиј статус на спортско-рекреативен комплекс во хармонија со природата беше подобрен со поддршка од ЕУ вредна 0,47 милиони евра. 

Амбасадорот Гир ќе се сретне со граѓанските организации од Прилеп за да разговара за прашања поврзани со младите, зајакнувањето на Ромите и подобрата велосипедска инфраструктура.

ПРЕПОРАЧАНО