Економија
Дали Македонија се соочува со хроничен недостиг на работна сила?
20.05.2022г.
Ако во времето на Југославија иселувањето на населението беше, во најмала рака регулирано, сепак поголемиот дел од работоспособното население остануваше да делува и твори во рамките на поранешната држава. Тоа беше одраз на економската сила на поранешниот систем кој креираше доволно работни места, скоро за сите. На почетокот на деведесеттите години и распадот на Југославија, голем дел од населението ја побара среќата преку иселување. Дел од причините беа воената состојба како и тешкиот процес на приватизација. Во денешно време се чини дека сеуште не сме свесни колкаво население се има иселено од државата и она што најмногу “боли” е фактот што причините за иселувањето не се повеќе само од економски карактер. Она што е специфично за овие три периоди е тоа што во секој нареден, расте бројот на стручен кадар кој се иселува од државата. Таквиот тренд доведе до тоа да помалку квалификуваните работници успеат да добијат работа која бара повисоко ниво на спремност, а истото се надокнадува со одредени курсеви и најразличен вид на дообразование. Текот на случувањата доведе до тоа да моментално во државава нема работници. Со сета должна почит кон професијата, но моментално пекарите, ѕидарите, електричарите, плочкарите и сл. се едни од најбараните професии.
Заводот за статистика редовно објавува податоци за состојбата на слободните работни места, па токму преку еден нивен приказ ќе се обидеме да ја доловиме актуелната состојба со вработеноста.

Со крајот на 2021 година во Македонија има вкупно 494.656 пополнети работни места. Од нив најголем дел зафаќаат вработените во преработувачката индустрија 23%, следуваат вработените во трговија на големо и мало со 16%, додека на трето место се вработените во дејности поврзани со здравствена и социјална заштита со 7%. Од друга страна, бројот на слободни работни места укажува на следното:
- во последниот квартал од 2021 година имало скоро 8.000 слободни работни места, а стапката на слободни работни места изнесувала 1.59%
- највисока стапка на слободни работни места има кај административните дејности во висина од 3%
- повисоката стапка на слободни работни места во индустрии каде има релативно помал број на вкупно вработени лица (рударство, комуникации и други услужни дејности) од над 2% укажува на неефикасноста на пазарот на трудот.
- Полна вработеност е остварена во секторите недвижен имот и снабдување со електрична енергија, иако мора да се напомене дека овие сектори се меѓу четирите кои вработуваат најмалку луѓе
- Во апсолутни бројки најмногу слободни места имало во секторот преработувачка индустрија со 2.107 отворени работни позиции
Ваквите податоци треба во голема мера да бидат релевантна насока при креирањето на образовните политики, како и кон заложбите за задржување на младите луѓе во државата. Од Македонија се иселуваат луѓе кои се веќе изградени професионалци во својата дејност, добро ситуирани и на високи кариерни позиции. Мотивот кај овие луѓе е статусот на државата, дневно политичките небулози, загадениот воздух, иднината на своите деца и ред други работи. Средната класа(ако сеуште постои таква) се иселува поради можноста за поголема заработка на иста работна позиција и сличен начин на живот. Кај нив финансискиот дел е најбитен фактор. Третата категорија на луѓе се најниско платените работници кои знаат дека нивниот труд во странство значително повеќе ќе се вреднува, а карактеристично за оваа категорија е дека најчесто се иселува по еден член од фамилија. Од друга страна голем број на компании(пред се од градежниот сектор) веќе отворено кажуваат дека увезуваат работна сила, најчесто од Турција. И покрај ваквата црна ситуација, имаме категорија која дава надеж дека има иднина во оваа држава, а тоа е ИТ индустријата. Овие компании кои најчесто се странски инвестиции им држат вистинска лекција на “домородните компании” како се задржува квалитетен работник, како се цени неговиот труд, какви услови за работа треба работодавецот да обезбеди, колкава е посветеноста кон тренингот и обуката, колкаво е значењето на приватното здравствено осигурување и пред се нивото на платата. Сега дознаваме дека и во Македонија може да се издвојат 5.000 ЕУР за добар програмер. И не дека работите не се мрднати од нулта позиција кај останатите домашни компании, но се чини дека неопходен е катализатор со поголема моќност. Таквата сила, за жал, можеби ќе дојде со хроничен недостиг на работна сила.
(Редакција E&Б)