Економија

Како се движел надворешниот долг? Зголемено задолжување и пролонгирана отплата!

28.04.2022г

Надворешниот долг на една економија е претставен од неподмирените обврски во однос на нерезидендите. Надворешниот долг подразбира плаќање на главница и/или камата од страна на должникот кон еден или повеќе субјекти во одреден временски период. Најчест показател за надворешниот долг е категоријата бруто надворешен долг, кој го мери вкупниот долг што една земја го има кон странски кредитори. Притоа, должници може да бидат компаниите, владата и граѓаните на земјата.

Општото економско правило дека во добри времиња субјектите треба да акумулираат што повеќе залихи и да отплатат поголема порција од долгот, за да можат во период на лоши времиња да посегнат по кредитирање, се чини дека во голема мера е правилно конструирано и дека е основа за правилно раководење со финансиите. Од аспект на националниот надворешен долг ќе го анализираме периодот од 2018  до 2021 година, односно последните квартали од секоја година.

* Извор: НБРСМ. Износите се прикажани во милиони ЕУР

 

Од табелата може да се иведат следните заклучоци:

-          Вкупниот бруто надворешен долг е во континуиран пораст во анализираниот период и за 4 години истиот е зголемен за 1.703 милиони ЕУР.

-          Најголем процентуален годишен пораст е регистриран во 2021 година, кога бруто надворешниот долг се зголемил за цели 12%, што претставува повеќе од двојно процентуално зголемување во споредба со 2020 година, кога порастот изнесувал 5%.

-          Кога ќе се направи паралела помеѓу јавниот и приватниот долг евидентен е пораст на задолжувањето на државата. Имено, ако во 2019 година јавниот долг беше 47% од вкупниот бруто надворешен долг, во 2021 година таквиот процент изнесува 51%. Ова значи дека повеќе од половина од бруто надворешниот долг припаѓа на државата. Исто така, јавниот долг е во пораст и во апсолутни бројки, додека кај приватниот долг евидентиран е мал пад во апсолутна вредност во 2020 година.

-          Најголемата разлика помеѓу приватниот и јавниот долг била во 2019 година кога приватниот долг бил за 481 милион ЕУР поголем во споредба со јавниот долг, за во 2020 година ситуацијата драматично да се промени во “корист” на јавниот долг, кога го надминал приватниот долг за 66 милиони ЕУР.

-          Од аспект на рочната структура на долгот и неговата поделба на краткорочен и долгорочен, генералниот заклучок е дека се зголемува периодот на отплата на обврските, иако во последниот квартал од 2021 година евидентирано е мало подобрување. Од аспект на процентуалната застапеност, доминантно учество има долгорочниот долг со над 74%, во анализираниот период. Највисоко учество на долгорочните обврски имало во 2020 година, кога истите заземале 80% од вкупните обврски.

 

Сите овие статистички податоци ја отсликуваат ситуацијата во која државата ја водеше битката со здравствената криза, како и со дополнително нарушените финансиски и економски текови. Во една таква ситуација за очекување беше и зголемено задолжување на државата, како и пролонгирање на отплатата. Почетокот на оваа година кога сите очекуваа дека конечно ќе почне да се нормализира ситуација, изби воената криза во Украина, а со тоа и нус ефектите поврзани пред се со енергенсите и основните прехранбени производи, со што повторно на удар ќе биде надворешниот долг. Се очекува во 2022 година повторно да евидентираме нов пораст на вкупниот бруто надворешен долг, каде двигател ќе биде државата и задржување на поставената рочна структура, со надеж дека во иднина надворешниот долг ќе биде користен за продуктивни домашни инвестиции. На крајот мора да напомене дека надворешниот долг има и некои свои предности, преку обезбедување средства за капитални инвестиции, зголемување на финансиската глобализација, како и промовирање на подобра макроекономска политика.


(Редакција Е&Б) 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано