Економија
Ветеровски: Граничната јаглеродна давачка на ЕУ ќе ги редифинира глобалните синџири на снабдување
Златко Ветеровски
Царинска управа на РСМ
На 15 март 2022 година, Совет на Европската Унија постигна договор (општ пристап) за регулативата за „јаглеродна давачка“ – јаглеродно гранично прилагодување (Carbon Border Adjustment Mechanism- CBAM), што е еден од клучните елементи на пакетот „Fit for 55 “ на Европската Унија.
Главната цел на оваа еколошка мерка е да се избегне „истекување на јаглерод“. Исто така оваа регулатива треба да ги охрабри земјите партнери во трговијата на ЕУ да воспостават политики за цените на јаглеродот за борба против климатските промени.
За таа цел, „јаглеродната давачка“ треба да се пресметува на увозот на производи базирани на употреба на јаглерод, во целосна согласност со меѓународните трговски правила, за да спречи неутрализирање на напорите на ЕУ за намалување на емисиите на стакленички гасови преку увоз на производи произведени во земји кои не се членки на ЕУ, каде што политиките за климатски промени се помалку амбициозни од политиките на Европската Унија. Исто така оваа регулатива треба да помогне да се спречи преместување на производството или увозот на производи со интензивна употреба на јаглерод.
Концептот на „јаглеродно оданочување“ што треба да се наплаќа за секој метрички тон на јаглерод диоксид од индустријата – е вграден во многу политики на земјите за климатски и одржлив развој. Но, механизмот на ЕУ за јаглеродно гранично прилагодување, повеќе познато како гранична јаглеродна давачка, претставува давачка што за прв пат подеднакво ќе се применува и при увозот. Како резултат на тоа ќе има големо влијание и ќе одекне низ глобалните вредносни синџири и може да ја редифинира конкуретската рамнотежа меѓу нациите во многу индустрии. Таа, исто така, ќе предизвика обновен поттик за производителите во светот да ги забрзаат нивните напори за намалување на јаглеродните емисии.
Компаниите во светот и во Република Северна Македонија кои извезуваат во Европската Унија – најголемиот единствен пазар во светот, сега се во можност да ја видат прелиминарната рамка за видот на граничната јаглеродна давачка, начинот на пресметка, временската рамка и начинот на нејзино спроведување. По низа години на дискусии и на дебати, Европската комисија во јули 2021 година и Советот на ЕУ во март 2022 година ги обелоденија долгоочекуваните планови за плаќањето на увозниците и на производителите кои не се од ЕУ за емисиите на јаглерод што се поврзани со стоките и материјалите што ги извезуваат и ги продаваат во ЕУ.
Кога давачката ќе биде целосно имплементирана во јануари 2026 година, најголемо почетно влијание ќе биде на трошоците за таквите високојаглеродни инпути за следниве видови стоки: челик, цемент, алуминиум, хемикалии и електрична енергија. Увозниците од ЕУ и производителите на овие инпути кои не се во ЕУ ќе треба да платат околу 75 евра за метрички тон емисии на CO2.
Ова би можело да ја зголеми цената на материјалите изработени од производители со поинтензивен јаглерод како што се Кина, Русија и Индија за 15 % до 30 % преку ноќ. И ефектот ќе се зголемува во текот на следните години: се предвидува даночната стапка да се приближи до 100 евра по метрички тон до 2030 година и повеќе производи најверојатно ќе спаѓаат во нејзиниот опсег во тој момент.
Концептот на цените на јаглеродот е познат, но ова е првпат подеднакво да се применува и за увозот. Иако многу детали сè уште мора да се „испеглаат“ во текот на оваа година, засегнатите страни од индустријата треба да дејствуваат сега бидејќи намерата на ЕУ е јасна. Компаниите мора да ги измерат нивните тековни емисии и даночна изложеност на јаглерод преку нивните синџири на снабдување и производни линии, треба да развијат јаглеродна стратегија за издржливост и да идентификуваат можности за претворање на климатскиот предизвик во извор на конкурентна предност.
Информациите за вградените емисии на јаглерод за стоки што подлежат на граничната јаглеродна давачка треба да им бидат доставени на увозниците регистрирани во ЕУ од страна на нивните производители кои не се членки на ЕУ. Во случаи кога овие информации не се достапни додека стоката се увезува, увозниците од ЕУ ќе можат да ги користат стандардните вредности (дури и откако ќе започне дефинитивниот систем) за емисиите на CO2 за секој производ за да го одредат бројот на сертификати што треба да ги купат.
Многу производители од ЕУ плаќаат за нивните емисии на јаглерод од 2005 година преку Системот за тргување со емисии (ETS) кој поставува годишни ограничувања на емисии и создава пазар на јаглерод за тргување со дозволи за емисии. Овој пазар потоа ја одредува цената на јаглеродот, која моментално е нешто повеќе од 60 евра за метрички тон. Меѓутоа, колку повисоко се зголемува цената на јаглеродот, толку повеќе производителите на ЕУ се изложени на ризик на „истекување на јаглерод“ − губење на поевтин увоз од земји со помалку строги правила за регулирање на климата. Производителите од ЕУ добиваат бесплатни дозволи за јаглерод за да направат компензација за истекување на јаглерод. Но, овие дозволи сега постепено ќе бидат укинати. Наместо тоа, новата такса за емисии е составен дел од поширокото ресетирање на политиката на ЕУ за климатски промени. Граничната јаглеродна давачка ќе се користи за решавање на овој проблем со намалување на атрактивноста на селење на производството во странство како средство за избегнување на климатските трошоци на ЕУ.
Според новата политика, од увозниците ќе се бара да купат дозволи за увоз на јаглерод за секој метрички тон CO2 внесен во ЕУ преку одредени стоки и материјали. Даночната обврска ќе зависи и од интензитетот на јаглеродот при увозот и од даночната стапка по метрички тон, што ќе биде иста како домашната цена на јаглеродот што ја плаќаат производителите на ЕУ. За да се избегне двојно оданочување, стоки увезени од земји кои имаат домашни режими на цени на јаглерод слични на ЕУ ќе бидат ослободени од давачката, предмет на договор меѓу тие земји и Европската комисија. САД, Канада и други нации се, исто така, во истражување на механизмите за оданочување на јаглеродот вграден во увозот.
Данокот ќе се спроведува во фази. Од јануари 2023 до декември 2025 година ќе се применува како преодна фаза. За време на овој период, увозниците на: челик, алуминиум, цемент, ѓубрива и електрична енергија треба да ги пресметаат и да ги пријават нивните емисии — но сè уште нема да мора да плаќа данок на јаглерод. Во втората фаза, што ќе започне во јануари 2026 година, компаниите ќе треба да набават увозни дозволи. ЕУ, исто така, може да го прошири списокот од предложениот за да опфати и други производи.
Иако целосното финансиско влијание нема да се случи до 2026 година, увозниците ќе започнат да се соочуваат со значителни административни оптоварувања уште во јануари 2023 година. Тие треба да развијат механизми за пресметување на емисиите содржани во нивните производи и имаат обврска овие податоци да бидат потврдени од независно тело. Покрај тоа, тие ќе треба да осигурат дека емисиите се соодветно декларирани до соодветните органи. Увозниците ќе бидат одговорни доколку не ги почитуваат овие правила.
Ефектот ќе го почувствуваат не само производителите и увозниците кои не се членки на ЕУ туку и индустриите во ЕУ кои ги користат производите што ќе бидат оданочени. Првичната проценка покажува дека оваа давачка ќе има најголемо влијание на синџирите на снабдување на индустриските сектори како што се автомобилската индустрија, градежништвото и апаратите за широка потрошувачка. Овие трошоците на индустриите за клучните инпути како што се челикот и алуминиумот ќе се зголемат, а компаниите ќе треба да преземат мерки за одржување на конкурентноста.
Сега кога е поставена основната рамка на граничнaта јаглеродна давачка на ЕУ, компаниите во Република Северна Македонија треба да станат проактивни во преземањето на мерките потребни не само за да се усогласат туку и да напредуваат во новата регулаторна средина. Компаниите треба да се подготват преку преземање на овие суштински чекори за да ја проценат почетната точка, да изградат стратешки пакет со алатки и да ги разгледаат следниве околности:
– Анализирање на влијанието на регулативата. Компаниите треба да пресметаат како граничната јаглеродна давачка ќе влијае на компанијата низ синџирот на вредност во однос на приходите, на трошоците и на средствата.
– Потребно е правилно разбирање на динамиката на воведувањето на граничната јаглеродна давачка.
– Предвидување на сценарија и политики за идниот извоз кон Европската Унија и односите со конкурентите.
Иако 2023 година може да изгледа како да е уште во некое далечно време, а многу специфики сè уште треба да се разјаснат пред регулативата да биде конечно усвоена од страна на Европскиот парламент, компаниите во Република Северна Македонија треба да прифатат дека граничниот данок на јаглерод на ЕУ брзо ќе почне да ја менува конкурентската динамика во нивните индустрии и во целиот нивен синџир на снабдување. Компаниите што се во првите редови во справувањето со емисиите на јаглерод ќе имаат моќна стратешка предност во новото регулаторно опкружување и ќе имаат добра почетна стартна позиција.
(Економија и бизнис, печатено издание, април 2022г.)