Економија

Енергетиката како противтежа на растот на индексот на цени

21.04.2022г.

2022 година се чини дека ќе биде најинтезивна и најпродуктивна за една група на интелектуалци за кои до сега важеше стереотипот дека се “пасивни”. Таа група ги опфаќа сите оние кои се занимаваат со статистика. Со вакви промени на цените, статистичарите и тоа како имаат широко поле за работа, креирање на табели и споредување на отстапки.

Предмет на нашата анализа нема да биде само дескриптивно анализирање на бројките, туку ќе се обидеме да дадеме насоки и предлози за креирање пооптимална средина за најспецифичната индустрија – енергетика, а како основа ќе бидат искористени податоци од државниот завод за статистика преку последната објава за индексот на цени.

Пред да стигнеме до нумеричките податоци, треба да напоменеме дека нивото на инфлација во Македонија, во најголема мера, е резултат на инфлаторните притисоци од надвор. Тоа значи дека домашната инфлацијата е увезена и како таква ќе биде предизвик и можност за таргетираната цел на текстот – енергетска автономност.

* Извор: Државен завод за статистика

Од табелата може да се изведат следните заклучоци: 

  1. 1. Вториот месец од тековната година го заокруживме со 18.5% повисоки продажни цени, споредбено со период од пред една година.
  2. 2. Месечниот пораст на вкупните цени изнесува 1.6%, додека порастот на цени споредено со крајот на 2021 година изнесува 4.4%
  3. 3. Единствената надолна корекција на цените е евидентирана кај енергетиката и тоа само споредбено февруари со јануари 2022 година, додека најголем месечен пораст, за истиот период, од 3.6% е остварен кај нетрајните производи
  4. 4. Вкупниот пораст на цени во првите 2 месеци изнесува 4.4%, додека кај поединечните категории доминантно учество имаат капиталните производи, каде растот изнесува високи 10.8%
  5. 5. На годишно ниво, највисок пораст е евидентиран кај цените за снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација од 44%, а поголемиот дел од категориите исто така бележат двоцифрени процентуални зголемувања.
  6. 6. Најголема отпорност на инфлација покажаа цените во секторот рударство, каде на месечно ниво речиси и да нема промена, додека на годишно ниво порастот на цени изнесува 4.2%.

Ваквите бројки не потикнуваат да размислуваме што можеме ние како држава да превземеме во иднина, со цел да не бидеме во толкава мера подложни на увезена инфлација. Ова е тема која има бесконечно голем број на аргументи за и против и токму затоа овој текст нека послужи како иницијална каписла да ја промениме перцепцијата за нашата зависност од надворешен фактор.

Одбраниот сектор за анализа е избран од повеќе причини: се поголемата заинтересираност за инвестирање во фотоволотаични централи за производство на електрична енергија, високите цени на енергенсите на глобално ниво, искористување на фондовите кои подржуваат енергетско ефикасни проекти и инвестиции за заштита на животната средина, како и обезбедување долгорочни извори на енергија.

Ова последното, особено ако се разгледува на локално ниво,  би требало да биде од примарен стратешки интерес на сите кои и мислат добро на оваа држава. Предусловите за производство на домашна електрична енергија од обновливи извори се речиси идеални, од аспект на број на сончеви денови и слободно необработливо земјиште. Она на што може да се сконцентрира државата како би го подржала домашното производство е:

-          Креирање на геостратешки локации каде би било најповолно да се инсталираат соларни панели, нивна брза трансформација во градежни парцели и креирање на институции кои во најкраток можен рок ќе ги спроведуваат потребните процедури

-          Поттикнување на домашно производство на целокупната опрема за централите и преку директна интервенција создавање на конкурентни пазарни цени

-          Загарантиран откуп на произведеното количество електрична енергија преку долгорочни договори

-          Обезбедување на “ефтини” наменски кредити за парцијално финансирање на инвестициите

-          Создавање на поволна бизнис клима за групирање на повеќе инвеститори со цел издавање обврзници преку кои собраниот домашен капитал ќе биде канализиран во енергетската индустрија. Овој процес ќе биде од голем бенефит како за производителите, преку зголемување на капацитетите, така и за инвеститорите, како алтернативен начин за пласирање на слободните средства

-          Креирање на стручен кадар преку соодветни академски програми

Сето ова ќе придонесе државата да не биде во толкава мера енергетски зависна од надвор, ќе се зголемат домашните инвестиции, а со тоа ќе се даде придонес и кон целокупниот економски раст и зголемување на вработеноста. Намалувањето на потребата од увезена електрична енергија во голема мера ќе влијае и врз општото ниво на цени и ќе се даде голем придонес кон нето девизната позиција. Иако ова е само еден мал сегмент од мозаикот, сепак изгледите за имплементирање се можеби на највисоко ниво досега.

Ќе биде штета да не го искористиме моментот!


(Редакција Е&B)

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано