Економија

Азески: Во секоја наредна економска криза повторно се присетуваме на Маркс

Дејан Азески

Авторот е историчар, новинар и публицист

Економската криза која неминовно ни чука на врата и сè почестото споменување на теориите на Карл Маркс во западните медиуми ме инспирираа уште еднаш да го проанализирам творештвото на овој мој омилен историски лик. За Маркс имам прочитано и напишано повеќе од за кој било македонски политичар и еве не се каам бидејќи и по 200 години се потврдува дека бил во право.


Растот на продажбата на „Капиталот“ (клучното дело на Маркс) од 300 % во 2008 година на невиден начин дотогаш го шокира светот. Книгата на која ѝ беа доделени сатанистички стереотипи и на која ѝ беа припишувани 100 милиони жртви на комунизмот руши рекорди на продажба во Германија, во САД и во Англија, земјите во кои официјално беше најомразен. За оние со малку подобро помнење, ова не е ништо ново бидејќи до пред само 30 години дури 82 светски земји, кои по бројот на жители зафаќаа добра четвртина од светската популација, своето општествено-политичко уредување го темелеа токму на основите на оваа книга. Но, 30 години по официјалниот крах на комунизмот, на кој се работеше во последниве 94 години да се бара спас во Маркс, е навистина интересно. Очигледно потомокот на богатата индустриска еврејска фамилија, кој инаку заедно со Огист Конт и Макс Вебер им припаѓа на најгенијалните филозофи на современото време, пред точно 150 години (1867 г.) кога е напишан „Капиталот“, ја предвидел денешната реалност. Неговата визија за економијата, според голем број економски експерти, може да се мери само со неоспорната вградена дарба за предвидување на иднината на Нострадамус.

„Неодржливоста на капитализмот поради самоништувачкиот ген кон основните клетки од кои е формиран, т. е. луѓето“ е основната Марксова теорија на која се базира најголем дел од неговата работа. Долго време се мислеше дека станува збор за идеолошки обоена и пристрасна теза која не соодветствува со реалноста. Но, последниве случувања, особено оние свежите од првичниот удар на светската економска криза од 2008 г., досега го зборуваат токму спротивното. Сега дефинитивно е јасно дека акумулацијата на профитот во капиталот на големите компании за сметка на работниците ја намалува куповната моќ на вторите што потоа како бумеранг им се враќа на оние првите. Ако ниската и средната класа кои претставуваат 90 % од светското население немаат доволно куповна моќ што претходно им ја ускратиле големите компании, тоа автоматски ќе значи смрт и за тие големи компании. Створен е маѓепсан круг од кој нема излез.
Ова го потврдува и Ноуел Рубини, еден од најголемите економски авторитети во светот.



„Карл Маркс, сепак, беше во право. Во некоја одредена точка капитализмот може да се самоуништи. Не можете да продолжите да пренесувате приходи од трудот на капиталот без да се поседува соодветна акумулациска моќ на издувни вентили. Токму тоа се случува. Ние мислевме дека слободните пазари функционираат. Тие не функционираат. Индивидуалецот може да биде рационален. Компанијата за да преживее и за да се развива ќе ја снижува цената на трудот сè пониско и пониско, но цената на трудот е нечиј приход и нечија куповна моќ. Затоа станува збор за самоуништувачки процес“, вели Рубини.

Дека Рубини е во право покажуваат и фактичките бројки. За спас на економијата, онаква каква што ја познаваме од 2008 година досега, се вложени повеќе трилиони долари кои, барем засега, не покажуваат никаков ефект. Ако некој се сеќава на митската сцена кога советските трупи се обидуваа јадрото на Чернобил да го закопаат во песок што не даваше никаков ефект, состојбата на светската економија моментално е таква. Без разлика колку бајпаса да претрпи срцето на капитализмот, тоа е туѓо тело што неприродно раководи со светскиот економски крвоток. Системот сам по себе е неодржлив бидејќи е самоуништувачки. Во најновото дело на светски познатиот професор од универзитетот во Ланкастер, Тери Иглтон, инаку највлијателен литературен критичар на денешницата, стои токму тоа.

„Капитализмот ќе се однесува антисоцијално ако е профитабилно да се однесува така. Тоа ќе значи човеково уништување на невидено ниво. Тоа што некогаш беше апокалиптична фантазија денеска не е ништо друго, освен сурова реалност“, вели Иглтон во своето бестселер-дело напишано пред помалку од една година, што се нарекува „Зошто Маркс беше во право?“.

Иглтон го објаснува фактот дека капитализмот не го уништува ниту слабата визија на менаџерот на компанијата кој ги прави работниците куповно неспособни ниту неговата мала желба за добробит на неговите вработени, туку трката за профит. Истата онаа трка која го тера и менаџерот од конкурентската компанија да го прави тоа. На овој начин, според Иглтон, економијата која е програмирана да расте несвесно си го јаде своето сопствено тело што не може да е составено од ништо друго, освен од основната градбена клетка − човекот и неговата куповна моќ.


(Економија и бизнис, печатено издание, ноември 2022г.)

 

ПРЕПОРАЧАНО