Економија

Бишев: За да не дојде до забрзување на инфлацијата, клучно ќе биде да не се отвори спиралата цени-плати-цени

Глигор Бишев

Авторот е главен извршен директор на Шпаркасе банка Скопје

Светската економија влегува во 2022 година со висока инфлација, висока задолженост на приватниот и јавниот сектор, нарушени синџири на снабдување, транзиција кон производство и користење на незагадувачка енергија со глобална цел до 2050 година емисијата на СО2 да се сведе на нула, дигитализација и работа од дома, похумани градови со многу зелени површини.

Како што гледаме голем дел од овие процеси се од структурен и долгорочен карактер, кои ќе ја одбележат 2022 година, но и следната декада. На овие процеси ќе се надоврзе нормализирањето на монетарните политики во САД, што се очекува да започне веќе од март 2022 година, и во еврозоната, но најверојатно на крајот од 2022 или на почетокот на 2023 година. Со конечната победа над ковид вирусот, што се очекува да се случи во 2022 година, се предвидува да се нормализира протокот на стоки и на услуги и да се нормализираат светските вериги на снабдување.

Северна Македонија ќе продолжи да ја дели судбината на светската и особено на европската економија. Сепак, македонската економија ќе влезе во 2022 година со релативно низок приватен (кредити на приватниот сектор во однос на БДП 52,4 проценти) и јавен долг (59,6 проценти од БДП). Тоа ќе овозможи и во 2022 година економскиот раст да може да се потпира врз кредитната експанзија на банките. Притоа ќе мора да се внимава кредитирањето да биде насочено кон здрави и одржливи проекти и задолжувањето на државава да не биде по номинални каматни стапки кои се повисоки од стапката на номиналниот пораст на БДП. На тој начин се избегнува стапицата од преголема задолженост на долг рок и несолвентност.

Во првата половина од 2022 година се очекува светски генерираната инфлација целосно да се пренесе во Македонија. Номиналните каматни стапки ќе почнат благо да растат, а реалните каматни стапки ќе останат негативни. За да не дојде до забрзување на инфлацијата, клучно ќе биде да не се отвори спиралата цени-плати-цени. Гледано од тој аспект ќе биде клучно работодавците, синдикатот и Владата да го почитуваат златното правило: сметката за плати да не расте побрзо од стапката на пораст на новосоздадената вредност врз основа на вложениот труд – продуктивноста.

Процесите на намалување на загадувањето, преодот кон чиста енергија и зголемувањето на енергетската ефинасност, заедно со зголемувањето на автоматизацијата и на дигитализацијата, ќе се интензивираат. Преструктурирањето на економијата ќе добие дополнително забрзување со започнувањето на преговорите со ЕУ, што цврсто верувам дека ќе се случат на почетокот од 2022 година. Управувањето со овие процеси ќе бара добро осмислени макроекономски политики и добра координација. Фискалната и монетарната политика ќе се најдат пред големи предизвици – да ги поддржат преструктурирањето и одржливиот раст, од една страна, и да не дозволат дополнително генерирање на инфлација од домашни фактори, на друга страна. Исто така тие ќе треба да дадат свој придонес во одржувањето на здравоста и стабилноста на реалниот и финансискиот сектор и во одржувањето на висок кредитен рејтинг на земјава.

Банкарскиот сектор ќе продолжи да го финансира одржливиот раст. Во фокусот ќе бидат финансирањето на зелената енергија, незагадувачките индустрии, дигитализацијата и ИТ-индустријата, производството на органска храна, целокупниот зелен комплекс, компетитивните проекти, автоматизацијата, што ќе бидат клучни за идниот економски раст. Македонската економија ќе мора да ја забрза трансформацијата од 2022 и наредните години доколку се сака успешна економска интеграција со ЕУ. Тоа ќе бара огромни финансиски средства, а банкарскиот сектор е спремен да ја изврши оваа мисија. Со сооднос на кредитите во однос на депозитите од 78 проценти, банкарскиот сектор може веднаш да стави на располагање за стопанството над 1 милијарда евра. Овој потенцијал може дополнително брзо да се зголеми за дополнителни 1,5 милијарди евра, преку позајмување од странство, со што соодносот кредити/депозити би се одржувал на сè уште здраво ниво од 125 проценти.

Ваквото пренасочување на финансиските средства кон приватниот сектор ќе го стави на испит финансирањето на јавниот сектор од домашни извори. Јавниот сектор ќе мора да се сврти на финансирање на своите потреби од странство, и тоа како на буџетските дефицити исто така и на инфраструктурните проекти. Тоа ќе бара одржување на кредитниот рејтинг на земјава на високо ниво и спроведување на здрави и одржливи макроекономски политики.

Во услови на зголемена ценовна нестабилност и длабоки структурни промени, за финансискиот сектор клучно ќе биде ефикасното управување со ризиците и одржувањето на адекватна капитална сила. Исто така надолната корекција на цените на светските и домашните берзи на хартии од вредност, што се очекува како резултат на започнувањето на процесот на нормализирање на каматните стапки, може дополнително да го отежни процесот на ефикасно управување со ризиците.

Шпаркасе банка подеднакво ќе биде присутна во сите сфери на банкарското работење. Ќе продолжи да го поддржува проектното финансирање, особено финансирањето на обновливите извори на енергија, производството на здрава храна, производството за извоз, но исто така, заедно со групацијата, и инфраструктурните проекти на приватниот и јавниот сектор. Пристапот до банката и нејзините услуги значително ќе биде олеснет преку надградување и целосна дигитализација на банката и примената на дигитално потпишување како во интеракциите со клиентите, исто така и во рамките на самата банка.


(Економија и бизнис, печатено издание, декември 2021/јануари 2022г.)

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано