Општество

Иштван Дукс: ЕУ има поголема корист од проширувањето одошто земјите кандидатки

Ласло Иштван Дукс

амбасадор на Унгарија

Според унгарскиот амбасадор, кредибилитетот на Европската унија е доведен во прашање: „Треба да го одржиме ветувањето“.


Дел од излагањето на панел-дискусија што се одржа на Универзитетот Американ Колеџ Скопје (УАКС) на 2 декември 2021 година на тема „Иднината на Европа – еден поглед од земја-кандидат за членство во ЕУ“. Во дискусијата учествуваа амбасадорите од Вишеградската група – Чешка, Унгарија, Полска и Словачка, како и амбасадорот на Словенија, земјата актуелен претседавач со Европската унија. Панелот е дел од големата паневропска иницијатива „Конференција за иднината на Европа“ во која за првпат можност за учество имаа и македонските граѓани, односно студентите од УАКС


 

Дозволете ми да започнам со објаснување на тоа што е „Конференцијата за иднината на Европа“. Идејата беше предложена во јуни од страна на францускиот претседател Макрон и германската влада, која потоа стана заеднички предлог на двете влади. Сметам дека многу земји членки ја прифатија оваа инцијатива, вклучувајќи ја и Унгарија. Доколку ги следите случувањата во ЕУ во последните неколку години, ќе забележите дека има многу разговори и дебати околу тоа што треба да се направиза разновидните предизвици: економската криза, мигрантската криза, како и сегашната ситуација со Ковид-19.

Постојат големи расправи меѓу земјите членки и институциите за насоката во која треба да се движи европската интеграција. Ние го прифаќаме проширувањето со големо задоволство, бидејќи Унгарија како земја сосед на балканските земји и членка на Вишеградската група e многу заинтересирана за проширувањето. Уште од почетокот инициравме дека земјите кандидатки од регионот треба да бидат дел од „Конференцијата за иднината на Европа“, аофицијално постоеше и заеднички предлог на неколку други земји членки, кои ја поддржа оваа идеја да се вклучат земјите кандидатки во процесот.

Од моја гледна точка ова има смисла, затоа што кога зборуваме за Европа свесни сме дека таа не е исто со Европската унија. Секако, постојат европски држави што во овој момент не се членки на Европската унија. Особено важно за Северна Македонија е дека некои земји имаат јасна перспектива за членство. Ова значи дека во иднина таа ќе стане членка на Европската унија, па од таа причина сметам дека многу е важно да се сослуша што мисли за начинот на развој на оваа институција. За жал, земјите кандидатки не се формално вклучени во „Конференцијата за Европа“. Сепак, сé уште ја има можноста да се слушне нивното мислење преку претставниците на земјите членки.

Унгарија  претседава со Вишеградската група во моментов  и  го организира денешниот настан, но секако и делегацијата на Европската унија спроведува слични настани. Мислам дека и италијанската амбасада, исто така, има организирано настани од сличен карактер. Ова е една можност да се вклучат што е можно повеќемина во овој процес и да се слушне што имаат да кажат луѓето од регионот и од земјава во врска со овој напредок. Така што, уште еднаш, навистина сме му благодарни на Универзитетот Американ Колеџ Скопје што нѐ покани денес.

Во неколку збора ќе ја објаснам унгарската перспектива. Ова можеби ќе ве изненади, но Унгарија е проевропска земја. Сите партии застапени во националното собрание на Унгарија се про-ЕУ и општата поддршка на населението за членство во ЕУ е една од највисоките во споредба со другите земји членки. Ставот на унгарската влада е многу јасен за некои теми: Европската унија може да биде силна само доколку земјите-членки се силни.

Секако, целиот процес не е само за Владата, туку и за граѓаните. Така што многу е важно да не се зборува само за тоа што мисли владата тукутреба да се зборува за тоа што мислат граѓаните. Од моја гледна точка, еден од најважните приоритети во цел овој процес за Унгарија е политиката на проширување. Веќе напоменав дека сме им блиски соседи на балканските земји. Во текот на деведесеттите години искусивме што значи нестабилност во регионот за Централна Европа. Така што, мислам дека е јасно колку многу целиме да добиете полноправно членство во Европската унија, и покрај тоа што мислиме дека тоа веќе доцни. На пример, Македонија започна заедно со Хрватска, која е сега полноправна земја членка,а Македонија сé уште не ги ни започнала пристапните преговори, што сметаме дека е многу незадоволително и правиме сѐ што можеме како вишеградска земја и како Унгарија. Словенија, да речеме, која има многу слична позиција на веќеспоменатата, a и географски е слична земја со нас, е близок сосед со земјите кои сè уште не се дел од ЕУ.

Пристапот кон Западниот Балкан е многу важен од наша гледна точка. Ставот на Унгарија е дека ЕУ има поголема корист од проширувањето одошто земјите кандидатки. Го нагласуваме ова на секој можен форум и притискаме политиката на проширување да остане високо на агендата на Европската унија, како и на оваа „Конференција за иднината на Европа“.

Убедени сме дека земјите од регионот ги достигнаа критериумите за членство. Имаат ветување од Европската унија дека можат да станат членки доколку ги исполнат критериумите. Значи, кредибилитетот на Европската унија е доведен во прашање: треба да го одржиме ова ветување. Ако овие земји ги исполнуваат критериумите, тогаш треба да ја започнеме, а потоа и да ја завршиме процедурата. Земјите од Западен Балкан треба што поскоро да станат земји членки на Европската унија.


 

ПРЕПОРАЧАНО