Општество

Тицињски: Проширувањето со земјите од Западен Балкан има геополитичка важност

Војциех Тицињски

амбасадор на Полска

Според полскиот амбасадор, ако ЕУ нема силно присуство, ќе се појават други играчи што ќе го дестабилизират регионот   


Дел од излагањето на панел-дискусија што се одржа на Универзитет Американ Колеџ Скопје (УАКС) на 2 декември 2021 година на тема „Иднината на Европа – еден поглед од земја-кандидат за членство во ЕУ“. Во дискусијата учествуваа амбасадорите од Вишеградската група – Чешка, Унгарија, Полска и Словачка, како и амбасадорот на Словенија, земјата актуелен претседавач со Европската унија. Панелот е дел од големата паневропска иницијатива „Конференција за иднината на Европа“ во која за првпат можност за учество имаа и македонските граѓани, односно студентите од УАКС


Би сакал да започнам со неколку кратки белешки за минатото. Ја создадовме Вишеградската група пред повеќе од 30 години и очигледно е дека го направивме тоа затоа што откривме дека имаме заеднички интереси и бидејќи мислењата за позитивните страни од нашата соработка доминираат во дискусијата. Секоја група има многу заеднички интереси, но сосема е природно да има, одвреме-навреме, различни интереси. На пример, Полска разговара со Чешка за еден рудник за јаглен од чешката страна на границата, кој сериозно го загадува еден од нашите градови. Она што сакам да го потенцирам е дека можеме да разговараме за овој проблем. Можно е да има несогласување, но од клучно значење е да се воспостават дијалог, разбирање и да се барааат позитивни решенија на високо ниво.

Едно од прашањата што е многу важен дел во нашата надворешна политика е нашата проценка за одлуката за државите од Западен Балкан. Сакаме сите да влезете во ЕУ што е можно поскоро. Не станува збор само за Северна Македонија, туку и за сите шест држави од овој регион. Создадовме различни платформи за потврдување и олеснување на дијалогот меѓу државите. Многу е важно земјите да разговараат за различни прашања. На пример, Фондот за Западен Балкан е создаден и е сличен на нашиот  Вишеградски фонд. Ги имаме истите приоритети, па дури и оваа средба покажува дека можеме да направиме нешто заедно. Ова е доста добар и позитивен знак за нашите партнери од Западниот Балкан.

Мислам дека е добро да ви кажам зошто мојата земја, Полска, толку силно го поддржува проширувањето на ЕУ или интеграцијата на Западниот Балкан во Европската унија. Нашата перспектива се заснова на геополитичкиот пристап. Полска го поддржува пристапувањето без никакви посебни услови бидејќи не сакаме да се наметнат други играчи во регионот на Западен Балкан. Ова е клучно за иднината на Европа и на Европската унија. Не сакаме да дозволиме да се појават други играчи во регионот кои не ги следат начелата за демократија, слободен пазар и за човекови права. Значи, ако ЕУ нема силно присуство овде, тaа дозволува условите да загнојат и другите играчи би можеле да го дестабилизираат регионот, вклучувајќи ја и Северна Македонија. Оваа закана според нас е сосема реална и затоа сме за интеграција во ЕУ.

Надворешната политика зависи и од билатералните односи меѓу нашите земји. Ние имаме добра соработка со Северна Македонија и ова е добра основа да ја изградиме нашата поддршка на повисоко ниво, тука мислам на односите со Брисел и другите европски држави. Се обидуваме билатерално да го решиме прашањето и сфаќаме дека процесот помеѓу започнување на преговорите и нивно завршување може да биде доста долг. Во меѓувреме, неопходно е да се развие билатералната соработка на многу различни начини: трговска размена, инвестиции, индивидуални контакти како туристичка размена и сл. Целиот овој процес е многу корисен и клучен за вашиот иден развој.

Полска успеа да изгради многу добра билатерална соработка и ние работиме на нејзино понатамошно развивање. На пример, пред две седмици нашиот претседател беше во официјална посета на Северна Македонија во која имаше многу продуктивни средби и на политичко и на културно ниво. Според нас, овој процес функционира добро и насоката ќе се потврди во иднина.

Сакам да завршам со неколку кратки забелешки за нашата понуда за младите, за вас, за студентите овде во Северна Македонија. Работевме доста напорно во последниве неколку години за да создадеме интересна понуда за студенти и млади научници кои работат во земјите од Западен Балкан, бидејќи ова е групата која може да го има најпозитивното влијание врз соработката меѓу земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Северна Македонија. Потребно ни е добро образование и млади луѓе кои ќе ги остваруваат најдобрите можни контакти во многу држави. Би ве замолил да ги посетите нашите социјални медиуми и нашата веб-страница, бидејќи може да најдете интересни понуди од Полска.

ПРЕПОРАЧАНО