Економија

Намaлени приходите кај најголемите домашните месни компании

Кирко Бошкоски

Авторот е економист

Кој е кој во... месната индустрија– топ 20 компании за преработка и конзервирање на месо во земјава


Што покажуваат агрегираните податоци на Државниот завод за статистика?

Според податоците на Државниот завод за статистика, вкупното производството на месо во 2020 година изнесува 23 493 тони, што е за 5,1 % повеќе во однос на 2019 година. Ова зголемување пред се се должи на зголеменото производство на свинско месо кое во 2020 година изнесувало 14 930 тони и во однос на 2019 година е зголемено за 11,6 %. Од останатите видови на месо, во 2020 година се произвеле вкупно 3 886 тони говедско месо (намалување за 4,8 % во однос на 2019 година), 3 183 тони овчо месо (намалување за 6,2 %) и 1 494 тони живинско месо (зголемување од 0,3 %).
Во 2020 година вкупниот број на говеда во Македонија е 222 202, од кои 8 051 се во сопственост на деловни субјекти, а 214 151 се во сопственост на индивидуални земјоделски стопанства. Во 2020 година, во однос на 2019 година, вкупниот број говеда е зголемен за 2,0 %. Бројот на говедата кај индивидуалните земјоделски стопанства е зголемен за 1.1 %, додека бројот на говедата кај деловните субјекти (земјоделските претпријатија и земјоделските задруги) е зголемен за 37.0 %
Вкупниот број на свињи во 2020 година е 164 074. Од нив 47 287 се во сопственост на деловни субјекти, а 116 787 на индивидуалните земјоделски стопанства. Бројот на свињите кај деловните субјекти во 2020 година, во споредба со 2019 година, е зголемен за 67.8 %, додека кај индивидуалните земјоделски стопанства е зголемен за 8.5 %.
Од вкупниот добиток во 2020 година намалување во однос на претходната година има само кај бројот на овци. Во 2020 година ги имало вкупно 630 634 и се намалиле за 8 % во однос на 2019 година. Намалувањето на бројот на овците кај индивидуалните земјоделски стопанства е 7.3 %, а кај деловните субјекти бројот на овците е скоро преполовен за 47.0 %.
Бројот на живината во 2020 година е зголемен за 5.2 % во однос на претходната година. Вкупната живина во 2020 година била 1 643 462.

Какви се состојбите на ниво на компанија?


На почетокот само да напоменеме дека за оваа анализата земени се предвид само компаниите на кои според националната класификација на дејности главна дејност им е преработка и конзервирање на место (10.11). Кога би ги анализирале и компаниите на кои ова не им е примарна дејност, но се занимаваат со неа, тогаш сликата би била поразлична и значаен дел од производството и прометот со месо би припаднал и на овие компании на кои не им е примарна дејност, како што е Пекабеско АД на пример. Но на нив ова не им е примарна дејност и затоа нема да се дел од оваа анализа.

Според податоците од БизнисМрежа.мк, во Македонија минатата година имало вкупно регистрирани 44 субјекти во месната индустрија т.е во индустријата за преработка и конзервирање на месо. Од нив, според големината, по 19 компании се микро и мали компании, а 6 компании се со средна големина.
Во однос на територијалната распределба, најмногу компании има во градот Скопје, 13. Потоа следуваат Куманово со 5, Струга и Струмица со по 4, во Прилеп има 3 компании од месната индустрија итн.
Доколку ги погледнеме бројките на овие компании во однос на остварените приходи, на остварената добивка, како и вкупниот број на вработени, состојбата во Македонија во месната индустрија е следнава: според приходите, топ 20-те компании од месната индустрија лани оствариле вкупни приходи од 3,38 милијарди денари или околу 55 милиони евра, што е за околу 1,1 милион евра помалку во однос на 2019 година. Од овие 20 компании во 2020 година, само 5 оствариле зголемување на приходите, додека останатите 15 компании забележале намалување на приходите кое се движело во распон од 0,82 отсто до 27,75 отсто. За една компанија немаме податок за 2019 година.

Ако рангирањето се прави според индикаторот добивка, тогаш можеме да заклучиме дека кризата предизвикана од корона вирусот негативно се одрази врз профитот на овие компании. Имено, од целата месна индустрија во нашата земја и во 2019 и во 2020 година само 16 компании прокнижиле добивка. Тие во 2020 година оствариле вкупна добивка од 127,9 милиони денари или околу 2,07 милиони евра. Ова претставува зголемување од 250 илјади евра во споредба со 2019 година кога нивната добивка била околу 1,82 милиони евра. Ова мало зголемување дава позитивна искра на надеж дека состојбите во оваа индустрија ќе одат во позитивна насока во наредниов период. Од овие 16 компании, 10 компании имале намалена добивка во 2020 година при што падот се движел во распон од 3,4 отсто до 100 отсто, додела зголемување на добивката имале 5 компании во распон од 20,9 отсто до фантастични 245,1 отсто.

Кога станува збор за бројот на вработени, кај топ 20-те компании лани биле вработени вкупно 1 018 лица, за 27 повеќе во однос на 2019 година. Тоа значи дека и покрај кризата предизвикана од пандемијава, немаме поголеми отпуштања на вработени, што секако е позитивен сигнал. Само кај 6 компании има намалување на бројот на вработени, 12 компании го зголемиле бројот на вработени, додека во 2 компании бројот на вработени останал ист.

Во согласност со податоците од БизнисМрежа.мк, во 2020 година кај првите топ 5 компании имаме намалување на приходите во однос на претходната 2019 година. Имено, компанија со најмногу остварени вкупни приходи била МИК СВЕТИ НИКОЛЕ. Таа лани остварила вкупно приходи од 818 299 382 денари или околу 13,3 милиони евра, што во однос на претходната 2019 година кога остварила 865 23 2605 денари (14.3 милиони евра) е намалување за 5,42 отсто.
Оваа компанија покрај намалените приходи лани остварила и намалена добивка за дури 45,79 отсто. Профитот во 2020 година изнесувал 2 036 834 денари или само 33 илјади евра.
Исто така оваа компанија е и најголемиот работодавач во оваа индустрија со 237 вработени лица во 2020 година, за еден повеќе во однос на претходната година.

Втора компанија според остварените приходи во 2020 година е ЕКСТРА МЕИН од Куманово со приходи од 673 047 636 денари или околу 10,9 милиони евра, што е за 0,82 отсто помалку во однос на 2019 година. Според индикаторот добивка пак тие го заземаат првото место со профит од 70 860 032 денари или околу 1,15 милиони евра. Оваа добивка во однос на 2019 година е зголемена за 20,9 отсто. Според бројот на вработени во 2020 година тие се трета компанија во која својата егзистенција ја остваруваат 147 лица, 8 повеќе во однос на 2019 година.
Потоа следуваат РИМЕС МС ГРОУП ДОО Скопје кои со вкупни приходи од 542 493 703 денари се на трето место (намалување за 0,95 отсто), СОЛЕТА ДОО Скопје (265 342 482 денари, намалување од 2,36 отсто) и ФИ-СА КОМЕРЦ Љупка ДООЕЛ Скопје (172 436 754 денари, пад од 16,48 отсто).
Според индикаторот добивка, покрај ЕКСТРА МЕИН од Куманово, во топ 5 во 2020 година уште се МИП-МАРФИЛ ДОО Прилеп со вкупна добивка од 11 532 937 денари или околу 187 илјади евра, што е пад од 21,35 отсто во однос на 2019 година. На трето место е ЦРН БИК Нијази ДООЕЛ-Куманово (добивка од 9 976 502 денари или околу 162 илјада евра, зголемување од високи 174,3 отсто), а четврта компанија е ФИ-СА КОМЕРЦ Љупка ДООЕЛ Скопје со добивка од 7 800 484 денари или околу 126 илјади евра, пад од 3,4 отсто споредено со 2019 година. На петтото место е компанијата РИМЕС МС ГРОУП ДОО Скопје која во 2020 година има најголемо зголемување на профитот од фантастични 245,1 отсто. Нејзината добивка била 7 139 619 денари или околу 116 илјади евра. Оваа компанија е и второрангирана според бројот на вработени лица. Во неа во 2020 година работеле 189 лица, 7 повеќе во однос на 2019 година.
Според овој индикатор (број на вработени), во топ 5 најголеми работодавачи покрај ЕКСТРА МЕИН, РИМЕС, и МИК СВЕТИ НИКОЛЕ уште се и СОЛЕТА ДОО Скопје со 115 лица (намалување на бројот на вработени за 4 лица) и МИС ГЛОБУС ДОО Скопје со вкупно вработени 56 лица, што претставува зголемување за 6 лица во споредба со 2019 година.
Во очекување на што побрзо завршување на пандемијата од компаниите велат дека ќе продолжат со континуирано подобрување пред се на квалитетот на своите производи со кои очекуваат и покрај големата конкуренција од увоз, да продолжат да ги задоволуваат потребите како на домашниот пазар така и останатите европските пазари.


(Економија и бизнис, печатено издание, октомври 2021г.)
(Извор на податоци: www.biznismreza.mk)

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано