Интервјуа

Бухер: Шпаркасе банка Македонија е сега на четвртата позиција на банкарскиот пазар

Георг Бухер

Претседател на Надзорен одбор на Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје и член на Управен одбор на Штаермеркише Шпаркасе Банка Грац

Процесот на преземање на Охридска банка од страна на Шпаркасе банка Македонија започна во 2019 година, но процесот на целосна интеграција е веќе при крај. Која е Вашата оценка за процесот на интеграција и неговиот исход? Кои беа клучните сегменти на процесот?

Г. Бухер: Интеграцијата на двете банки не беше само висококомплексен ИТ-проект, туку и прво спојување на банки во Северна Македонија. И покрај комплицираните услови предизвикани од ковид-19 успеавме да спроведеме непречен процес на интеграција.
Резултатот, односно успешната интеграција беше еден од најважните проекти за Штаермеркише шпаркасе во регионот на Западен Балкан во последниве неколку години. Сега имаме уште посилна и поконкурентна банка на пазарот која ќе биде четврта по големина банка во Северна Македонија.
Најважните клучни сегменти во процесот беа склучувањето на продажбата, спроведување на барањата на групацијата, миграцијата на податоци, како и техничката и правната интеграција поврзани со денот на започнување со работа (Go-Live).

Кој беше најголемиот предизвик при извршувањето на преземањето?

Г. Бухер: Еден од нашите најголеми предизвици во последниве две години беше долготрајниот процес на длабинска анализа, како и одржувањето на правецот на овој комплексен проект за време на рестрикциите во движењето поради ковид-19. Функционирањето како два различни ентитети на пазарот и усогласувањето со законите за заштита на податоци и банкарска тајна – без никаква размена на информации за клиентите – беше предизвик за целото времетраење на овој проект, иако Шпаркасе банка Македонија и Охридска банка имаа ист сопственик.

Што кажуваат бројките за Шпаркасе банка Македонија по успешниот процес на интеграција?

Г. Бухер: Со успешното завршување на процесот на преземање, Шпаркасе банка Македонија ја прошири базата на клиенти и го зголеми својот пазарен удел на 13,4 % во сегментот на население и 15,1 % во корпоративниот сегмент. Интегрираната банка сега ќе опслужува повеќе од 140 000 клиенти, преку 35 експозитури и распространета мрежа на банкомати на приближно 100 локации низ земјава. Јас сум многу горд на овие зголемени бројки, како и на луѓето и на нивните достигнувања кои се одговорни за овој успех.

Која ќе биде позицијата на Шпаркасе банка Македонија на македонскиот банкарски пазар?

Г. Бухер: Задоволен сум со тоа што го зголемивме речиси за три пати нашето присуство во Северна Македонија и се етаблиравме како референтна банкарска групација во земјава. Шпаркасе банка Македонија влезе во групата на големи банки и сега е на четвртата позиција на банкарскиот пазар – втора во корпоративниот сегмент и трета во сегментот население.

Како ги оценувате досегашните достигнувања на Шпаркасе банка Македонија? Кој е стратешкиот поглед на Шпаркасе групацијата во однос на иднината на Шпаркасе банка Македонија?

Г. Бухер: Остварувањата на Шпаркасе банка Македонија се на задоволително ниво. Бележиме зголемување на бројот на кредити и средства во изминативе години, нашите депозити од населението се зголемуваат, што е голем знак за доверба во нашиот „Шпаркасе“ бренд, а истовремено и ги намаливме нашите нефункционални кредити во споредба со претходните години. Имајќи ја предвид ситуацијата со пандемијата од минатата година, која со сигурност влијаеше и врз целокупната економија на Северна Македонија, ние сме многу задоволни со резултатите на Шпаркасе банка Македонија.
Со присоединувањето на Охридска банка кон Шпаркасе банка Македонија имаме зголемен капацитет за финансирање со што ќе можеме да покриеме многу поголем дел од финансиските потреби на водечките македонски компании. Кога станува збор за меѓународните и ЕУ-компании и инвеститори активни во Северна Македонија, Шпаркасе банка Македонија со својата стручност и сеопфатност во услугата ќе биде природен партнер за нивниот бизнис.
Кога станува збор за населението, како и за малите и средни претпријатија ќе продолжиме да развиваме модерни и дигитални банкарски производи и целосно да се фокусираме на квалитетот и на грижата за клиентите.

Каков вид поддршка од аспект на нови услуги треба да очекуваат клиентите на банката по интеграцијата?

Г. Бухер: Ќе работиме на проширување на дигитализацијата. Наша цел е во Северна Македонија наскоро да ја донесеме групациската платформа за електронско банкарство која се вика „Џорџ“. Како дел од Ерсте групацијата и Штаермеркише шпаркасе, Шпаркасе банка Македонија ќе опслужува големи меѓународни и локални корпоративни клиенти за сите нивни финансиски потреби.
Ние веќе нудиме ФИТ-плаќања (брзи и ценовно ефикасни прекугранични трансфери во склоп на мрежата на Ерсте групацијата и Групацијата на штедни банки), како и бесплатни услуги на сите банкомати во рамките на банките во групацијата (7 600 банкомати на банките во Групацијата во земјава и во странство; 11 држави – 1 услуга). Исто така ќе работиме и на идниот услужен модел во експозитурите – нашата цел е да се зголеми дигитализацијата и во нашата мрежа на експозитури.

Дали се размислува за капитална инјекција во Шпаркасе банка Македонија во блиска иднина со цел да се поддржи понатамошниот развој на банката? Како ја оценувате капиталната позиција?

Г. Бухер: Шпаркасе банка Македонија има солидна капитална позиција. Ги исполнуваме барањата на Народна банка на Република Северна Македонија. Ќе ја поддржиме и нашата локална банка, доколку има потребна во иднина. Тука сме од 2007 година и ќе останеме и во иднина.

Шпаркасе групацијата го покрива регионот на Западен Балкан. Како ја гледате иднината на регионот?

Г. Бухер: Со процесот на интеграција ние испративме важна порака за целиот регион. Западен Балкан, особено Северна Македонија е регион со висок потенцијал за развој. Се гледаме себеси како силен и долгорочен инвеститор во регионот на Западен Балкан. За да ги финансираме проектите во полето на енергијата, на инфраструктурата, на дигитализацијата и на иновацијата, нашиот фокус ќе биде кон понатамошното проширување и зајакнување на потенцијалот на целиот регион. Ова е нашиот начин на инвестирање во иднината и за генерациите кои доаѓаат. „Одливот на мозоци“ е тековен предизвик за регионот. Со нашите мерки сакаме позитивно да работиме за решавање на овој проблем. Наша цел е да создадеме професионална перспектива за младите луѓе во нивните земји и да ја минимизираме емиграцијата.

Кажете ни малку повеќе за присуството на Групацијата и нејзините планови за иднината на регионот?

Г. Бухер: Како еден од најголемите странски инвеститори во земјава, заедно со силата на Ерсте групацијата, Штаермеркише шпаркасе има намера да продолжи и да ја интензивира својата поддршка за да се привлечат повеќе висококвалитетни и стратешки странски инвеститори во земјава притоа активно промовирајќи ја и поддржувајќи ја Северна Македонија на патот кон ЕУ. Потенцијалното членство во ЕУ е следен голем исчекор за земјава да продолжи да се движи во вистинскиот правец. Како сигурен партнер значително ќе придонесеме оваа политичка одлука да оди напред.

Вие сте член на Управниот одбор на Штаермеркише шпаркасе групацијата во Австрија. Како Австрија се справува со пандемијата предизвикана од ковид-19?

Г. Бухер: Минатата година бараше многу од сите нас. Јавниот живот каков што го знаевме повеќе не можеше да опстои. Исто така австриските политичари направија сè што можат за најдобро да го водат народот во ова тешко време, со јасни мерки и инструкции. Бројот на нови заболени можеше да се контролира само преку сеопфатен безбедносен концепт. Населението исто така го даде својот придонес со дисциплинираното почитување на мерките. Откога започна вакцинацијата со забрзано темпо, ситуацијата станува сè полесна. Исто така и за Штаермеркише шпаркасе развивме строг безбедносен концепт со цел да ги заштитиме нашите клиенти и нашите вработени. Цело време сме во редовен контакт со нашите подружници со цел да можеме подобро да ја оцениме целокупната ситуација. Дигитализацијата стана секојдневие и сите научивме како да се справиме со неа. Со процесот на трансформација и спремноста да бидеме флексибилни ја издржавме кризата и докажавме дека Штаермеркише шпаркасе заедно со своите подружници е сигурен финансиски партнер.

Што се случува со австриската економија? Колку беше силно влијанието на пандемијата? Дали е во тек економско опоравување?

Г. Бухер: Две илјади и дваеста година беше премногу предизвикувачка година на глобално ниво поради здравствената и економската криза. Во брановидниот економски развој, реалниот БДП падна за време на 2020 година до 7,5 % и затоа колабираше посилно отколку за време на претходната финансиска криза (-3,8 %) во 2009 година. Првата половина на 2021 година е завршена и денес економската ситуација е многу подобра. Прогнозите на економските истражувачи се исто така позитивни и економското заздравување е веќе забележливо во Австрија. Стапката на невработеност се намалува, а стапките на пораст повторно се зголемуваат. Може да се очекува дека Штаермеркише шпаркасе ќе може да ги оствари планираните бројки и затоа сме во подобра ситуација во споредба со тоа како беше минатата година.

Во врска со иднината на банкарството, кои се според Вас најважните трендови што ќе ја оформат иднината?

Г. Бухер: Дигитализацијата е и понатаму еден од клучните зборови кога станува збор за иднината на банкарството. Стратегиите за спроведување на банкарските услуги преку повеќе канали и хибридните модели стануваат сè поважни и наскоро ќе бидат основен предуслов. Нашите клиенти веќе имаат пристап до широк спектар на дигитални канали. Заедно со Ерсте групацијата имаме еден од најиновативните онлајн банкарски системи во Европа. Наша цел е да ја понудиме оваа услуга за целиот регион на Западен Балкан. Заедно со колегите од интегрираната банка ќе работиме на негова имплементација и на други исто така важни остварувања.


 

Разговараше:Зоран Јовановски
(Економија и бизнис, печатено издание, јули/август 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО