Финансии / Банкарство

Склучен нов Меморандум за соработка помеѓу Народната банка на Република Северна Македонија и Хрватската народна банка

Гувернерот Вујчиќ: ХНБ продолжува со поддршка на Народната банка, којашто е позитивен пример во регионот

 

Нашата централна банка и Хрватската народна банка имаат одлична соработка. Народната банка на Република Северна Македонија се издвојува меѓу позитивните примери во регионот, а централната банка на Хрватска е нејзина голема поддржувачка во определбата за постигнување на најновите и највисоките меѓународни стандарди.

Ова, меѓу другото, беше истакнато денес, при склучувањето Меморандум за соработка помеѓу Народната банка на Република Северна Македонија и Хрватската народна банка (ХНБ), со што започна неколкудневната работна посета на гувернерот на ХНБ, Борис Вујчиќ.

„Колегите од ХНБ и јас имаме постојана одлична и конструктивна соработка со вашата централна банка и со гувернерката, Анита Ангеловска-Бежоска. Од лично искуство, можам да сведочам за нејзиниот исклучителен придонес во работата на сите форуми на кои учествуваме, како што е нашата заедничка конституенца во ММФ или Виенската иницијатива. Македонската економија може да биде горда на стручноста и работниот капацитет на раководството, како и на севкупниот тим на вашата централна банка којашто е одлична институција и според релативно строгите стандарди на централните банки. Со овој меморандум, нашата соработка добива и нови димензии, опфаќа нови сфери и области, коишто всушност се нови и актуелни и во глобални рамки. Уверен сум дека двете централни банки секогаш ќе имаат партнерски однос. Хрватската народна банка секогаш ќе биде силна поддржувачка на НБРСМ на патот кон Европскиот систем на централни банки, затоа што се покажа дека со својот капацитет и подготвеност, тоа е стратегиското место каде што припаѓа.“ – истакна гувернерот Вујчиќ, по потпишувањето на Меморандумот.

„Со овој нов меморандум, не се почнува, туку уште повеќе се продлабочува една исклучителна и многу важна меѓуинституционална, меѓународна соработка. Важно е и што Mеморандумот се склучува во важен период – период исполнет со бројни предизвици за централните банки поврзани со пандемијата, но и период во кој ни претстојат клучни предизвици на европскиот пат. Соработката особено ќе ја продлабочиме во однос на предизвиците коишто сѐ повеќе стануваат дел и од агендите на централните банки како што се климатските промени, зелените финансии и предизвиците поврзани со финансиските иновации. Финансиските иновации можат да дадат значителен придонес за поголема финансиска инклузија со бројни придобивки за економиите, но тоа оди рака под рака и со потребата за заштита на потрошувачите на финансиски услуги, вклучително и преку зголемување на нивото на финансиска писменост, што во регионот заостанува зад развиените европски економии. Оттаму, во фокусот на нашата соработка ќе биде и заштитата на потрошувачите.“ – посочи гувернерката, Анита Ангеловска-Бежоска.

Таа искажа големо задоволство од досегашната соработка со ХНБ и упати благодарност до ХНБ и до гувернерот Вујчиќ за сета досегашна поддршка, во однос на низа прашања значајни за нашата централна банка. „Верувам дека новиот меморандум ќе ни овозможи уште посилно и попродлабочено да продолжиме со градењето на нашата соработка  и  пријателство, што е од интерес не само за нашите институции, туку и за нашите економии во целина.“ – нагласи Ангеловска-Бежоска.

Спроведувањето на Меморандумот започнува веднаш и во рамките на работната посета на гувернерот Вујчиќ, веќе се одржуваат состаноци на коишто покрај него и гувернерката Ангеловска-Бежоска, учествуваат поголем број експерти од нашата централна банка и покрај размената на искуства, се разговара и за повеќе прашања на кои им ќе се посвети внимание во натамошната соработка.

ПРЕПОРАЧАНО