Бизнис

Трансфер на технологија или поттикнување на развојот на домашните претпријатија?

Валентин Пепељугоски

Авторот е aдвокат

− Има ли Северна Македонија адекватна стратегија? − 


Анализите на добрите деловни практики и политиките кои ја инволвираат интелектуалната сопственост (ПИС), трансферот на технологијата и развојот укажуваат дека е тешко да се постигне позитивна корелација меѓу овие области.
За подобро да се разбере врската меѓу ПИС, технолошкиот трансфер и развојот во светот се правени и се прават разни анализи за очекувањата на земјите во развој. Анализите покажуваат дека за да се поттикне развој на овие земји преку технологијата мора да се востанови ефикасен и флексибилен систем на ПИС и да се промовираат локалните иновации. Всушност, потребно е да се најде вистинскиот баланс меѓу економската профитабилност преку заштита на ПИС и грижата за одржлив развој кога се пренесува технологијата. Истовремено се бара одговор на прашањето кои области треба да имаат бенефит од трансферот на технологијата. А одговорот е дека трансферот на технологијата мора да ја промовира реализацијата на развојните цели кои се утврдени во агендата за развој на една влада.

Едно од прашањата кое легитимно се поставува е прашањето дали да се користи директен или индиректен трансфер на технологијата. Развиените земји повеќе го практикуваат индиректниот трансфер – преку основање на свои компании во земјите во развој, додека земјите во развој повеќе се стремат кон директен трансфер – национални оператори кои прават приватни инвестиции при што бараат странски партнери кои ќе им пренесат технологија.
Постојат повеќе проблеми кои можат да се појават во овие случаи. Имено, заштитата на ПИС може да ја отежнува експлоатацијата на технологијата преку заштитата на патенти, индустриски дизајн, авторско право, лиценци и сл. Пронајдокот е најважниот производ од човековиот ум, чија ултимативна цел е да се комплетира превласта на мислата над материјалниот свет. Всушност, човештвото незапирливо се движи во тој правец за што потврда се и податоците дека нематеријалниот имот на компаниите кој изнесувал 17 % од вкупниот имот во 1975 година, во 2015 година изнесува дури 84 %.

Изборот на приоритети при трансферот на технологијата е интересно, но и многу проблематично прашање. Во последно време најчести приоритетни области се енергијата, ИТ-секторот, здравството, фармацијата, земјоделието и сл. Меѓутоа, дали фактот што во здравството технологијата е заштитена со многу патенти може да претставува бариера за локалните иновации и дали правата кои произлегуваат од патентите можат да ја редуцираат пренесената технологија поради големите надоместоци кои се плаќаат за лиценците? Дали на ваков начин се спречуваат локалните адаптации, генеричните лекови и сл.?

Напреднаведените прашања бараат анализа од владините агенции, но со вистинска стратегија за истражување и развој, ноу-хау, може да го поттикнат развојот. Потоа мора да следува дополнителен инвестициски циклус за подобрување, адаптирање и развој на веќе откупената технологија. Овој процес завршува со поднесување на пријави за патенти, полезни модели и индустриски дизајни.

Националните патентни заводи мораат да водат сметка при креирањето на националната политика на патентна заштита со цел да го поттикнат развојот на локалните иновации. Тоа не е случај со патентните заводи од регионот и од Северна Македонија. Напротив, националните заводи како да се заинтересирани само за нивното финансирање и речиси и да нема одбивање на пријавите за патенти на странските подносители.



Потврда за ова е и последниот извештај на Стејт департментот на САД каде што се даваат големи забелешки на работата на македонскиот завод (ДЗИС), особено во делот на патентите. Ваквите забелешки за нас кои ја следиме работата на ДЗИС се точни и оправдани. Состојбата дури е прикажана и „порозова“ од она што е. Имено, не се инвестира во развој на експерти и капацитетот на ДЗИС во секој поглед оди надолу. Тоа резултира со големо доцнење при решавање на предметите, особено оние предмети каде што се бараат одредени измени во пријавите, решавањето по приговорите и сл. Во последно време се забележува и тренд на неспроведување на одлуките на управните судови, па постапките траат недозволиво долго бидејќи ДЗИС не го почитува мислењето/ставот на управните судови.

Од 2018 година, со мерките на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) на Северна Македонија, се прават напори да земе поголем замав развојот на локалните иновации со цел да се развие домашната технологија . Предвидено е тоа да се прави со повеќе инструменти како што се кофинансирани грантови: за комерцијализација на иновации; за технолошка екстензија и инвестиции на акцелератори и за работа и инвестиции на деловно-технолошки инкубатори.

Промоцијата и заштитата на локалните иновации преку ПИС е подобра врска со развојот. Тоа е препознаено од страна на Владата, па ФИТР ги имплементира мерките од Планот за економски раст, столб 3 − финансиска поддршка. Во некои од мерките се предвидуваат активности за анализа, подготовка, стекнување и заштита на ПИС, а се признаваат и трошоци поврзани со тие постапки пред организации за стекнување на ПИС.

Со зајакнување на свесноста на бизнис-заедницата и академските центри за улогата на заштитата на ПИС и нејзината врска со трансферот на технологијата ќе се добијат позитивни резултати. Ако кон ова се додаде и фактот дека нашава Влада сфати дека ќе мора да се поттикне развојот на иновативноста доколку сака да постигне одржлив развој на економијата, сметаме дека и ДЗИС ќе мора да востанови препознатлива политика на заштита на ПИС, а особено на патентите. За жал, првичните резултати од активностите на ФИТР, гледани низ призмата на пријавени и регистрирани патенти, индустриски дизајни и трговски марки, не се позитивни. Бројот на пријавени патенти на домашни субјекти од 2016 до 2019 год. пораснал за повеќе од 100 %.



Сепак, поразителен е фактот што бројот на пријави на македонските субјекти во 2019 година изнесува само 4,5 % од вкупниот број на пријави. Не е за изненадување ако се види листата на држави од каде доаѓаат најголем број на подносителите на патенти во нашава држава. Субјектите од САД имаат 342 пријави или 31,1 %, Германија 130 (11,8 %), Велика Британија 69 (6,3 %), Швајцарија 57 (5,2 %).

Кај индустрискиот дизајн може да се забележи дека нема тренд на пораст, туку во 2017 година бројот на пријави пораснал за 59 % во однос на 2016 година, а во 2019 година во однос на 2017 година се намалил за една пријава (2,9 %).
Што се однесува до националната застапеност на пријавите на индустриски дизајн, најбројни се оние од Швајцарија 76 или 27,8 %, следуваат оние од Германија 37 (13,6 %), Франција 30 (11,00 %). Бројот на пријави на македонските субјекти е добар и изнесува 34 или 12,18 %.

Иако бројот на трговските марки не е показател за креативноста, тој е индикативен за степенот на заштита на ПИС. Забележуваме тренд на пораст на бројот на пријави на трговски марки од домашни субјекти. Во 2017 год. пријавите од македонски субјекти биле 14,66 % од вкупниот број на пријави, а во 2019 год. тој процент се зголемил и изнесува 19,59 %.

Ако кон овие податоци се додадат и податоците од СОИС заедно со INSEAD и Универзитетот Корнел за Глобалниот иновативен индекс (ГИИ) 2020 година , може да се заклучи дека македонската економија во однос на иновативности оди нагоре за 2 места. Имено, од рангирани 131 економија, нашава држава е на 57. место. Резултатите се базираат на 80 индикатори кои, меѓу другото, вклучуваат стапки на пријавување на интелектуална сопственост, однесување за пополнување, врвни универзитетски рангирања и научни и технички публикации.

Голем успех е постигнат според индикаторите за квалитет ISO9001 (22. место) и високо- и средновисоки технолошки производи (21. место), а подобрена е позицијата и во категоријата знаење и технологии според кои Северна Македонија е на 58. место. Според ГИИ, Северна Македонија има натпросечни оцени во пет од седумте столбови (институции, инфраструктура, софистицираност на пазарот, каде што е на 17. место, знаење и технолошки резултати и креативни резултати).
Петте најиновативни земји според ГИИ годинава се: Швајцарија, Шведска, САД, Велика Британија и Холандија. Од регионот најдобро позиционирана е Словенија на 32. место, следуваат Бугарија на 37., Хрватска на 41., Романија на 46., Црна Гора на 49., Србија на 53., БИХ на 74., Албанија на 83. Ваквото рангирање за познавачите на состојбите не е за изненадување. Сепак, нашава економија многу споро ја подобрува иновативноста, што укажува дека мора да се подобруваат некои инструменти во политиката на поттикнување на ФИТР. Ние сè уште се наоѓаме во групата на 37 земји со Upper Middle-Income Economics. Од земјите на поранешната држава полошо рангирана е само економијата на БИХ, а зачудува „високото“ 49. место за црногорската економија.


(Економија и бизнис, печатено издание ноември 2020г.)

 

ПРЕПОРАЧАНО