Општество

Унгарија: Кога независното радио ќе биде убиено

Љупчо Поповски

авторот е новинар

Одземањето на лиценцата на популарното независно Клубрадио е само последниот чекор во демонтирањето на плуралниот медиумски простор во Унгарија. Бројот на оние медиуми кои не се под капата на Владата на Виктор Орбан драматично се намалува.


Тоа дури веќе не изгледаше како скандал. Тоа беше само уште еден чекор во размонитирањето на демократијата во Унгарија кога на 15 февруари последното независно радио со седиште во Будимпешта ја загуби лиценцата за работа и неговата фреквенција ја снема од етерот. Клубрадио, кое постои од 2000 година, сега ќе продолжи да се емитува онлајн, неговите 300 000 корисници ќе мора да го бараат на компјутерите или мобилните телефони, а не да им биде незаобиколен содружник додека наутро со автомобил одат на работа.

Клубрадио не е класичен политички медиум. Тоа е радиостаница која светските и домашните настани ги покрива главно со хумор, емпатија, понекогаш гнев, но најчесто беше поврзано со левичарска агенда. Е, тоа беше неговиот главен проблем, затоа што во сегашната илиберална демократија на премиерот Виктор Орбан левичарството е еднакво на ерес. А тоа треба да се елиминира без оглед што тоа би можело да има уништувачки последици за слободата на медиумите не само во Унгарија туку и во целата Европска Унија.

Технологијата на размонтирањето на демократијата преку убивањето или подјармувањето на медиумите почна уште во првата година на новото владеење на Виктор Орбан во 2010 година. Во таа и наредната 2011 година Клубрадио загуби 90 отсто од приходите од реклами од владините агенции и компаниите водени од бизнисмени блиски до Владата. Но, ова не беше случај само со Клубрадио, туку и со другите независни и левичарски медиуми.

Кога сепак не можеше да се уништи со забраната за рекламирање, Владата се сврте кон административни постапки за ситни прекршоци. Тогаш Медиумскиот совет, составен од луѓе именувани од владејачката партија Фидес, одби да му ја продолжи лиценцата за емитување програма. Повеќе од 10 000 поддржувачи застанаа во одбрана на Клубрадио, а интервенираа и повеќе странски политичари, меѓу кои и тогашниот државен секретар на САД, Хилари Клинтон. Притисокот даде плод. Во 2013 година, лиценцата за емитување програма му беше продолжена на подолг рок.



Но, тоа беше само привремен напнат мир за популарната радиостаница. Владата на Фидес не се помири со тоа што мораше да попушти под притисокот. Беше казнувано, се наоѓаше на црната листа на медиуми кај кои на владините функционери им е забрането да гостуваат, беа запрени сите реклами од државните компании и агенции. Во еден чекор кон поголемо маргинализирање, медиумскиот регулатор му ги одзеде регионалните фреквенции на радиото и го остави да емитува приограма само во главниот град. Па, сепак, Клубрадио издржуваше, главно со донации на големи групи луѓе.

Неговиот директор, Андраш Арато, вели дека „војната против независните медиуми почна од првиот ден кога Фидес дојде на власт“. Многубројните затворања и преземања на медиумите тоа го покажуваат и преку фактографија. Во 2016 година, најголемиот печатен весник „Непсебдшаг“ беше затворен поради наводни финансиски причини откако лојалист на Орбан ја презеде компанијата која го издаваше.

Во 2018 година, веднаш по победата на Орбан на изборите, 476 медиуми – телевизии, радија, весници и портали – беа споени во еден гигантски централизиран медија холдинг, кој е изразито провладин. Орбан ѝ гарантираше на оваа компанија статус од „национална стратешка важност“ со која ја исклучи од проверките на институциите кои се занимаваат со конкурентноста.

Тогаш дојде 2019 година и локалните избори, кога либералниот кандидат за градоначалник победи на гласањето во Будимпешта. И не само таму, кандидатите на обединетата опозиција победија уште во десетина други големи градови. Партијата на Орбан, Фидес, беше растресена од поразот на нејзиниот кандидат кој дотогаш беше градоначалник на Будимпешта. Тоа беше прв голем изборен пораз на Орбан од преземањето на власта во 2010 година. И поразот не смееше да биде оставен неказнет, па партијата веднаш почна да ги презема чекорите поразот во главниот град да не се преслика и на парламентарните избори во 2022 година.

Прво требаше да се преземе „Индекс“, водечкиот независен портал во Унгарија. Беше употребен образецот од 2014 година кога провладиниот бизнисмен Миклош Васили го презеде „Ориго“, друг популарен независен портал и потоа го претвори во гласноговорник на Владата. Васили лани летото ја презеде и сопственоста на „Индекс“ што резултираше со оставка на речиси сите новинари во Редакцијата.

Потоа на ред дојде влијателното Клубрадио. За тоа беа направени потемелни подготовки пред да дојде на ред разгледувањето на продолжување на лиценцата за емитување. Во архивите можат да се ископаат многу работи, па така медиумскиот регулатор откри два ситни административни прекршоци од 2016 година и ги оцени како „повторени нарушувања“ и го блокираше продолжувањето на лиценцата. Работата се префрли во судовите преку жалбена постапка. Владата, за да го спречи долгиот жалбен процес, итно му предложи на Парламентот усвојување на амандмани на Законот за привремени лиценци и со нив тие веќе не можеа да се продолжуваат сѐ додека трае парницата. Во Градскиот суд на Будимпешта беше отфрлена жалбата на радиото. И Клубрадио на 15 февруари веќе не можеше да ја емитува својата програма во етерот.

Неколку дена претходно, на 12 февруари, 80 европратеници од пет политички групации со писмо ја повикаа Европската комисија да преземе „конкретна“ акција против замолчувањето на медиумите во Унгарија и Полска (таа во изминативе неколку години го презеде унгарскиот модел). Во исто време, делегацијата на Фидес во Европскиот парламент испрати „информациска белешка“ до сите европратеници од Европската народна партија во која наведува дека меѓународното покривање на контроверзијата за Клубрадио се „лажни вести и погрешни интерпретации“.

Европската комисија преку генералниот директор за комуникациски мрежи, содржина и технологија му испрати писмо на унгарскиот амбасадор во ЕУ во кое изразува загриженост дека одлуката на Медиумскиот совет за лиценцата на Клубрадио е во конфликт со европските закони и побара радиото да не се исклучува од етерот.

И САД се јавија со реакција. Вашингтон изрази „длабока загриженост за опаѓачкиот медиумски плурализам во Унгарија. Губењето на лиценцата за Клубрадио, како една од најпопуларните радиостаници во земјата, се заканува со заминување на уште еден независен глас од унгарските радиобранови“, изјави портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс.

Орбан, навикнат да нема посериозни последици за неговото илиберално владеење во западната демократска архитектура, ги отфрли овие забелешки. Преку владиниот портпарол Золтан Ковач, Будимпешта ги негираше забелешките дека Владата е вмешана. „Менаџментот на станицата е сам виновен за нејзиното повлекување поради флагрантно непочитување на радиодифузните одредби и губењето на случајот во судот“, рече Ковач. Тој уште додаде дека критиките на унгарскиот Медиумски совет се дел од „антиорбан агендата“.

Главниот уредник на Клубрадио, Михали Харди, осврнуваќи се на судбината на неговата радиостаница, изјави дека „дури и во Русија има независни радиостаници. Додека во Русија ги убиваат новинарите, во Унгарија го убиваат радиото – или самите медиуми“.

Слична е ситуацијата во Полска каде што националистичката владејачка партија Право и правда го презеде образецот на Орбан. Во декември 2020 година, државната рафинерија „Орлен“ купи 20 од 24-те регионални весници со што ги стави директно под државна капа, а со тоа го одреди и правецот на нивното известување. На почетокот на февруари, 43 медиумски организации, вклучувајќи ги и најголемите весници и магазини, како и водечката независна телевизија, го суспендираа покривањето на вестите поради зголемувањето на даноците на рекламите од 2 до 15 отсто во зависност од големината на компанијата. Тоа е голем товар за медиумите во кризните пандемиски времиња. Но, токму со товарот од пандемијата Владата ја образложи таа мерка, за овие нови приходи во државната каса да им помогнат на јавните финансии и тие пари да одат во здравството и културата. Во исто време, државната телевизија ТВП, главна пропагандна алатка на Владата, доби годишни субвенции од неверојатни 440 милиони евра. Според пресметките, со овие нови даноци медиумските компании ќе треба дополнително да платат 800 милиони злоти (околу 18 милиони евра), а глобалните технолошки гиганти како Фејсбук и Гугл само 100 милиони злоти.

Двете земји паднаа драматично на скалата на „Репортери без граници“. Унгарија на индексот на оваа организација во 2013 година беше на 53-тото место, а во 2020 е на 89-тото од 180 земји. Полска беше 22. во 2013 година, а во 2020 падна на 62-то место.


 

(Економија и бизнис, печатено издание. март 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО