Економија

Манова Ставреска: Ковид-19 нема да стави крај на глобализацијата, но ќе ја промени

Антонета Манова Ставреска

Авторот е економист

Пандемијата ковид-19 се појави на сцената на крајот на декадата во која глобалната интеграција беше под удар и предизвик на растечкиот економски национализам и протекционизам. Промените на светската сцена во насока на забавување на глобализацијата беа започнати уште пред почетокот на пандемијата со изборот на Трамп за претседател на САД во 2016 година и трговскиот спор меѓу САД и Кина. По падот предизвикан од глобалната финансиска криза во 2009 година, светската трговија не се поврати на стапките на раст пред кризата. Како последица на ковид-19, СТО предвидува светската трговија на стоки да падне меѓу 13 % и 32 % оваа година, во зависност од должината на кризата и мерките за нејзина контрола. Но, не е сè толку црно. Паралелно со негативната слика, на светската сцена се случуваат и позитивни работи. Пандемијата се случува во момент на голема технолошка и техничка експазија, дигитализација и иновации кои позитивно влијаат на глобализацијата. Всушност, ковид-19 претставува олицетворение на глобализацијата во неговото непочитување на границите, но може да предизвика најзначаен пресврт на глобализацијата каков што не е виден со децении од аспект на забрзан технолошки напредок, дигитализација и автоматизација.

Глобализацијата, или сè поинтегрираната глобална економија, е процес што датира многу одамна. Тој е придвижуван од техничко-технолошкиот напредок и континуираните иновации, од една страна, и зголемената либерализација на трговијата и пазарите на капитал, од друга страна.

Според Томас Фридман, глобализацијата минува низ три различни фази, секоја водена од „динамична сила“. Првата голема ера на глобализација траеше од 1492 година − кога Колумбо заплови отворајќи трговија меѓу Стариот и Новиот свет − до околу 1800 година. Во глобализацијата 1.0 динамична сила беше − колку земја, коњски сили, ветерна моќ или подоцна моќ на пареа − има вашата земја. Во оваа ера, земјите инспирирани од религијата или империјализмот ги рушеа ѕидовите меѓу народите, придвижувајќи ја глобалната интеграција.

Глобализацијата 2.0, траеше отприлика од 1800 до 2000 година, беше прекината од големата депресија и Првата и Втората светска војна. Во глобализацијата 2.0, клучен агент за промена − динамична сила што ја поттикнува глобалната интеграција − беа мултинационалните компании. Тие беа предводени од експанзијата на холандските и англиските акционерски друштва и индустриската револуција. Во првата половина на оваа ера, глобалната интеграција „се хранеше“ од намалувањето на трошоците за превоз благодарение на парната машина и железничката пруга, а во втората половина со падот на телекомуникациските трошоци − благодарение на инвенцијата на: телеграфот, телефоните, компјутерот, сателитите, оптичкиот кабел и интернетот. Во оваа ера видовме раѓање и созревање на глобалната економија во смисла на движење на стоки и информации од континент на континент, за создавање на глобален пазар.

Глобализацијата 3.0 го обедини светот и истовремено го израмни полето за игра. Динамичката сила во оваа етапа − она што ѝ дава уникатен карактер − е новооткриената моќ за соработка на индивидуите и конкурентност на глобално ниво. Во глобализацијата 3.0 моќта не се мери во коњски сили и хардвер, туку со знаење и софтвер − нови апликации во врска со создавањето на глобалната мрежа за оптички влакна што „нè направи сите нас соседи врата до врата“ (Фридман, The World Is Flat).

Пандемијата ковид-19 драматично го смени светот во кој живееме и начинот на кој живееме. Ниеден сегмент не е поштеден – како секојдневно живееме, купуваме, тргуваме, добиваме здравствени услуги, ги едуцираме децата и како меѓусебно комуницираме − приватно и професионално. Целиот свет, без разлика дали станува збор за единка или компанија, требаше да се адаптира брзо на новиот начин на живот. Компаниите мораа брзо да се прилагодат и да најдат нови начини на работа или да ризикуваат да се соочат со големи финансиски последици.



Како и при секоја нестабилност има губитници и победници. Пандемијата ковид-19 не е исклучок. Додека глобализацијата во форма на трговија на стоки и одредени услуги како што е патувањето е негативно погодена, други сектори како на пример здравството или ИТ-секторот имаат зголемена побарувачка. Работењето од дома ќе го зголеми протокот на податоци и дисперзирани, лесно разменливи професионални услуги. На тој начин, не само понудувачите на овие услуги туку и тие што ги даваат, како платформата Зум (Zoom) и провајдерите на широкопојасен интернет, се добитници. Човештвото наоѓа нови и иновативни начини на поврзување и соработка во услови на ковид-19. Тие се движат од глобални „хакатони“ за ковид-19, до луѓе што се поврзуваат на Линкдин со цел да соработуваат во дизајнирање и 3Д-печатење на делови за вентилатори. Во оваа смисла, светот станува сè поглобализиран во однос на протокот на идеи и решенија, а не само на производи.
Додека некои компании размислуваат како да преселат дел од своите синџири на снабдување во своите или други земји, некои компании воопшто не размисуваат за тоа. Ковид-19 и не беше лоша вест за сите сектори и дејности во економијата. Така, во научно-истражувачката дејност и фармацијата пандемијата ја поттикна брзата мобилизација на научниците во светот и поттикна невидена глобална соработка за развој на вакцина. Вештачката интелигенција и напреднатата компјутерска моќ ги олеснија брзиот развој и тестирањето на потенцијалните вакцини. Недостатокот на опрема за лична заштита (маски и штитови за лице) предизвика бран на иновации, па големи и мали компании и претприемачи започнаа да создаваат и да произведуваат маски за лице, штитови за лице и делови за вентилатори за да помогнат во решавањето на недостигот. 3Д-печатењето одигра важна улога во оваа иновација.

Ова се промени што ги гледаме. Но, какви се промените на ниво на компанија? Два настани играат централна улога во овој контекст: забрзување на дигитализацијата, автоматизацијата и иновациите, како и забавување на темпото на глобализација.
Пандемијата ковид-19 е катализатор за поголема дигитализација на сите сегменти од општеството. Така на пример, здравствената криза може да послужи како дополнителен поттик за компаниите да користат дигитална технологија со цел намалување на подложноста на кризи во сите области каде што е можно. На намалената побарувачката како последица на здравствената криза и мерките за нејзино надминување може да се одговори со градење на нова потрошувачка култура и насочување на трговијата преку интернет. Дигиталните решенија исто така можат да ги надополнат здравствените отсуства на работниците и да ја ублажат кризата со снабдување. Далечинската работа (од дома) интензивно ќе се користи во овој контекст. Кога станува збор за забрзување на дигитализацијата, поддршката за развој на технологиите како што се вештачка интелигенција, 5G и блокчеjн (blockchain), ќе добие поголема важност. На среден рок се очекува зголемената употреба на машини, на роботи и на други дигитални технологии во производните процеси. Овој тренд веќе е во полн ек бидејќи дигиталните технологии значително ја зголемуваат продуктивноста и ги намалуваат трошоците. Користењето на такви технологии за зголемување на отпорноста на економиите кон кризите е дополнителен поттик за нивна примена. Сепак, не сите индустрии и компании ги имаат истите можности да користат дигитални технологии за да ја намалат нивната ранливост кон кризи. Во тој контекст, прилагодувањето на индустриската политика кон овие нови реалности треба да има висок приоритет.

Од друга страна, пандемијата и мерките за затворање на економиите предизвикаа краткорочни проблеми во досегашниот систем на организација на производството, понудата и побарувачката во многу земји. Глобалните синџири на снабдување се резултат на третата етапа во процесот на глобализација (види слика). Компаниите го преместија производството надвор од сопствените земји, во странство, бидејќи тоа беше поекономично и поефикасно. Потрагата по наоѓање на доставувачи со најниски трошоци остави многу компании без „план Б“. Со пандемијата на виделина излегоа ризиците од сегашната поставеност на глобалните синџири на снабдување и производство, како и проблемите како резултат на одредени политики на глобалната сцена во последниве години. Слабостите не се сосема нови, но тие треба да бидат повик за будење дека тековните стратегии не се одржливи. Додека современите глобални синџири на снабдување веќе беа тестирани од американско-кинеската трговска војна и Брегзит, пандемијата ја потенцираше зависноста од мал број далечни доставувачи за потребите од медицинска и друга опрема. Голем број американски фармацевтски производи се произведуваат во Кина или Индија, или пак се направени од кинески компоненти. Така на пример, околу 97 % од американските антибиотици се од Кина.

Пандемијата дејствува како катализатор за реорганизација на глобалните мрежи за производство и снабдување. Компаниите бараат начини да ги направат своите синџири на производство помалку подложни на кризи и да промовираат еластичност, т. е. способност подобро да преживеат акутна криза и брзо да закрепнат. Тие ќе мора да се прилагодат во насока на балансирање на оддалеченста на доставувачите и изборот по принципот „најниски трошоци“. Бидејќи сигурноста и ефикасноста на снабдувањето сè уште ќе бидат релевантни прашања, очекуваме тенденција кон понатамошна диверзификација на синџирите за снабдување и зголемено градење залихи. Секако, складирањето чини пари, но и застој во производството − како што е сега случај со пандемијата − чини многу повеќе. Сепак, делумната загуба на ефикасноста за сметка на диверзификацијата е цената што, најверојатно, ќе мора да се плати за намалување на зависноста од набавки од далечни доставувачи.
Можеби најбитниот заклучок од здравствената пандемија ковид-19 е дека промените се случуваат побрзо отколку што се очекуваше. Која земја или поединец побрзо ќе се прилагоди на овие промени, ќе има конкурентска предност. Политиките што ја подобруваат прилагодливоста и прифаќаат промени се уште посуштински отколку порано. Земјите кои се заглавени во досегашниот систем и се прилагодуваат премногу бавно нема да одат напред во постковид светот.

(Економија и бизнис, печатено издание, февруари 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО