Економија

Петревски: Економистот како мајстор

Горан Петревски

Авторот е редовен професор на Економскиот факултет, УКИМ

Работата на академските економисти може да се подели во три подрачја: прво, образовна работа (економистот како учител); второ, научноистражувачка работа (економистот како научник); и трето, применета работа (економистот како учесник во економската политика или бизнисот). Првите две активности се извршуваат во училницата, во канцеларијата и во домот (всушност, во последнава година само во домот), а тоа значи дека економистот работи изолиран од реалниот свет. Наспроти нив, третото подрачје нуди можност економистот да се фрли во костец со практичните проблеми. Се разбира, сите три подрачја имаат соодветна улога и вредност: образовната работа е исклучително важна и благородна зашто низ неа економистот учител создава бројни генерации идни сметководители, трговци, банкари, менаџери и други профили чии секојдневни активности го чинат она што се нарекува економија; дејноста на економистот научник претставува корисна основа како на образовната така и на применетата работа; најпосле, третото подрачје му овозможува на академскиот економист да провери дали навистина „она што е во книгите не расте по нивите“.

Притоа практичната работа на академските економисти вообичаено се јавува во две форми: прво, тие учествуваат во водењето на економската политика на државата или во деловната политика на некоја фирма; второ, тие се ангажирани во применети проекти насочени кон решавање на некој конкретен проблем. Токму овој ангажман на економистите е тема на едно предавање на француско-американската економистка Естер Дифло (или Дуфло, во зависност од тоа дали презимето го изговарате во француската или во американската верзија) на кое таа дискутира за улогата на економистите во конципирањето на економската политика, со посебен осврт врз потребата од фокусирањето врз деталите кои, според неа, имаат пресудно значење во решавањето на практичните проблеми.

Во своето предавање по повод примањето на т.н. Нобелова награда за економија, Дифло објаснува како се родила нејзината идеја за економистот како мајстор. Во 1993/1994 година, таа била соработничка на тимот од познати американски економисти кои работеле како советници на руската влада во процесот на транзиција од централно-планска во пазарна економија. Во таа прилика, Дифло сфатила две важни нешта: прво, дека академските економисти можат да имаат големо влијание врз случувањата во светот; второ, дека нивното учество во економската политика се одвива на погрешен начин. Имено, кога се ангажираат во решавањето на практичните економски проблеми, академските економисти вообичаено ја играат улогата на инженери: тие ја дизајнираат економската политика, т. е. ги поставуваат основните концепти и шеми, а потоа целосно се повлекуваат и примената на нивните планови им ја препуштаат на политичарите и на бирократите.

Притоа, од моментот кога ќе ја завршат својата инженерско-дизајнерска работа, економистите воопшто не се интересираат за безбројните детали поврзани со практичната примена на нивните шеми. Со други зборови, економистите се преокупирани само со големата слика, односно со големите прашања кои го движат светот како, на пример: дали пазарниот механизам обезбедува подобра алокација на ресурсите од планската економија, дали приватизацијата да се спроведува случај по случај или масовно, во еден бран, дали е подобро прогресивното или пропорционалното оданочување, дали инфлацијата да се намали наеднаш (шок-терапија) или постепено, дали монетарната политика да се заснова врз монетарните агрегати или девизниот курс итн. Работејќи на овој начин, економистите навистина се однесуваат како инженерите кои само ги прават скиците за изработка на некој автомобил или градежен објект, но не одат непосредно „на теренот“ и не се замараат со „неважните“ прашања од типот на: дали жиците да бидат поставени лево или десно, дали во мешалката за бетон да се фрлат две или три лопати цемент итн. Едноставно, овие ситни работи не се достојни за вниманието на инженерите кои нив целосно ги игнорираат како неважни, убедени дека тие немаат сериозно влијание врз успехот на основниот проект. Поради тоа ваквите детали инженерите им ги препуштаат на мајсторите кои работат на конкретниот проект. Меѓутоа, кога ќе се урне некој надвозник или авион и кога истрагата ќе покаже дека причината за катастрофата била банална (неправилно поставена жичка, неквалитетен бетон итн.), дури тогаш станува јасно дека сè е во деталите.

Благородната и романтичарска идеја на Дифло да промени нешто во светот почнала да се остварува две децении подоцна, во 2003 година, кога заедно со неколку колеги ја започнала мрежата за борба против сиромаштијата, позната како J-PAL (The Abdul Latif Jameel Poverty Action Lab). Истовремено, работејќи како дел од оваа иницијатива, Дифло имала можност да ја провери исправноста на нејзината идеја дека академските економисти не треба да работат само како инженери, туку треба да ги засукаат ракавите и да почнат да работат и како мајстори. Во улогата како мајстор, економистот повеќе не е фокусиран врз големите светски прашања, туку бара начини да ги реши конкретните проблеми и компликации кои вообичаено предизвикуваат многу добронамерни реформи да не бидат ефективни или пак целосно да пропаднат.

Во таа смисла може да се наведат бројни примери во различни земји во кои обемните и скапи реформи, подготвени од врвни економисти, не ги дале очекуваните резултати, а често причината била банална. На пример, во 2007 година, во мароканскиот град Тангер била спроведена обемна програма за снабдување на населението со вода. Во рамките на проектот, низ градот била поставена нова водоводна мрежа, а во домовите на сиромашните луѓе биле изградени бањи. Иако на сиромашните семејства им биле понудени бескаматни кредити за да се приклучат на водоводот, одѕивот изнесувал само 10 %. Дополнителната анализа покажала дека причината на неуспехот на проектот била банална: луѓето морале да одат во општината и таму да поднесат соодветна документација. Кога проектниот тим ги посетил домовите на сиромашните и таму им ги фотокопирал потребните документи и им помагал да ги пополнат апликациите и да ги однесат во општината, за брзо време процентот на приклучување на градскиот водовод скокнал на 70 %. Во друг случај, успехот во примената на една програма за субвенционирано снабдување со ориз на сиромашните луѓе во Индонезија скокнал драстично откако на сиромашните луѓе им биле поделени картички во кои била наведена партиципацијата што требало да ја платат.

За читателите да не помислат дека ваквите примери се случуваат само во далечните сиромашни земји, ќе ги потсетам на големиот проект на македонската влада познат како „компјутер за секое дете“. Сама по себе идејата за инсталирање компјутери во основните училишта воопшто не е спорна, туку напротив, таа е за поздравување. Меѓутоа, што се случи со овој амбициозен проект? Владата навистина набави 100 000 компјутери, а дури потоа се утврди дека тие не се користат поради банални причини: некои училишта не се приклучени на интернет, некаде е лоша електричната инсталација, а речиси секаде нема вработени кои ќе ги одржуваат компјутерите. Крајниот резултат од овој проект не е нула, туку дебел минус зашто ем се потрошија големи пари ем компјутерите лежат фрлени по училишните подруми. Исто така не е лошо да се потсетиме што се случи со големиот проект, финансиран од Светската банка, за воведување на електронските здравствени картички: и во овој случај беа ангажирани странски експерти, беа потрошени големи пари, а проектот пропадна од банални причини: голем дел од амбулантите и болниците немаа компјутери или интернет, интернет-врската често паѓаше итн.

Според Дифло, горните примери ја покажуваат ползата од претворањето на економистите инженери во економисти мајстори. Имено, мајсторот се зафаќа со проблемите од реалниот свет и набљудува дали навистина функционираат поставките и принципите земени од економската теорија. Ако се покаже дека нешто не функционира, економистот мајстор не им робува на теоретските модели, односно не се однесува во стилот: ако теоријата не функционира во стварноста, тоа значи дека сè е во ред со теоријата, туку проблемот е во стварноста. Напротив, економистот мајстор постапува прагматично, т. е. ги воочува проблемите и веднаш бара практично решение, независно дали тоа е во согласност со теоријата. За разлика од економистот инженер кој мисли дека однапред знае како функционира светот, економистот мајстор е свесен дека во практичната работа ќе се соочи со бројни неизвесни нешта, со непредвидени детали и ќе бара решенија за проблемите што ќе се појават. Уште повеќе, во текот на практичната работа, економистот мајстор има прилика да ги сфати своите грешки и заблуди и да се поправи, односно да учи од грешките.

Според Дифло, ангажманот во практичните проекти им нуди големи придобивки на академските економисти зашто практичната работа претставува вистински тест за исправноста на економската теорија. Имено, теоретските модели кои ги прават економистите, по својата природа, се апстрактни зашто претставуваат само многу упростена слика на реалниот свет. Се разбира, за ова не можеме да им замериме на економистите зашто теоретскиот модел има смисла само ако е едноставен и апстрактен; впрочем, нема никаква смисла теоретскиот модел да го направите потполно верна слика на реалниот свет, т. е. кога веќе постои стварноста зошто би правеле нејзина копија. Традиционално, проверката на точноста на теоретските модели се врши со помош на емпириски (статистички) истражувања кои се прават на следниов начин: земате податоци за повеќе земји, фирми во текот на повеќе месеци или години, правите некои пресметки и добиените резултати ја „докажуваат“ или ја „негираат“ теоријата. Меѓутоа, покрај веродостојноста на податоците, проблемот со оваа постапка е во тоа што и самите статистички методи се засновани врз некои претпоставки, т. е. дури и тие ги отфрлаат деталите како неважни. Оттука, според Дифло, работата на практичните проблеми може да покаже дали теоријата навистина функционира. Во тој поглед, работата „на теренот“ може да покаже дека некои концепти и елементи на теоретскиот модел се неважни во реалниот живот, а наместо тоа некои други концепти имаат пресудно значење. На овој начин, практичната работа им помага на економистите да ги ревидираат своите теоретски модели преку исфрлање на теоретските поставки кои се практично ирелевантни или преку збогатување на теоретските модели со некои елементи за кои дотогаш се сметало дека се неважни, а кои се покажале како релевантни во праксата.

Уште поголеми се придобивките за политичарите кои, во соработка со економистите инженери плус мајстори, ќе ги соберат плодовите од примената на нивната политичка платформа. Се разбира, најголеми се придобивките за граѓаните, односно за крајните корисници на јавните услуги. Меѓутоа, економистите, независно од тоа дали се однесуваат како инженери или мајстори, не се ниту единствените ниту најголемите виновници за неуспешноста на проектите од јавниот сектор. Само ако знаењето на економистите се комбинира со добронамерни и способни политичари и со професионална и мотивирана државна администрација, парите на даночните обврзници нема да бидат бесцелно потрошени.

(Економија и бизнис, печатено издание, февруари 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО